Прејди на содржината

Небеса

Од Википедија — слободната енциклопедија
Илустрација на францускиот уметник Гистав Доре (XIX век) за „Божествената комедија“ на Данте (1306 — 1321)

Небеса (множина од небо) — поим што го означува како физичкото небо, така и бесконечната вселена над него. Замислата е присутна во сите религии и свети списи, особено во Библијата. За верниците тоа е место истоветно со рајот.

Тоа е општо религиозно, космолошко или трансцендентално место каде живеат или царуваат богови, ангели, души, светци или почитувани предци.[1] Според верувањата на некои религии, небесните суштества можат да се спуштат на земјата или да се отелотворат, а земните суштества можат да се искачат на небесата во задгробниот живот, или во исклучителни случаи, да стигнат до небесата живи.

Во религиите

[уреди | уреди извор]

Во христијанството

[уреди | уреди извор]

Небото, освен што ја означува атмосферата, се однесува и на таканаречените Небеса на небесата — невидливиот, неопислив духовен свет, можеби токму она „трето небо“, за кое говори апостол Павле (2. Кор. 12:2). Таму, во висините небесни, се наоѓа светото место на Божјото сеприсуство; таму е Неговиот престол, таму Тој „оди по сводот на небесниот круг“ (Јов 22:14). Таму е и посебното присуство на Исус Христос (Дела 3:21), а таму и Светиот Дух ја пројавува Својата сеопфатна сила преку седумте огнени светила што горат пред Божјиот престол (Отк. 4:5). Овие небеса се живеалиште на ангелите од сите чинови. Таму, во местото на вечниот мир, престојуваат духовите на праведниците што достигнале совршенство (Евр. 12:23). Овие небеса се нарекуваат и Авраамова прегратка и рај. Светото писмо говори за небесни живеалишта, за небесна татковина, за небесниот град Ерусалим. Небесата се опишани како царство со свој град, свој храм, многубројни жители, венци на славата и извори на вечна свежина. Од тие висини, според христијанското учење, Исус Христос слегол на земјата, таму се вознел, и оттаму повторно ќе дојде за да им суди на живите и на мртвите.[2]

Христијанскиот рај е живеалиштето на праведните души по телесната смрт или по крајот на светот; тоа е местото на вечната награда за праведниците и првобитната татковина на човештвото. Во преносна смисла, рајот означува состојба на совршена блаженост. Традиционалното место на рајот се поврзува со Небесата, иако постои и претстава за земниот рај — Едем. Често се спротивставува на пеколот.

  1. McGrath, Alister E. (2003). A Brief History of Heaven. Malden, Massachusetts, Oxford, England, Victoria, Australia, and Berlin, Germany: Blackwell Publishing. ISBN 978-0-631-23354-1.
  2. Небо // Библейская энциклопедия архимандрита Никифора. — М., 1891—1892. (руски)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]