Прејди на содржината

Неверство

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Таен миг“ од непознат автор

Неверство, прељуба, неверност или изневерување — прекршување на верноста во љубовта или бракот.[1][2] Неверството може во целост да се определи како прекршување на нормативен договор што го ограничува бројот на луѓе вклучени во романтична или сексуална врска, а со тоа и прекршување на забраната за истовремено одржување на други такви врски (и случајни и постојани).[3] Притоа, во врските што следат моногамна традиција, прекршување на договорот е вклучувањето на трета личност, додека во полигамните врски, неверството е вклучување на луѓе надвор од одреден, утврден круг. Според оваа определба, да се изневери значи свесно да се прекрши договор, однапред одреден (во романтична и/или физичка смисла) за избраниот тип врска.[4]

Одредени поведенија, како што се насочено и засилено покажување внимание кон други луѓе, особено во виртуелно општење (на социјалните мрежи и мобилните уреди), можат да се означат како микроневерство. Овој поим има главно новинарско значење. Полноважноста и коректноста на таквото обопштување на поимот неверство не биле активно расправани во научните кругови, а првиот научен напис посветен на ова прашање се појавил во 2018 г.[5]

Проучувањата покажуваат дека мажите имаат поголема веројатност да се вклучат во вонбрачен секс доколку се сексуално незадоволни, додека жените имаат поголема веројатност да го сторат тоа доколку се емоционално незадоволни. Кимел и Ван дер Вен откриле дека сексуалното задоволство може да биде поважно за сопрузите, додека сопругите се повеќе загрижени за усогласеноста со нивните партнери.

Едно проучување на Роско, Каванау и Кенеди покажало дека жените како главна причина за неверство го наведуваат незадоволството од врската, додека мажите наведуваат недостаток на општење, разбирање и полова неусогласеност. Глас и Рајт, исто така, откриле дека мажите и жените што се вклучени и во полово и во емоционално неверство, пријавиле дека се најмногу незадоволни во нивните врски. Општо земено, целосното незадоволство од бракот е најчесто пријавувана причина за неверство кај двата пола.[6] Постојат и многу други чинители што ја зголемуваат веројатноста за неверство. Поединците што покажуваат сексуално попустливи ставови и оние што имале голем број претходни сексуални врски, исто така имаат поголема веројатност да се вклучат во неверство.

Други чинители како што се добро образование, живеење во градски центар, помала религиозност, либерална идеологија и вредности, повеќе можности за запознавање потенцијални партнери и постарата возраст, влијаат на веројатноста за вонбрачна афера.[7]

  1. „неверство“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „неверство“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  3. Regan, Pamela C. (2015). „Infidelity“. The International Encyclopedia of Human Sexuality. стр. 583–625. doi:10.1002/9781118896877.wbiehs233. ISBN 978-1-4051-9006-0.
  4. Riso, Walter. La fidelidad es más que amor (шп.). — Богота: Grupo Editorial Norma,[англ.] 2003.
  5. Jennifer O'Connell. „What is a micro-cheat and are you one?“ (англиски). The Irish Times. Архивирано од изворникот 2020-10-26. Посетено на 2019-11-24.
  6. Sheppard, V. J.; Nelso, E. S.; Andreoli-Mathie, V. (1995). „Dating relationships and infidelity: Attitudes and behaviors“. Journal of Sex & Marital Therapy. 21 (3): 202–212. doi:10.1080/00926239508404399. PMID 7500371.
  7. Blow, Adrian J.; Hartnett, Kelley (April 2005). „Infidelity in Committed Relationships II: A Substantive Review“. Journal of Marital and Family Therapy. 31 (2): 217–233. doi:10.1111/j.1752-0606.2005.tb01556.x. PMID 15974059.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]