Национална банка на Данска
Националната банка на Данска (дански: Danmarks Nationalbank) е централна банка на Кралството Данска со седиште во Копехнаген. Од основањето во 1818 година, целта на Националната банка е да ја издава данската валута - круната, и да обезбеди нејзина стабилност.[1] Зградата во која се наоѓа седиштето на банката е дизајнирана од познатиот архитект Арне Јакобсен, во соработка со Ханс Дисинг и Ото Вајтлинг.
Историја
[уреди | уреди извор]Почетоците на Националната банка на Данска датираат во 1818 година, кога била формирана Националната банка во Копенхаген (Nationalbanken i Kjobenhavn). Дури многу подоцна, на 1 мај 1936 година, оваа приватна банка била национализирана и претворена во централна банка во државна сопственост под името Национална банка на Данска. Претходно, на 7 април 1936 стапил во сила Законот број 116, а истиот ден, на вонредна седница на акционерите на Националната банка во Копенхаген биле одобрени условите според кои новата централна банка ќе ја преземе старата. Според законот од 1936 година, основната цел на Националната банка било „да одржува безбеден и сигурен валутен систем во земјата и да ги олеснува и регулира прометот со пари и одобрувањето кредити“. Новата централна банка била основана со капитал од 50 милиони круни, а главни органи на управување биле: одборот на директори, комитетот на директори и одборот на гувернери. Одборот на директори го сочинувале 25 членови, и тоа: 8 членови на парламентот, двајца члена (еден економист и еден правник) именувани од министарот за трговија, индустрија и бродарство и 15 члена избрани од одборот на директори. Мандатот на членовите на одборот на директори бил утврден на пет години. Комитетот на директори го сочинувале двајцата членови на одборот на директори (економистот и правникот) и пет други членови од редовите на одборот на директори со мандат од една година. Најпосле, одборот на гувернери бил сосотавен од тројца членови, еден именуван од кралот, а другите од одборот на директори. Мандатот на гувернерите траел до навршувањето на 70 годишна старост.[2]
Монетарна политика
[уреди | уреди извор]Една од главните цели на Националната банка на Данска е да обезбеди ценовна стабилност, т.е. ниска инфлација. Од раните 1980-ти, монетарната политика била насочена кон одржување на стабилен девизен курс на круната, првично во однос на германската марка, а потоа и во однос на еврото. Данската национална банка е одговорна за спроведување монетарна политика и таа одржува фиксен курс во однос на еврозоната и учествува во Европскиот механизам за девизен курс, ЕРМ 2, со централна стапка од 746,038 круни за 100 евра со флуктуирачки интервал од +/- 2,25%. Данската национална банка ја спроведува монетарната политика со утврдување на каматните стапки, а на краток рок може да влијае на девизниот курс на круната со девизни интервенции, т.е. купување и продажба на девизи.[3]
Инструменти
[уреди | уреди извор]Банката ја спроведува монетарна политика со утврдување на каматните стапки. Притоа, таа ги применува следниве инструменти:
- Депозити на тековната сметка. Секоја данска банка има тековна сметка кај централната банка. На тековните сметки банките заработуваат камата. Централната банка поставува ограничувања на тековните сметки, т.е. го утврдува максимумот на вкупните депозити на тековната сметка на секоја банка. Одредувањето на ограничувањата на тековната сметка се оценува на годишна основа.[4]
- Неделни операции на отворениот пазар. На последниот банкарски ден во неделата, централната банка спроведува операции на отворен пазар во кои договорните страни можат да подигнат заеми врз основа на залог и да купуват сертификати за депозит издадени од централната банка. Вообичаено, заемите и депозитите имаат рок на достасување од седум дена. На заемите и депозитите се пресметува соодветна каматна стапка. Притоа, централната банка ги фиксира каматните стапки, а договорните страни слободно да го определуваат обемот на заеми и депозити.
- Дневно работење на отворениот пазар. Во сите други банкарски денови, централната банка врши продажба и купување на сертификати за депозит. При откупот на сертификатите за депозит, централната банка додава премија на каматната стапка на сертификатите и со тоа ги поттикнува договорните страни да ја обезбедуваат ликвидноста на пазарот на пари наместо да ѝ ги продаваат сертификатите за депозити на централната банка.
- Вонреден заем. Во март 2020 година, централната банка воспостави вонреден заем за привремено зголемување на пристапот на банките до ликвидност и за долгорочно финансирање.
- Операции за прилагодување на ликвидноста. Со цел да се поддржи политиката на фиксен курс, централната банка може да спроведува активности за приспособување на ликвидноста на пазарот на пари. Операциите може да се спроведат или како депозити или како размени на девизи. Банката ја распределува или апсорбира вкупната ликвидност преку аукција или спроведува билатерални трансакции. Операциите може да се спроведат со сите договорни страни или со помала група на договорни страни.
Финансиска стабилност
[уреди | уреди извор]Една од трите главни цели на Националната банка на Данска е да придонесе за стабилноста на финансискиот систем. Таа ја проценува финансиската стабилност во Данска и дава посебни препораки до релевантните страни и ги изразува своите ставови преку консултации, говори и слично. Покрај тоа, таа учествува во Советот за системски ризик. Во случај на финансиска нестабилност, централната банка делува како позајмувач во последен случај. Ако неколку кредитни институции истовремено се соочуваат со проблеми со ликвидноста, централната банка може да го прошири пристапот до заеми. Таков беше случајот за време на Глобалната финансиска криза, кога Данската национална банка воведе голем број привремени заеми во периодот од 2008 до 2012 година, а на кредитните институции им беше даден пристап да соберат заеми со подолг рок на достасување - 6 месеци и 3 години. Исто така, централната банка може да одобри итна ликвидна помош (ЕЛА) на кредитните институции на кои итно им е потребна ликвидност која не можат да ја набават на пазарот. За да се добие ЕЛА, кредитната институција мора да биде солвентна и да може да го врати заемот, како и да даде соодветен залог кај Националната банка за целиот даден износ.[5]
Платни системи
[уреди | уреди извор]Голем број финансиски институции имаат сметки во Данската национална банка, кои се користат за трансфер на пари меѓу институциите. Централната банка користи неколку системи за трансфер и порамнување, како: „Kronos2“ и „Target2“. Покрај тоа, Данската национална банка ја промовира ефикасноста и безбедноста на плаќањата на мало со учество во проекти кои ја подобруваат инфраструктурата за плаќања. Kronos2 е систем на Данската национална банка за бруто порамнување во реално време и се користи за плаќања во дански круни, најчесто за порамнување на меѓубанкарските плаќања со голема вредност. Данската централна банка делува како банка за порамнување за трансакциите со хартии од вредност и учествува во работата за воспоставување на трансевропски систем за порамнување на хартии од вредност.[6]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ fraser.stlouisfed.org (пристапено на 5.8.2020)
- ↑ fraser.stlouisfed.org (пристапено на 5.8.2020)
- ↑ Официјално мрежно место на Националната банка на Данска (пристапено на 5.8.2020)
- ↑ Официјално мрежно место на Националната банка на Данска (пристапено на 5.8.2020)
- ↑ financedenmark.dk (пристапено на 6.8.2020)
- ↑ vp.dk (пристапено на 8.8.2020)