Музеј

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Музеи)
Британскиот музеј во Лондон.
Народниот музеј на Охрид во Куќата на Робевци
Комплексот „Музеј на Македонија

Музеј (од старогрч. μουσεῖον = „дом на музите“)[1] — установа која се грижи за збирки на артефакти и други предмети од научно, уметничко, културно или историско значење и ги става на располагање за јавноста во витрини и други поставки кои можат да бидат трајни или привремени.[2] Поголемите музеи се сместени во најважните градови во земјите и светот, а оние со локално значење се среќаваат во помалите градови и руралните подрачја. Со сè поголемата дигитализација на информациите и можноста за нивно складирање, музеите нудат виртуелни примероци на нивните содржини што се нудат на интернет. Предметите од музејскиот фонд се претставени на слики со висока резолуција и честопати збогатени со придружни материјали за нивно изучување.

Историја[уреди | уреди извор]

Музеите како организирани збирки се појавиле во антиката. Познат пример е епонимниот „Музеј“ (Musæum) во Александрија.

Првите музеи настанале како приватни збирки на богати поединци, семејства и установи на уметнички предмети и ретки куриозитети од природниот свет и археолошки наоди. Стоеле изложени во таканаречени „соби на чудата“ или „витрини на занимливости“. Од јавноста, пристап имале само „пристојните“ граѓани, што особено важело за семејните уметнички збирки. Досега најстариот ваков музеј за кој се знае е музејот на нововавилонската принцеза Ен-нигалди-Нана во Ур (~530 п.н.е.) кој содржел старини и ископини од подрачјето на Месопотамија. Пронајдените се и цилиндри со описни натписи за предметите, што значи дека збирката морала да има прилично голем број на посетители и да била подредена.

Најстарите музеи од јавен карактер во светот се отворени во Рим за време на ренесансата. Меѓутоа, многу од најзначајните музеи во светот се основани дури во XVIII век и времето на просветителството:

  • Капитолските музеи се најстара јавна уметничка збирка во светот, започната во 1471 г. кога папата Сикст IV им подарил значајни антички скулптури на жителите на Рим.
  • Ватиканските музеи се втор јавен музеј во светот по старост, започнат со јавното изложување на скулптури на папата Јулиј II во 1506 г.
  • Амербаховиот кабинет, кој бил лична збирка, во 1661 бил купен од универзитетот во Базел и отворен за јавноста во 1671.
  • Кралските оружарници во Лондонската кула е најстариот музеј во Велика Британија, отворен во 1660 г., а привилегираните посетители се примале уште од 1592 г. со наплата. Денес е распореден на три места.[3]
  • Уметничко-археолошкиот музеј во Безансон е основан во 1694 кога опатот Жан Батист Боазо им ја подарил личната збирка на бенедиктинските калуѓери за од неа да направат музеј отворен за јавноста по два дена во неделата.[4]
  • Кунсткамерата во Санкт Петербург, основана во 1717 во Кикиновата аула и отворена за јавноста во 1727 г.
  • Британскиот музеј во Лондон, основан во 1753 и отворен за јавноста во 1759 г.[5] Првичниот изложен материјал бил приватната збирка на Ханс Слоун.[5]
  • галеријата Уфици во Фиренца, која била отворена за посетители со закажување уште од XVI век, а за општата јавност во 1765 г.
  • музејот Ермитаж, основан во 1764 од царицата Катерина Велика, отворен за јавноста од 1852 г.
  • хабсбуршкиот дворец Белведере во Виена ја отворил за јавноста уметничката збирка во 1781 г.
  • музејот Лувр во Париз (воедно и кралски дворец), отворен за јавноста во 1793 г.

Музејски кадар[уреди | уреди извор]

Сала во муејот Кјарамонти во состав на Ватиканските музеи.

Музејот има свој кадар кој раководи со установата и ја врши нејзината предвидена дејност. Општите начела и насоки ги даваат директорот и одборот, а самата работа ја вршат разни службеници како кустоси, раководители на збирки/записници просветни работници, уредници на поставките и помошен персонал. Сите тие работат на зацртаните задачи и цели на музејот како јавна установа.

  • кустос – врши истражна дејност и најчесто ги подготвува натписите. Кај поголемите установи секоја збирка има свој кустос. Така, може да постои кустос на современа уметност, кустос на природонаука, кустос на историја итн. Постојат виши и нижи кустоси.
  • раководител на збирки/записничар – се грижи за сите предмети во музејските збирки и нивното одржување; го следи нивното движење кога се даваат на заем или се изложуваат, води евиденција на сознанијата и податоците за предметите, како што е нивното потекло. Раководи и со набавката на предмети и службено ги заведува во збирката со подробна евиденција. Исто така, ова лице внимава што треба и што не треба да се става во музејот, во склад со пропишаното.
  • просветен работник – изработува програми за јавноста и ги осмислува интерактивните нагледни средства кај поставките. Има улога и на водич за посетителите.[6] Задолжен е и за доброволниот кадар и приравниците. Зависно од установата, просветните работници можат да вршат истражување во врска со збирките и да пишуваат текст за изложеното. Работат со раководството и кустосот за да се усогласат со задачите и целите на установата.
  • уредувач на поставки – просторно го уредува и тематски го осмислува изложувањето на поставките под надзор на кустосот и раководителот на збирките. Овие лица имаат суштинска улога во создавањето на изложбениот простор по кој ќе се движат посетителите.
  • помошен персонал – задолжен за безбедноста и одржувањето на музејот како објект (чистачи, чувари и сл). Водат сметка и за температурата и влажноста на просториите, од кои зависи во каква состојба ќе бидат предметите.[7]

Видови музеи[уреди | уреди извор]

Музејот на македонската борба во Скопје
Нумизматичкиот музеј на Народната банка на РМ

Постојат најразлични видови на музеи. Поголемите имаат поширок делокруг и опфаќаат повеќе категории, додека пак помалите се задржуваат на извесна тематика, место или значајна личност. Некои категории се: ликовна уметност, применета уметност, ракотворби, археологија, антропологија и етнологија, историја, наука, технологија, музеи на детството, природонаука, ботанички и зоолошки градини. Во рамките на овие категории, постојат многу музеи со поголема специјализација, како што се музеите на современа уметност, народна уметност, локална историја, воена историја, воздухопловна историја, филателија, земјоделство или геологија. Посебен вид на музеи се т.н. „енциклопедиски“ или „универзални“ музеи, во чии збирки е застапен целиот свет и содржат поставки од уметничка, научна и историска вредност.

Музеите како тема во уметноста и во популарната култура[уреди | уреди извор]

  • „Посета на музеј“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески од 1984 година.[8]
  • „Музеј“ — песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[9]
  • „Музеј на стаклото“ (англиски: Glass museum) — песна на американската рок-група Тортоиз (Tortoise)“ од 1996 година.[10]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „музеј“ — Лексикон на македонскиот јазик
  2. Edward Porter Alexander, Mary Alexander; Alexander, Mary; Alexander, Edward Porter (септември 2007). Museums in motion: an introduction to the history and functions of museums. Rowman & Littlefield, 2008. ISBN 978-0-7591-0509-6. Посетено на 6 октомври 2009.
  3. „Музеј „Кралски оружарници". Royalarmouries.org. 29 декември 1940. Архивирано од изворникот на 2011-07-04. Посетено на 6 јануари 2011. (англиски)
  4. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-01-29. Посетено на 2012-12-08.
  5. 5,0 5,1 „Историја на Британскиот музеј“. Британски музеј. Посетено на 5 април 2008. (англиски)
  6. Служби: Водичи - Музеј на Македонија Архивирано на 8 ноември 2012 г. (македонски)
  7. Опис на музејски занимања Архивирано на 5 април 2012 г. - Рочестерски универзитет (англиски)
  8. Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 94.
  9. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 44.
  10. Tortoise - Glass Museum (пристапено на 15.12.2016)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]