Невена Георгиева - Дуња

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Невена Георгиева Дуња)
Прејди на: содржини, барај
Ова е статија на партизанката. За училиштата кои го носат нејзиното име видете го списокот.
Невена Георгиева - Дуња.jpg
Родена 25 јули 1925
Скопје
Починала 6 декември 1942(1942-12-06) (воз. 17 г.)
Нежилово, Велешко
Занимање партизанка
Спомен обележје на Невена Георгиева - Дуња во Жена-парк во Скопје
Спомен обележје на Невена Георгиева - Дуња во Жена-парк во Скопје

Невена Николова Георгиева - Дуња (Скопје, 25 јули 1925 - Нежилово, Велешко, 6 декември 1942)[1] — македонска комунистка, припадничка на младинското, синдикалното и работничкото движење меѓу двете светски војни, учесник во НОВ од 1941 година.[2] Со своите 16 години била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена партизан во партизанските одреди на Македонија.

Биографија[уреди | уреди извор]

Георгиева станува борец на Скопскиот партизански одред при неговото формирање на 22 август 1941 година. По расформирањето на Одредот во ноември 1941, таа заминала во Велес, а во потоа во Струмица. Помагала во подготовките за излегувањето на Струмичкиот партизански одред од летото во 1942 година. Во мај 1942, во отсуство, таа била осудена на 7 години строг затвор. Во септември 1942 година станала борец на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“.

Загинала во судир со бугарската полиција и велешката контрачета на 6 декември 1942 година во велешко Нежилово. Откако тешко ја раниле, ѝ ја отсекле главата и ја набиле на кол и така ја шетале низ велешките села за да се заплаши востанатиот народ. За страв пак на граѓаните на Велес, нејзината глава ја ставија во еден централен излог.[3][4]

Смртта на Невена Георгиева е опеана во неколку песни од НОВ, меѓу кои и во песната „Пуста останала таја контра чета“.[5]

Во нејзина чест, две основни училишта, во Кисела Вода и Нежилево, го носат нејзиното име. Исто така, еден од студентските домови во Скопје го носи нејзиното име.

Во Жена-парк постои спомен-обележје посветено на Невена Георгиева - Дуња. Во 1969 година била поставена нејзина биста во основното училиште што го носи нејзиното име во Кисела Вода, а во 1978 година и во Студентскиот дом.[6] Во 2014 година нејзината биста во дворот на студентскиот дом е уништена,[7][8] а во 2016 била украдена и нејзината биста во основното училиште во Кисела Вода.[9] Во 2013 година била откриена нејзина спомен-плоча во Нежилово.[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 347-348 стр.
  2. „Велешки партизански одред 1942“, Скопје, 1999.
  3. „Велес и Велешко во НОВ 1941–1945“, Спомен книга, Т. Велес, 1985.
  4. Писма, Утрински весник, 29.07.2005 г.
  5. Лазо Каровски и Ѓорѓи М. Ѓорѓиев (ур.) „Македонски песни за народноослободителната борба“, Институт за фолклор „Марко Цепенков“, Скопје, 1980, 237-243 стр.
  6. Крсто Здравковски „Да не се заборави“ - Скопје, 1982, 145 стр.
  7. „И буквите од бистата на Дуња ги отстранија“, „Слободна Македонија“, 22 август 2016.
  8. „ФОТО: Положено цвеќе пред споменикот на Невена Георгиева - Дуња“, „CentarNews“, 16 декември 2013.
  9. „Украдени две бисти на народни херои во Скопје“, „Дневник“, 27.05.2016.
  10. „Откриена спомен-плоча на Невена Георгиева - Дуња“, Општина Чашка

Литература[уреди | уреди извор]

  • Стоилко Иваноски-Планински, „Невена Георгиева Дуња“, Скопје, 1998.