Прејди на содржината

Национален парк Акадија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Национален парк Акадија (англ. Acadia National Park) — еден од 58-те национални паркови на Соединетите Американски Држави.

Земјопис

[уреди | уреди извор]

Акадија се наоѓа во јужниот дел на американската држава Мејн, на островот Маунт Дезерт покрај атлантското крајморје. Островот е поврзан со копното преку мостот Трентон преку помалиот остров Томпсон. Националниот парк Акадија опфаќа планини, океански брегови, шуми и езера. Покрај островот Маунт Дезерт, паркот вклучува и поголем дел од островчето Ајл о О, мал остров на југозапад, и делови од островот Бејкер. На подрачјето на паркот му припаѓа и дел од полуостровот Шудик. Националниот парк зафаќа површина од 123 km2 на островот Маунт Дезерт, 11 km2 на островчето Ајл о Ои 9,2 km2 на полуостровот Шудик, со вкупна површина од 191,78 km2.

Временските услови во паркот се под влијание на неговата географска положба и близината до океанот. Просечните дневни и годишни температури се повисоки од оние во внатрешноста на Мејн. Снежните бури се вообичаени во зима и рана пролет, а врнежите од дожд се јавуваат во текот на целата година. Маглата е честа појава во текот на јуни, јули и август. Годишните врнежи изнесуваат 122 мм.

Пролетните температури се движат од -1°C до 21°C. Летните дневни температури се движат од 7 до 32°C, а ноќите се поладни. Температурите на океанот се движат од 10 до 15°C, а температурите на езерото се движат од 13 до 21°C. Во паркот просечно годишно наврнуваат 610 мм снег и над 1.200 мм други врнежи.

Историја

[уреди | уреди извор]
Еден од 17-те камени мостови во паркот

Националниот парк Акадија има богата историја на населеност што ги вклучува домородните Американци и европските доселеници. Секоја од овие групи оставила трага од својот престој во оваа област.

Идејата за националниот парк му се припишува на пределниот архитект Чарлс Елиот. Паркот првично бил прогласен за национален споменик на 8 јули 1916 година, а за национален парк на 26 февруари 1919 година. Изворното име на паркот било Национален парк Лафајет во чест на маркизот де Лафајет, влијателен француски поддржувач на Американската револуција. Името на паркот било променето во сегашното име, Национален парк Акадија, на 19 јануари 1929 година. Од 1915 до 1933 година, богатиот добротвор Џон Д. Рокфелер ја финансирал изградбата на мрежа од патеки низ паркот. Оваа мрежа опфаќа над 80 км патеки од чакал, 17 гранитни мостови, влез и два автопатишта, од кои сите се во употреба денес.

На 17 октомври 1947 година, во катастрофален пожар, кој започнал неколку милји западно од Халс Беј, изгореле околу 10.000 хектари шума во националниот парк. Овој шумски пожар, резултат на сува година, бил најголемиот од низата пожари што ја опустошиле областа. Пожарите траеле неколку дена, а во неговото гасење биле вклучени Крајбрежната стража на Соединетите Американски Држави, Армијата, Морнарицата, месните жители и службите за национални паркови на САД од целата земја. Обновата на паркот во голема мера била финансирана од семејството Рокфелер, особено од Џон Д. Рокфелер Џуниор. Националниот парк Акадија е првиот таков парк источно од реката Мисисипи.

Погледа на Заливот Френчмен од планината Кадилак

Животински свет

[уреди | уреди извор]
Ракун

Подрачјето на паркот е дом на над 28 видови риби, над 300 видови птици и над 40 видови цицачи. Сите овие животни создаваат единствена еколошка средина што привлекува многу риболовци и набљудувачи на птици. Водите на паркот се полни со речна пастрмка, а шумите се дом на сиви соколи и орли. И белоглавите орли и сивиот сокол ги користат областите на паркот. Сивите соколи можат да достигнат брзина од над 200 км/ч при понирање. Некогаш наведени како загрозени, овие птици сега се во пораст, благодарение во голема мера на напорите за зачувување во Националниот парк Акадија.

Паркот е дом и на 11 видови водоземци како што се жаби и тритони. Островите што се дел од паркот обезбедуваат живеалиште за морски птици и чапји, а се и зимски живеалишта за некои видови крајбрежни птици и патки.

Во паркот живеат бројни цицачи како што се еленот, источниот којот, црвената лисица, зајаци, дабри, ракуни и верверички. Китовите често се гледаат и во крајбрежните води.[1]

Растителна покривка

[уреди | уреди извор]

На подрачјето на Националниот парк Акадија растат бројни растителни видови, вклучувајќи мов, лишаи, треви и диви цвеќиња во ливадите на паркот, како и алги и друга водна вегетација во езерата, барите и океанот.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Acadia National Park Wildlife (eng.)“. Архивирано од изворникот на 8. listopada 2009. Посетено на 3. studenoga 2009.. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |archive-date= (help)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]