Напад на ПС Теарце

Од Википедија — слободната енциклопедија
Напад на полициската станица во Теарце
Дел од Воен конфликт во Македонија, 2001

Влезот во тетовско Теарце
Датум 22 јануари 2001
Место Теарце, тетовско
Напад на ПС Теарце во рамките на Македонија
Местоположба на Теарце на картата на Македонија

Нападот на полициската станица во Теарце — вооружен напад кој се случил на 22 јануари 2001 година и неофицијално се смета за почеток на воената криза во Македонија. При нападот на станицата во која биле стационирани четири дежурни полициски службеници со повреди се стекнале тројца, а еден починал. Одговорноста за настанот ја презела организацијата Ослободителна народна армија.

Настанот се случил во 2 часот по полноќ. Сторителите биле вооружени со минофрлач и автоматско оружје. Се претпоставува дека со минофрлачот било пукано на околу 20-тина метри оддалеченост од полициската станица. Првиот обид со минофрлачот бил неуспешен со тоа што испуканиот проектил погодил бандера, на што следувале кратки рафали од автоматско оружје. Веднаш бил испукан уште еден проектил кој завршил во просторијата каде што биле сместени дежурните службеници.

Момир Стојановски

Во нападот починал 30-годишниот Момир Стојановски, полициски службеник од Крива Паланка кој дежурел во станицата[1]. Од гранатата ранети биле и останатите тројца службеници кои биле во просторијата за дежурство заедно со Стојановски од кои еден потешко повреден. Од самата детонација биле искршени стаклата на два дуќани, а било оштетено и едно возило Југо кое во моментот на нападот било паркирано пред полициската станица.

Ден по нападот ОНА објавила соопштение во кое ја презема одговорноста за настанот, објаснувајќи дека нападот имал предупредувачки карактер и повикувајќи ги полициските службеници да се повлечат од своите работни должности за да не ги загубат животите. Како организатор на нападот се наведувал Семи Хебиби кој со решение на судот бил амнестиран во март 2002 година.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „13 години од нападот врз полициската станица во Теарце“. kanal5.com.mk. 22 јануари 2014. Посетено на 19.01.2021. Проверете ги датумските вредности во: |access-date= (help)