Небиднина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Небиднина - потска збирка на Ацо Шопов, првобитно објавена во 1963 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Збирката се состои од песни, поделени во три циклуси:[1]

  • Молитви на моето тело, со следниве песни: „Раѓање на зборот“, „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“, „Втора молитва на моето тело“, „Трета молитва на моето тело“, „Четврта молитва на моето тело“, „Петта молитва на моето тело“, „Шеста молитва на моето тело“, „Седма молитва на моето тело“, „Осма молитва на моето тело - или кој ќе ја смисли таа љубов“, „Деветта молитва на моето тело“, „Десетта молитва на моето тело“ и „Последна молитва на моето тело“.
  • Купувачи на старо, со песните: „Старо купувам“ и „Романтично бегство“.
  • Песната и годините, со песните: „Долго живеам на ова место“, „Лузна“, „Има долу една крв“, „Квечерина“, „Очај пред тврдината“, „Небиднина“ и „Песната и годините“.

Изданија на книгата[уреди | уреди извор]

Првобитно, збирката била објавена во 1963 година од издавачката куќа „Кочо Рацин“. Во 1967 година, таа била објавена и од издавачката куќа „Македонска книга“, во рамките на едицијата „Наша современа поезија“. Ова издание било отпечатено во графичкиот завод „Гоце Делчев“, во Скопје, во август 1967 година, во тираж од 1.000 примероци. Технички уредник и автор на корицата е Коста Бојаџиевски, а коректурата ја извршила Вера Арсова.[2] Подоцна, „Македонска книга“ објавила уште неколку изданија на збирката, и тоа: во 1970, 1971, 1974 и 1976 година.

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Во „Небиднина“ Шопов ги остварил своите најавтохтони поетски творби, а збирката претставувала голема новост на македонската поетска сцена и извршила големо влијание врз развојот на современата македонска поезија. Во неа, на високо креативен начин, Шопов го возвишува симболот на небиднината како кованица за трагизмот на поединецот и на народот. Во неа доаѓа до најцелосен израз неговата смисла за рефлексивен исказ, за повеќеслојни семантички јадра и за компарирање на мотивските пунктови. Притоа, авторот ја избегнува опасноста од нагласениот рационализам, успешно синтетизирајќи ги поетските целости во кои се надополнуваат содржината и формата водејќи кон повеќезначаен естетски чин. Со овие две збирки, Шопов смело навлегол во пошироките национални и универзални духовни координати, а својата препознатлива поетска мисла ја зацврстил и ја доградил во автохтони целости кои се неодминливи во македонската поезија.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ацо Шопов, Небиднина. Скопје: Македонска книга, 1967.
  2. Ацо Шопов, Небиднина. Скопје: Македонска книга, 1967.
  3. Раде Силјан, „Светот на интимата и небиднината“, во: Ацо Шопов, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 11-14.