Мултиплексирање со брановодолжинска распределба

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Мултиплексирање со брановодолжинска распределба (МБР) (англ. wavelength-division multiplexing (WDM)) – технологија во оптичките комуникации која врши мултиплексирање на сигналите на оптичките носители на едно оптичко влакно користејќи различни бранови должини (бои) на ласерската светлина. Оваа техника овозможува двонасочни комуникации преку едно оптичко влакно, како и мултиплицирање на капацитетот.

Терминот „мултиплексирање со брановодолжинска распределба“ се користи за оптички носител (кој вообичаено се опишува со неговата бранова должина), додека „мултиплексирање со фреквенциска распределба“ вообичаено се користи за радио носител (кој најчесто се опишува со неговата фреквенција). Бидејќи „брановата должина“ и „фреквенцијата“ се заемно поврзани со едноставен директно инверзен однос, во кој производот на фреквенцијата и брановата должина е еднаков на „с“ (брзината на простирање на светлината), двата термини всушност го опишуваат истиот концепт.

Системи со мултиплексирање со брановодолжинска распределба[уреди | уреди извор]

Принцип на работа на МБР
МБР систем на Нортел

Принцип на работа на мултиплексирањето со брановодолжинска распределба[уреди | уреди извор]

Системите со МБР во предавателот (трансмитерот) користат мултиплексер за да спојат повеќе сигнали заедно, а во приемникот демултиплексер за истите да ги раздвојат. Со правиот вид на оптичко влакно можно е ист уред да ги врши двете функции истовремено и да функционира како оптички додади-извади мултиплексер (англ. optical add-drop multiplexer).

Концептот бил објавен во 1970 година, а веќе во 1980 година лабораториски бил реализиран систем со МБР. Првите системи со МБР комбинирале само два сигнала. Модерните системи можат да управуваат до 160 сигнали и на тој начин да го прошират основниот 10 Gbit/s систем кој работи преку една оптичка парица на преку 1,6 Tbit/s. Системите со МБР се популарни кај телекомуникациските компании бидејќи им овозможуваат проширување на капацитетот на мрежата без поставување нови оптички кабли. Со користење на МБР и оптички засилувачи, операторите може да сместат повеќе генерации на технолошки развој во нивната оптичка инфраструктура без притоа да мора да вршат големи зафати во нивната магистрална мрежа. Капацитетот на одредена врска може да се прошири едноставно со надградување на мултиплексерите и демултиплексерите на краевите на врската.

Ова често се изведува со користење на оптички-во-електричен-во-оптички премин на самиот крај на транспортната мрежа, што овозможува интероперабилност со постојната опрема со оптички интерфејси.

Повеќето системи со МБР работат на мономодни оптички влакна, чии дијаметри на јадрото изнесуваат 9 µm. Одредени облици на МБР може исто така да се користат на мултимодни оптички влакна чии дијаметри на јадрото изнесуваат 50 или 62,5 µm. Раните системи со МБР биле скапи и комплицирани за работа. Стандардизацијата и подоброто разбирање на динамиката на системите со МБР ги направија овие системи поевтини за воведување.

Оптичките приемници, спротивно на ласерските извори, тежнеат да бидат широкопојасни уреди. Демултиплексерот мора да обезбедува селективност на брановата должина на приемникот на системот со МБР.