Прејди на содржината

НЛБ Банка

Од Википедија — слободната енциклопедија
НЛБ Банка
ВидБанка
Дејностбанкарство, финансии
Основано1985
Седиштеул. Мајка Тереза бр. 1, 1000 Скопје
Клучни личности
Антонио Аргир
Мреж. местоhttps://nlb.mk/

НЛБ АД — Скопје — македонска универзална банка, дел од групата на „Нова љубљанска банка“ од Словенија. Оригинално позната како НЛБ Тутунска банка, таа ги извршува сите видови банкарски работи. Мерено според големината на активата, НЛБ банка е трета најголема банка во Македонија.

Историски развој

[уреди | уреди извор]

1985-1996 година

[уреди | уреди извор]

НЛБ Тутунска банка е основана во 1985 година, како интерна банка на тутунската индустрија во Македонија, под името Интерна банка на СОЗТ „Југотутун“. Во 1993 година, банката се трансформирала во акционерско друштво, со назив „Тутунска банка“ АД Скопје, во кое основачи и акционери биле тутунските претпријатија од Македонија. Банката била регистрирана како универзална комерцијална банка и работела преку своите експозитури во Скопје, Струмица, Битола, Кочани и Охрид. Понатаму, во 1996 година започнала соработката со Меѓународната банка за обнова и развој за финансирање на развојот на приватните претпријатија во Македонија.

2000 - 2006 година

[уреди | уреди извор]

Во 2000 година, Тутунска банка АД Скопје склучила стратешко партнерство со НЛБ д.д. Љубљана и станала членка на НЛБ Групацијата. Капиталната позиција на Банката била зајакната со докапитализација од страна на LHB Internationale Handelsbank AG Frankfurt, во износ од 7,6 милиони евра. Со капиталното зајакнување до крајот на 2000 година, Тутунска банка АД Скопје прераснала во универзална средноголема банка, при што НЛБ Групацијата учествувала со 60% во капиталот на банката.

Во 2001 година бил остварен интензивен квалитативен развој и проширување на деловната мрежа на банката со седум нови експозитури. Истата година започнала хармонизацијата на работењето на Тутунска банка со НЛБ Групацијата. Во рамките на реформата на платниот систем во Македонија, Тутунска банка успешно се вклучила во преземањето и извршувањето на платниот промет. Во 2002 година, банката ја добила наградата од финансиското списание Finance Central Europe за најдобра банка, мерено според бруто-профитот, во Македонија за 2002 година.

Во 2003 година, банката повторно ја добила наградата за најдобра банка во Македонија, доделена од Finance Central Europe. Истата година, Тутунска банка ја добила и наградата за банка на годината во Македонија од списанието The Banker и признанието за „Постигнати особени резултати во зголемување на производството, продуктивноста и економичноста во работењето во период од пет години последователно“ од Стопанската комора на Македонија. Во текот на 2003 година била воведена нова организација на работа со што од модел на продуктноориентирана, Банката преминала на модел на пазарноориентирана организација на работа. Капиталната позиција на Банката била зајакната со докапитализација од страна на „NLB Interfinanz“ од Цирих, во износ од 7,7 милиони ЕУР, со што НЛБ Групацијата го зголемила учеството во капиталот на банката на 76,6%.

Во 2004 година, банката влегла во групата на големи банки и по третпат едноподруго ја добила наградата на „Finance Central Europe“ за најдобра банка според бруто-профитот во Македонија. Во март 2004 година, Тутунска банка добила лиценца за работа со „Mastercard“ и започнла со проектот за издавање платежни картички и развој на мрежата на банкомати, со што активно учествувала во интензивниот развој на картичното работење во Македонија. За првпат во историјата на банкарството во Македонија, Тутунска банка потпишала договор за синдициран заем со „ЕБРД“ и 10 странски комерцијални банки во износ од 20 мииони евра, наменет за финансирање на приватниот сектор. Во 2005 година, банката ја добила наградата за најдобра банка, според приносот на капиталот (RОЕ), во Македонија. Заедно со НЛБ д.д. Љубљана, таа го основала и Друштвото за управување со пензиски фондови „Нов Пензиски Фонд“ АД Скопје, со што активно се вклучила во реформата на пензискиот систем и воведувањето на капитално финансирано пензиско осигурување во Македонија. Истовремено, била воведена единствена услуга на пазарот за пренос и управување со готовината преку организиран кеш-центар на банката. Исто така, успешно бил реализиран и проектот за воведување на системот за управување со информативната сигурност на банката, заснован на меѓународните стандарди ISO 27001 и ISO 17799 - 2005 (ISO 27002) и Базелскиот документ за управување со оперативен ризик.

Во 2006 година, банката по вторпат ја добила наградата за банка на годината во Македонија, доделена од „The Banker“ и наградата за најдобра банка според бруто-профитот, доделена од „Finance Central Europe“. Во текот на годината, во рамки на проектот за ребрендирање на членките на НЛБ Групацијата, Тутунска банка го променила името во „НЛБ Тутунска банка“. Истовремено била ребрендирана и нејзината подружница „Тутунска брокер“ во „НЛБ Тутунска брокер“. Исто така, било имплементирано ново интегрално софтверско решение кое претставувало платформа за развој на новите производи и услуги и повисока автоматизација на процесите во банката. Во 2006 година „НЛБ Тутунска банка“ потпишала нов договор за синдициран заем со ЕВРД и со 11 странски комерцијални банки, во износ од 55 милиони евра, наменет за финансирање на приватниот сектор. Банката добила лиценца за работење со картичките „VISA“, како полноправен член на VISA International и истата година успешно го завршила проектот „Картички за јавната администрација“. Заедно со НЛБ д.д. Љубљана, банката извршила докапитализација на „Нов пензиски фонд“ АД Скопје. Во 2007 година, банката по третпат ја добила наградата за банка на годината во Македонија, доделна од „The Banker“, како и сертификатот за Компанија со добро корпоративно управување, доделен од Транспарентност Нулта Корупција. Како пример за компанија со општествена корпоративна одговорност, таа влегла во Ррферентната студија за општествена одговорност на претпријатијата од новите земји - членки на ЕУ и земјите - кандидати за членство за 2007 година, спроведена од УНДП. За првпат, таа го добила и признанието за извонредност во квалитетот на Euro SWIFT плаќањата кон „Дојче банк“ за 2006 година. Капиталната позиција на банката била зајкната со докапитализација од страна на НЛБ д.д. Љубљана, во износ од 12 милиони евра, со што НЛБ Групацијата го зголемила учеството во капиталот на банката на 85,8%.

2007 - 2009 година

[уреди | уреди извор]

Во текот на 2007 година била воведена нова организација на работа на банката, како надоврзување на претходната организација и прилагодување на пазарните потреби. Исто така, банката ззапочнала со услугата „Банка-чувар на имот“ за првите инвестициски фондови во Македонија, а истовремено го вовла и личното банкарство. Во 2008 годин,а банката по четврти пат и третпат едноподруго ја добила наградата за банка на годината во Македонија од страна на „The Banker“, како и вторпат едноподруго сертификатот за компанија со добро корпоративно управување, доделен од Транспарентност Нулта Корупција. Вторпат едноподруго, таа го добила и признанието за извонредност во квалитетот на Еуро SWIFT плаќања кон „Дојче банк“. Понатаму, за првпат ја добила и наградата за најдобра инвестициона банка во Македонија, доделна од „Euromoney“. Во текот на 2008 година, банката направила интезивно проширување на деловната мрежа, со отворање 10 нови експозитури во Македонија. НЛБ Тутунска банка ја издала првата корпоративна обврзница во Македонија во износ од 10,7 милиони евра, а започнала и со масовно воведување на електронско банкарство, со името „НЛБ Клик“, наменето за сите правни и физички лица во Македонија. Капиталната позиција на Банката била зајакната со докапитализација од страна на НЛБ д.д. Љубљана, во износ од 10,8 милиони евра, со што НЛБ Групацијата го зголемула учеството во капиталот на банката на 87% Веќе во 2009 година, банката по петти пат, и четвртипат едноподруго, ја добила наградата за банка на годината од страна на „The Banker“, а третпат едноподруго го добила признанието за извонредност во квалитетот на Еуро SWIFT плаќања кон „Дојче банк“. Во 2009 година, НЛБ Тутунска банка била избрана за „супербренд на Македонија“ за 2009 година, а за првпат ја добила и наградата за развој на филантропијата во Република Македонија. Во текот на годината била изградена и пуштена во употреба нова современа деловна зграда, која претставува корпоративен центар на НЛБ Групацијата во Македонија. Деловната мрежа била проширена со пет нови експозитури низ Македонија, а биле направени значителни инвестиции и во проширување на мрежата на банкомати и POS-терминали. Исто така, била воведена можноста за електронска трговија со картичките на банката; биле обезбедени нови кредитни линии од EFSE, во износ од 8 милиони евра и од EIB, во износ од 10 милиони евра. Во 2009 година била аранжирана и нова кредитна линија со МБПР врз основа на рамковниот договор за учество во програмата за кредитирање на мали и средни претпријатија и приоритетни проекти. По основа на оваа кредитна линија, НЛБ Тутунска банка пласирала средства во висина од 31,7 милиони евра. Во 2010 година, банката четвртипат едноподруго го добила признанието за извонредност во квалитетот на Еуро SWIFT плаќања кон „Дојче банк“, како и наградата за најактивен учесник во меѓубанкарското тргување во државата од здружението на финансиски пазари на Република Македонија – „ACI Македонија“.

2010 година

[уреди | уреди извор]

Во текот на 2010 година биле направени значителни инвестиции за стандардизација на експозитурите согласно стандардите на НЛБ Групацијата. Се реализирани инвестиции во проширување на мрежата на банкомати, како и во зголемување на степенот на заштита од злоупотреби и сигурност при користењето на картичките на Банката и уредите за опслужување. Збогатени се услугите во електронското банкарство за физички - НЛБ Клик и правни лица - НЛБ Проклик. Реализиран е проектот за миграција на VISA картичките на чип технологија. Се обезбедени нови кредитни линии од IFC во износ од 25 мил. ЕУР и од МРФП во износ од 4 мил. ЕУР. Во насока на зголемување на адекватноста на капиталот на Банката, беа пролонгирани постојните субординирани заеми. Во текот на годината беше воведена нова организациона структура во Банката.

2011-2012 година

[уреди | уреди извор]

Во 2011 биле воведени нови кредитни и депозитни производи за населението, како и дополнителни функционалности на ПОС терминалите. Освен тоа, биле збогатени услугите во електронското банкарство за физички лица (НЛБ Клик) и за правни лица (НЛБ Проклик) и картичните услуги со нови функционалности. Притоа, биле реализирани инвестиции во информатичката инфраструктура, во АТМ мрежата за подигнување на степенот на безбедност при вршење на трансакции со платежни картички, за стандардизација на експозитурите согласно НЛБ стандардите како и проекти во развој и надградба на информативниот систем. Исто така бил потпишан нов договор за Trade Finance Program со IFC и биле обезбедени нови кредитни линии: кредити од ЕБРД за финансирање на проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија во износ од 4 милиони ЕУР и кредитна линија од МБПР во износ од 11 мил. ЕУР по основ на Рамковен договор за учество во програмата за кредитирање на мали и средни претпријатија и приоритетни проекти. Во 2011 година, Банката добила плакета за „15 години континуирано членство на Берзата“.

Во 2012 година биле отворени три нови експозитури во Скопје, а деловната зграда беше преземена во сопственост на Банката. Исто така, биле обезбедени нови кредитни линии: кредити од ЕБРД за финансирање на проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија во износ од 4 милиони ЕУР, кредитна линија од МБПР-ЕИБ во износ од 0,8 мил. ЕУР по основ на Рамковен договор за учество во програмата за кредитирање на мали и средни претпријатија и приоритетни проекти и кредитна линија од ЗКДФ во износ од 1,5 мил. ЕУР за финансирање на проекти од примарно производство, преработувачка и трговија со земјоделски производи. Во 2012 година, Банката добива награда за Најдобра банка во Македонија во 2012 година од страна на финансискиот магазин "EUROMОNEY", како и признание за инзвонредност во квалитетот на извршување на меѓународните плаќања во 2012 година од Wells Fargo Bank N.A.[1]

2016-2020 година

[уреди | уреди извор]

Во 2016 година, НЛБ Тутунска банка повторно го променила името, овојпат во НЛБ Банка.

Во 2020 година, НЛБ Банка била прогласена за најдобра македонска банка од страна на списанието „Фајненс Сентрал Јуроп“ (Finance Central Europe) во категоријата „поврат на капиталот“.[2]

Корпоративно управување

[уреди | уреди извор]

Управен одбор

[уреди | уреди извор]

Во минатото, членови на Управниот одбор билее:

Надзорен одбор

[уреди | уреди извор]

Во минатото, членови на надзорниот одбор биле:[3]

  • Јанко Медја – претседател;
  • Петер Зелен – член;
  • Маријета Звер Цанкар – член;
  • Андреј Ласич – член;
  • Абдулменаф Беџети – независен член;
  • Борислав Атанасовски – независен член;

Финансиски показатели

[уреди | уреди извор]

Показатели на профитабилноста

[уреди | уреди извор]

Во 2012 година, НЛБ Тутунска банка остварила принос на капиталот (ROE) од 10.06%, во следната година овој показател на профитабилноста изнесувал 11.18%, додека во 2014 година тој се намалил на 10.77%. Што се однесува до другиот општоприфатен показател на профитабилноста - приносот на средствата (ROA), тој изнесувал 0.85% во 2012 година, 1.06% во 2013 и 1.10% во 2014 година.[4] Инаку, во 2013 година, НЛБ Тутунска банка остварила добивка по оданочување во износ од 625,3 милиони денари, а следната година таа малку се зголемила и достигнала 672,6 милиони денари.[5]

Показатели на профилот на ризичноста

[уреди | уреди извор]

Показатели на кредитниот ризик

[уреди | уреди извор]

Поради лошата состојба на македонските претпријатија, во 2014 година дошло до пораст на учеството на нефункционалните кредити во кредитното портфолио на банката, така што тие изнесувале 11,9%, за разлика од 10.8% колку што биле во 2013 година. Процентот на нефункционални кредити кај кредитите на населението изнесувал само 4% во 2014 година, т.е. бил малку понизок во однос на 2013 година, кога изнесувал 4,5%.[5]

Показатели на валутниот ризик

[уреди | уреди извор]

Вкупната отворена девизна позиција, пресметана на нето основа, на 31.12.2014 година претставувала долга позиција, во износ од 882,9 милиони денари, односно таа изнесувала 11,6% од сопствените средства на банката. Најголем дел од отворената девизна позиција потекнувала од позицијата во евра, која претставувала долга позиција и изнесувала 874,4 милиони денари. односно 11,5% од сопствените средства на банката.[5]

Кредитирање

[уреди | уреди извор]

Кредити на населението

[уреди | уреди извор]

Во 2014 година, вкупните кредити одобрени на населението изнесувале 20.265 милиони денари, што претставувало пораст од 11,2% во однос на 2013 година, кога изнесувале 18.224 милиони. Од вкупните кредити на населението, 55,3% биле потрошувачки кредити, 29,4% биле станбени кредити, 8,7% отпаѓале на кредити по кредитни картички, 4,8% биле искористени пречекорувања на трансакциските сметки, 1,4% биле автомобилски кредити итн.[5]
НЛБ Тутунска банка ги одобрува следниве видови кредити на физичките лица:[6]

Кредити на правни лица и на државата

[уреди | уреди извор]

Кредитите кои НЛБ Тутунска банка ги одобрува на правните лица се поделени на:[7]

На крајот од 2014 година, пласманите кај правните лица и кај државата достигнале 18.006,5 милиони денари, што претставувало пораст од 5,9% во однос на 2013 година, кога изнесувале 17.008 милиони.[5]

Во 2020 година, НЛБ Банка АД Скопје била водечка банка во синдицираниот кредит во износ од 72 милиони евра, одобрен за финансирање на изградбата на трговскиот центар „East Gate Mall“ во Скопје. НЛБ Банка била носител на сите активности поврзани со организацијата, координацијата и раководењето со финансиската конструкција, а нејзиното учество во овој кредит иззнесувало 18,5 милиони евра.[8]

Извори на средства

[уреди | уреди извор]

Депозити на клиентите

[уреди | уреди извор]

Од друга страна, вкупните депозити на населението изнесувале 38.396,9 милиони денари и биле повисоки за 10,8% во однос на 2013 година, кога изнесувале 34.656 милиони. Притоа, заклучно со крајот на 2014 година, во банката биле отворени 543.253 трансакциски сметки (505.255 во 2013 година); а заклучно со крајот на 2014 година, банката издала вкупно 418.774 картички (405.892 во 2013 година).[5] Вкупните депозити на правните лица изнесувале 12.027 милиони во 2013 и 13.446 милиони во 2014 година. На крајот од 2013 година, НЛБ Тутунска банка имала вкупно 30.594 комитенти од редот на правните лица, додека во 2014 година, тој број изнесувал 31.270. На крајот од 2013 година, вкупниот број сметки на правните лица достигнал 41.185, а една година подоцна, тој број се зголемил на 62.510.[5]

Недепозитни извори на средства

[уреди | уреди извор]

Општествена одговорност

[уреди | уреди извор]

Во 2020 година, Групацијата НЛБ станала потписник на принципите на Обединетите Нации за одговорно банкарство.[9]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  1. НЛБ Тутунска банка
  2. Мирослав Саздовски, „НЛБ Банка доби признание за најдобра банка во категоријата поврат на капитал“, Економија и бизнис, година 22, број 267, ноември 2020, стр. 7.
  3. НЛБ Тутунска банка - Официјално мрежно место
  4. www.seinet.com.mk (пристапено на 3.9.2015)
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 НЛБ Тутунска банка, Годишен извештај за 2014 (пристапено на 3.9.2015)[мртва врска]
  6. Официјално мрежно место на НЛБ Банка (пристапено на 2.11.2016)
  7. Официјално мрежно место на НЛБ Банка (пристапено на 2.11.2016)
  8. Мирослав Саздовски, НЛБ Банка АД Скопје - банка лидер на синдициран заем од 72 милиони евра, Економија и бизнис, година 22, број 265, септември 2020, стр. 6.
  9. Мирослав Саздовски, „НЛБ стана потписник на принципите за одговорно банкарство на Обединтетите Нации“, Економија и бизнис, година 22, број 267, ноември 2020, стр. 98.