Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ (Битола)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Новиот објект на Универзитетската библиотека „Климент Охридски“

Универзитетска библиотека „Св. Кли­мент Охрид­ски” (службено позната како: Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Кли­мент Охрид­ски”) — универзитетска библиотека на Битолскиот универзитет.

Оваа културно-образовна установа во Битола има развиена библиотечна дејност и е сместена во строгиот центар на градот на ул. Ленинова бр.39 во Битола. Основана е на 25.03.1945 г. кога, со решение на Градскиот народен одбор, за првпат беше основана со името Градска народна библиотека во Битола. Првично беше сместена во просториите на поранешниот хотел „Турист“, наспроти денешниот Дом на култура.

Историја[уреди | уреди извор]

Стариот објект на библиотеката „Св. Климент Охридски„

Зачетоците на Националната установа - Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ датираат од далечната 1945 г. кога, со решение на Градскиот народен одбор, за првпат беше основана со името Градска народна библиотека во Битола. Почетокот беше скромен. Библиотеката броеше само 300 книги.

За рапидниот развој на Библиотеката многу придонесе одлуката од 1954 година, кога Библиотеката е прогласена за македонски депозит од страна на Друштвото на библиотекарите – Скопје, што значи добивање на задолжителен депозитен примерок од сите печатени материјали од цела Македонија. Бројот на публикации со кои располагаше Библиотеката се искачи на 12816 монографски публикации, а се создаде можност и за добивање периоднични публикации. Грижата на нашето општество за развојот на најмладите генерации придонесе за основање на Детска библиотека во 1955 година – најпрво во просториите на поранешната зграда на Пионерски дом, а четири години подоцна станува посебен оддел во составот на Градската библиотека. Исто така за првпат во составот на Библиотеката почнаа да функционираат и реонски библиотеки – клонови во Чинарот, Јени Маале и Стево Патако.

Периодот на шеесеттите години се разликуваше со крајно брз развој и потреба од создавање реонски библиотеки кои, во времето на своето постоење, одиграле значајна улога. Библиотеката прерасна во Матична библиотека во 1960 година, со што се зголемија нејзините задачи и обврски. Во 1964 година се формира подврзувачко одделение. Истата година се формира завештаен фонд и фонд на туѓа литература, каде на почетокот само се прибраа материјали и дробен печат. Оваа година е значајна затоа што излегува од печат првата публикувана книга за патронот на библиотеката „Климент Охридски“.

Во 1967 година во завештајниот фонд прибрани се ракописи на основоположникот на македонската книжевност за деца, Ванчо Николески. Со зголемувањето на обврските и задачите, се наметна потребата од поголем простор, така што во 1974 година Библиотеката се пресели во зградата на адаптираното хируршко одделение на ул. Ленинова 39. Истата година почна и изградбата на новото крило на Библиотеката чијашто конструкција се доврши до 1976 година. Со добивањето статус на членка на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, само една година по неговото основање, односно во 1980 година, Библиотеката во својот развој ја вградува и универзитетската компонента во нејзиното делување.

Во 1984 година библиотечните процеси се одвиваа преку осум организациони единици: комплетирање на библиотечен материјал, стручна обработка на монографски и периодични публикации, библиографско-библиотечни информации, позајмување и услуга, унапредување на библиотекарството, посебни книжни фондови, заштита и репрографија и општи служби. Процесот на автоматизацијата на библиотечните процеси почна во 1990, а две години подоцна направени се први online записи од роднокрајната литература.

Книжевниот фонд на библиотеката бележи постојан пораст, така што во 1995 Библиотеката располага со книжен фонд од околу 126. 940 монографски публикации и околу 286 периодични наслови. Наредната 1996 година набавен е Alpha опслужувач, со што почна комплетната библиографска обработка на библиотечниот фонд, со програмска поддршка на COBISS одржувана од IZUM – Марибор. Извршена е обука на вработените, со што се создадоа услови за комплетна ретроактивна библиографска обработка на библиотечниот фонд.

Придонесувајќи за збогатување на културниот живот, Библиотеката во 2004 година за првпат организира саем на книгата, „Саем – Битола 2004“, во Центарот за култура и оттогаш саемот преминува во традиција. Истата година, како резултат на трите проекти за автоматизација на библиотеките од западниот регион на РМ, Библиотеката стана регионален центар на библиотеките од западниот дел на Р Македонија. Во 2007 година фондот на Библиотеката содржеше над 500. 000 книги и бројни списанија со тенденција за постојан пораст.

Поглед библиотека во Битола

Во текот на годините библиотеката била и често преименувана:

  • Градска народна библиотека - Битола (1945 - 1947);
  • Дом на културата (1947 - 1952);
  • Градска библиотека (1952 - 1960);
  • Матична библиотека (1960 - 1964);
  • Матична библиотека „Климент Охридски” - Битола (1964 - 1980);
  • Матична и универзитетска библиотека „Климент Охридски” - Битола (1980 - 1995);
  • Матична и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски” - Битола (1995 - 2004) и
  • Национална установа - Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” - Битола (од 2004 г. до денес).

Историја на градба[уреди | уреди извор]

Потребата од поголем простор за сместување на библиотечниот материјал и растечкиот број корисници наложи изнаоѓање на нова локација за сместување на Библиотеката. Поконкретни акции почнаа да се преземаат во почетокот на 1971 година. Тогашниот директор, Методија Размовски, се зафаќа со најтешкиот зафат да се избори за изградба на нова библиотечна зграда што ќе претставува претставителна зграда во Општина Битола убедувајќи ги тогашните власти дека таа зграда ќе стане еден ден и универзитетска библиотека. Градот немаше средства да направи нова зграда. Размовски, како член на Претседателството на РКПЗ на Македонија и на други функции, ја искористи можноста да ги убеди тогашните челници на градот да учествуваат со готова зграда која би се адаптирала.

Во 1971 година направен е проект за адаптација на хируршкото одделение на старата болница „д-р Трифун Пановски“ за библиотека. Доделена е зградата на хируршкото одделение од старата болница. Новододелениот објект претставува споменик на културата. Објектот е изграден кон крајот на XIX век од познатата фамилија Пиника, како објект со просветно социјален карактер и бил користен како Женска грчка гимназија „Партенагогионт“. По Првата светска војна ѝ е подарен на Македонската православна црква. Кон крајот на 1973 и почетокот на 1974 година се врши преселба на Библиотеката во новите адаптирани простории. На 15.02.1974 година Библиотеката започнува со работа во новите простории.

Просторен развој и архитектура[уреди | уреди извор]

НУУБ „Св. Климент Охридски„ е во два функционално поврзани објекти, стар и нов објект. Стариот објект од зградата претставува споменик на културата од 03.03.1978 година, со решението издадено од „Заводот за заштита на спомениците на културата, природните реткости и музеј“ - Битола. Објектот влегува во состав на зона А од заштитеното градско јадро на Битола. Објектот е изграден кон крајот на XIX век од познатата фамилија Пиника,а по Првата светска војна, објектот е подарен на црквата, како објект кој ќе влегува во склоп на службените простории на Богословијата.

Во 1913 година на овој објект кој е составен од високо приземје, додаден е и кат. Според своите стилски одлики, објектот е претставник на електицизмот, со хармоничен и симетричен низ на отвори, како и карактеристични застаклени еркерни испусти на северната фасада. Објектот по спратови е поделен со богати хоризонтални венци, додека второстепената пластика е застапена и околу сите отвори на фасадата, и се менува од кат до кат. Во приземјето цоклето е од делкан камен. Правецот на носиви ѕидови е назначен во вид на столбови од второстепена пластика, кои на приземјето се од делкан камен, за на катовите да премине во различно профилирана пластика од фасаден малтер.

По преминувањето на објектот во државна сопственост, кон крајот на 1973 и почетокот на 1974 година извршени се градежни зафати во ентериерот со преградување и рушење на внатрешни ѕидови. Преземени се градежни интервенции со цел објектот функционално да се прилагоди за потребите на корисниците. Челно се влегувало во просторот каде биле сместени пултот за зајмување за возрасни, како и магацинот кој бил нареден по формат на метални полици. Од двете страни на ходникот се наоѓале читални чиј капацитет на прием на корисниците не ги задоволувал потребите.

Веднаш со доделувањето на овој простор во исто време започнува и доградбата на новиот дел на Библиотеката со помош на финансиски средства од Републиката. Во истата година, 1974, веќе е покриен новиот дограден дел од Библиотеката. Доградбата на овој дел траеше повеќе години и беше проследена со безброј тешкотии, но сепак, благодарение на одредени библиотечни работници, објектот беше дограден и опремен за работа во него. Официјално објектот е пуштен во употреба есента 1982 година, со што Библиотеката се здоби со толку потребниот простор за нејзино функционирање.

Со доградбата на новото крило, библиотеката се здоби со модерен корисен простор. Новиот влез во библиотеката се наоѓа на дваесетина метри северно од стариот влез, во кој се приоѓа преку десетина скали со две одморалишта обложени со мермер. Веднаш по влезот во библиотеката, од левата страна, се наоѓа простор за портирот и оставање на гардероба. Централно се влегува во голем хол каде што биле сместени картотеките за пребарување на библиотечниот материјал (азбучен и децимален каталог). Централно се наоѓа просторот и пултот за зајмување на книги за возрасни кој беше накнадно преграден и во кој беше сместено биро за подредување на џебовите на корисниците во кои се ставал картонот на книгата со која бил задолжени корисникот. На крајот од просторијата е сместен лифт кој комуницира со магацинот за монографски публикации и кој служи за достава на бараната литература од страна на корисниците или враќање на истата по нивната употреба.

Од десната страна на ходникот се наоѓале две читални опремени со маси и столици. Помеѓу нив се наоѓала просторија во која бил сместен работникот за популаризација. Веднаш по просторот за зајмување се наоѓа и третата читална, исто така опремена со маси и столици за корисниците. Лево од портирницата се наоѓа уште еден простор изграден за читална, но кој веднаш по изградбата на новиот дел е пренаменет и му е доделен на Друштвото за наука и уметност од Битола. Лево од ходникот продолжува друг ходник кој го поврзува приземјето на стариот и новиот дел, во кој од десната страна се наоѓа санитарен јазол. Веднаш до овој ходник изведени се кружни скали кои со движење нагоре го поврзуваат првиот кат и надолу, централно, просторот за чување и сместување на библиотечниот материјал.

Конзервација и реставрација на старата зграда[уреди | уреди извор]

Првите ентериерни и екстериерни реконструкции започнаа во 2001 и 2002 година кога е извршено екстериерно уредување на дворот пред и зад библиотеката со затревување и засадување на борови садници во предниот дел, изградба на фонтана, а во задниот дел расчистување на дворот, затревување и засадување на брезови садници. Во 2007 година изготвен е Проект за конзервација и реставрација на фасадата на старата зграда, а како инвенститор се јавува Министерството за култура. Работите започнаа во јуни, а завршија во август 2008 година, со што по долги години објектот го доби својот првобитен лик. Со оглед на тоа дека од страна на Министерството за култура не беа одобрени средства за промена на старата дограма од страна на Библиотеката, беше изготвен Проект како II фаза од Проектот за конзервација и реставрација на фасадата на старата зграда, насловен како Проект за замена на старата дограма на фасадата на старата зграда на Библиотеката. Со овој проект во 2009 година беа заменети сите постојни прозори со нови дрвени прозори изработени од масивно дрво, застаклени со термопан стакло.

Со изградбата на поткровјето Библиотеката се здоби со нови 500 метри квадратни корисна површина, кои ќе бидат употребени за уредување на сала со симултан превод, повеќе читални за корисници, простор за чување и зајмување на некнижен материјал и сместување на административниот персонал на Библиотеката. Со оваа надградба всушност вкупната корисна површина на Библиотеката изнесува околу 3.000 метри квадратни. Во 2010 година изготвен е и реализиран Проект за ентериерни, занаетчиски работи во стариот објект, за кој како инвенститор се јавува Министерството за култура. Со овој проект беа изведени следните работи:

- сите оштетени површини на ѕидовите во ентериерот беа санирани, а старата боја беше излупена, односно истружена до здрав слој; - таваниците беа изведени од гипскартон и глетовани; - променети се сите светлечки тела во просториите; - поставен е ламинат за под во сите простории на старата зграда; - бојадисувањето на таваниците и ѕидовите беше изведено во две бои; - сите дрвени и метални површини беа премачкани со мрсна боја.

Во 2010 година доставен е Проект за ентериерно уредување на влезот и ходникот во стариот дел до ЕЛЕМ. Истата година со донација на ЕЛЕМ ходникот е ентериерно уреден и во Библиотеката е поставена музејска поставка, која во моментот е единствена од ваков вид во Република Македонија. Изложени се експонати на редок библиотечен материјал, машини за печатење изработени во XIX век, како и опрема која се користела од самото формирање на Библиотеката до денес.