Мува (филм од 1986)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Мува (англиски: The Fly) - американски филм од 1986 година, во режија на Дејвид Кроненберг, кој е коавтро и на сценариото. Главните улоги ги играат: Џина Дејвис, Џеф Голдблум и Џон Гец, а мала улога има и режисерот Кроненберг.[1] Филмот освоил „Оскар“ за најдобра шминка, како и шест други филмски награди и признанија.[2]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Вероника (ја игра Џина Дејвис) е новинарка која присуствува на една забава со намера да направи интервју со некој научник. Таа се запознава со непознатиот научник Сет Брандл (го игра Голдблум), кој ја кани во својата лабораторија каде ѝ го покажува својот пронајдок - машината за телепортација. Вероника е воодушевена од пронајдокот и подготвува репортажа за него, додека уредникот во списанието, Статис Боранс (го игра Гец), смета дека тоа е само измама. Најпрвин, Сет се спротивставува на објавувањето на неговиот пронајдок, но потоа се согласува Вероника да го снима целиот процес на истражувањето. Истовремено, Вероника и Сет започнуваат љубовна врска која предизвикува љубомора кај Статис, поранешното момче на Вероника. Еден ден, додека е отсутна Вероника, Сет се обидува да се телепортира себеси, но не забележува дека во машината влегла и една мува. По успешната телепортација, тој станува физички и сексуално посилен и ја убедува Вероника и таа да се телепортира, но таа одбива. Меѓутоа, неговиот експеримент има и негативни последици: неговото лице почнува да се менува, му паѓаат ноктите и забите, а на грбот му се појавуваат необични влакна за кои се утврдува дека се влакна на мува. По почетната еуфорија, Сет сфаќа дека со него се случува нешто страшно, а неговиот физички изглед потполно се менува и тој наликува на монструм. Испитувајќи ги причините за таа преобразба, тој дознава дека всушност неговото тело претставува генетска комбинација на мува и човек. Вероника се обидува да му помогне, но тој ја брка од својот стан. Набргу, Вероника утврдува дека останала бремена и, плашејќи се од можноста бебето да биде мутант, таа сака да изврши абортус. Но, тогаш, во ординацијата влегува Сет, кој ја грабнува и ја носи во својот дом. Таму пристигнува Статис, со намера да го убие Сет, но наместо тоа, Сет му ја уништува едната рака и нога. Потоа, тој ја принудува Вероника да се телепортираат заедно и во борбата со неа, целосно се претвора во чудовишна мува. Ранетиот Статис пука во каблите на машината и Сет се претвора во комбинација на чудовишна мува и машина. Затоа, тој ја замолува Вероника да го убие и таа пука во него, разнесувајќи го на парчиња.

Наводи[уреди | уреди извор]