Небото над Берлин (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Небото над Берлин (германски: Der Himmel über Berlin) - германскo-француски филм од 1987 година, во режија на Вим Вендерс, кој е автор и на сценариото, заедно со Рихард Рајтингер и со писателот Петер Хандке. Филмот е познат и по насловот „Крила на желбата“ (Wings of Desire), а во него настапува и познатата рок-група „Ник Кејв енд д Бед Сидс“ (Nick Cave and the Bad Seeds). Главните улоги ги толкуваат: Бруно Ганц, Солвеиг Донмартин, Ото Зандер, Курт Бојс и Петер Фалк. Во 1987 година, на фестивалот во Кан, филмот бил номиниран за „Златната палма“, а Вендерс ја освоил наградата за најдобар режисер. Следната година, на доделувањето на Европските филмски награди, Вендерс и Бојс ги добиле наградите за најдобар режисер и за најдобар глумец во споредна улога, а покрај тоа, филмот бил номиниран и во категориите „најдобар филм“ и „најдобра камера“. Вкупно, филмот освоил 18 награди на разни фестивали, а покрај тоа имал уште 11 номинации.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Двајца ангели, Дамиел (го игра Ганц) и Касиел (го игра Зандер) пристигнуваат во Берлин и ги набљудуваат луѓето со нивните грижи, желби и соништа. Меѓу луѓето кои ги следат се старецот Хомер (го игра Бојс) и режисерот (го игра Фалк) кој снима детективски филм со дејство што се случува во Втората светска војна. Хомер се сеќава на минатото на Берлин и бара едно посебно место, додека Фалк го чувствува присуството на ангелите. Тие среќаваат и други ангели во градот при што само децата може да ги препознаат ангелите, кои се невидливи за возрасните луѓе. Во еден циркус, Дамиел ја среќава девојката што игра на трапез, Марион (ја игра Донмартин) и се вљубува во неа, поради што посакува да стане смртен човек. Марион, пак, е решена да ја напушти работата во циркусот и да ја пронајде својата животна среќа. Најпосле, Дамиел станува обичен човек и најпрвин го среќава режисерот, кој му кажува дека и тој порано бил ангел. Потоа, на еден концерт, Дамиел ја среќава Марион и тие си ветуваат заемна љубов.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]