Музеј „Западна Македонија во НОБ“ - Кичево

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Музејот "Западна Македонија во НОБ" е културна институција со седиште во градот Кичево, која собира материјали поврзани со борбата против османлиската власт во XIX век, Илинденското востание и Народноослободителната борба во Западна Македонија. Музејот е отворен во 1980 година и се наоѓа на самиот плоштад во Кичево.

Историја[уреди | уреди извор]

Зградата, во која денес се наоѓа музејот, изградена е во 1892 година. Таа имала особено важна улога за време на НОБ, кога во септември 1943 година, била седиште на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија. Зградата е пренаменета во музеј со постојана изложба и свечено отворена на 11 октомври 1980 година.[1]

Содржина на музејот[уреди | уреди извор]

Постојаната поставка на музејот ја покажува борбата на македонскиот народ за слобода во текот на XIX и XX век, серија на документи кои сочинуваат автентични материјали, предмети, фотографии, цртежи, мапи, знамиња, модели и текстови. Покрај материјалите, изложено е и вистинско оружје кое се користело од страна на востаниците од овие краишта во текот на годините.[1] Некои ѕидови во музејот биле насликани со фрески со мотиви од Илинденското востание и Народноослободителната борба од овој крај, како и мозаици кои ја претставуваат капитулацијата на фашистичка Италија во 1943 година, падот на фашистичката власт во Бугарија во 1944 година и капитулацијата на нацистичка Германија во 1945 година. Приземјето на музејот го сочинува просторијата во која се наоѓа галеријата на народните херои, кои во одреден период за време на НОБ дејствувале или ги посетиле Кичево и околината, а во продолжение се наоѓаат поставки на борбите и востанијата на македонскиот народ до 1941 година. Првиот кат е исполнет со материјали поврзани со НОБ. Помал дел од овој кат е исто така галерија со изложена народна носија карактеристична за овие кичевскиот регион.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Култура во општина Кичево: Музеј на Западна Македонија, приступљено 11. 10. 2013.