Мрњавчеви
| Мрњавчеви Мрњавчевић | |
|---|---|
Припишан (фиктивен) грб на Мрњавчеви од Грбовникот Коренич-Неорич (1595) | |
| Земја | |
| Основана | 1365 |
| Основач | Волкашин |
| Estate(s) | Прилеп |
| Dissolution | 1395 |
Мрњавчеви[б 1] — династија, чии претставници, кралот Волкашин (1365-1371), брат му деспот Углеша и син му кралот Марко (1371-1395) оставила длабоки траги во историјата, во културата и во традицијата на македонскиот народ, како и на некои други балкански народи.
Историја
[уреди | уреди извор]Во врска со историјата на Мрњавчевата династија, историските извори сведочат за нејзиното искачување во хиерархијата на Српското Царство. Според еден запис, во 1350 година Волкашин бил жупан во Прилепскиот крај, додека документ од Урош V го спомнува Волкашин помеѓу сведоците како „chelnik“. Најверојатно во 1361 година тој веќе бил највлијателната личност до Урош V, а според некои извори, пред прокламирањето за крал, ја носел и титулата деспот. Подоцна Волкашин ја добил кралската круна (1365) и било воспоставено совладетелство помеѓу него и царот Урош.
Углеша, пак, околу 1346 година управувал кратко време како Душанов намесник во околината на Дубровник. Според едно решение на Големото Собрание на Дубровник, тој е „Uglese barono“, а во една грчка повелба од манастирот Кутлумуш (X 1358) е засведочен „Углеша велик вωевода“. Истовремено со прогласувањето на Волкашин за крал, Углеша станува деспот и ја управува областа со седиште во Серез. Постоењето на братот Гојко не е потврдено.
Кралството се простирало главно во западниот дел од Македонија, со седиште во Прилеп. Во почетокот кралот Волкашин ковел монети со натпис од царот и од кралот на другата страна, а подоцна само со свој натпис. Тој го прогласува синот Марко за млад крал, односно за свој наследник (помеѓу 1.10.1370 и 31.08.1371).
Одржувани се активни трговски врски со Дубровник и постојат непријателски односи со големците од некогашното Душаново Царство, кои се влошуваат по Косовската битка (1369), кога се поразени војските на Немањиќевската династија (Лазар Хребељановиќ, Никола Алтомановиќ и царот Урош) од страна на војските на новата Мрњавчева династија (кралот Волкашин и деспотот Углеша), а царот Урош е заробен.
Кралот Волкашин и син му Марко (пролетта 1371), заедно со Балшите, подготвуваат напад на Никола Алтомановиќ. Есента истата година Кралот Волкашин и деспотот Углеша со војска се спротивставиле во битката кај Черномен на р. Марица (26. IX 1371), каде што и загинале. Кралскиот трон го наследува Волкашиновиот син крал Марко (1371-1395) со тројцата браќа Иваниш, Андријаш и Димитрија, управувајќи значајна територија, иако некои делови се заземани од Лазар, Никола Алтомановиќ, Балшите и од Турците. Кралот Марко е последниот христијански крал пред османлиското завладување, успева да ја задржи внатрешната самоуправа на државата, владее независно од српските големци, води активна надворешна политика, а турски вазал или сојузник станува најверојатно по 1385 година. Завладувањето на целата територија на Македонија, освен градот Солун (V 1430) се случило по битката кај Ровине (1395), кога кралот Марко загинал заедно со Константин Дејанов.
Белешки
[уреди | уреди извор]- ↑ Во 14 век презимињата не биле вообичаени за владетелите, кои обично се идентификувале по титули или имиња. Во византиските, српските и други извори од 14 век Волкашин и Марко се споменуваат само со имиња и титули (на пр. „крал Волкашин“ или „Марко, син на Волкашин“), без презиме. За првпат, презимето Мрњавчевиќ за семејството на кралот Волкашин и неговиот син Марко се споменува во Руварчевиот родослов, пишуван во Дубровник помеѓу 1563-1570 год. Документот влијаел врз подоцнежните историски дела, вклучувајќи го и делото на Мавро Орбини (Il Regno degli Slavi, 1601), кое го популаризирало презимето Мрњавчевиќ.