Прејди на содржината

Мртвопроверител

Од Википедија — слободната енциклопедија
Умреница на Мајкл Џексон

Мртвопроверител (според англосаксонските земји coroner) — државен чиновник што врши службен преглед на сите починати лица надвор од болничките установи, ја утврдува смртта и издава, без понатамошна судска постапка, документ за смрт (умреница).[1]

Во случај кога не е сигурен за причините за смртта (насилство, труење), го испраќа телото на обдукција и со помош на соработници спроведува истрага за причините за смртта.

Мртвопроверителите се најчесто лекари, иако тоа не е случај во сите земји; во некои, оваа должност ја вршат правници или полициски специјалисти.

Според законот, ниту еден починат, односно мртвороден, не смее да се погреба сѐ додека не се изврши преглед и не се утврди причината за смртта, а во случај на кремирање и контролен преглед.

Мртвопроверителите ги именуваат нивните единици на регионална самоуправа, односно градовите и општините.

Одлики и историја

[уреди | уреди извор]

Оваа институција настанала во Англија по Норманското освојување, првпат е документирана во правилник од 1194 г. (иако има назнаки дека постоела и порано) на латински — custos placitorum coronae (чувар на молбите на круната). Од тоа, со скратување, настанувале crowner, потоа coronator и на крајот — coroner (коронер). На почетокот, тој се занимавал со заштита на имотот и интересите на кралот во одредена грофовија и столувал кај тогаш многу моќните шерифи, како проверувач на сите нивни постапки. (Шерифите вообичаено ги казнувале злосторниците со одземање на имотот во корист на кралот). Не го поставувал монархот, туку го избирале феудалците од таа грофовија.

Бидејќи Норманите не им верувале премногу на Саксонците, многу внимателно ја испитувале секоја необична смрт на нивните луѓе.

Со законски измени во XIX век, биле исфрлени многу од дејностите што мртвопроверителите ги вршеле претходно.

Со измените на законот (Coroners Amendment Act) од 1926 г., нивната работа е ограничена на утврдување на смртни случаи во нивните окрузи и спроведување истраги во случај на насилна и неприродна смрт, или смрт на затвореници, како и во случаи што бараат истрага поради други прописи. Со закон се утврдени квалификациите што се бараат за оваа должност: тоа мора да биде адвокат (barrister или solicitor) или лекар со правни квалификации. Во пракса, се сведува на тоа дека британските мртвопроверители требаат да имаат и правни и медицински квалификации за да бидат поставени на таа должност.[2]

Во Канада, сите мртвопроверители се назначени од нивните покраински совети, а наредбата за тоа ја потпишува заменик-гувернерот.

Во Соединетите Американски Држави, мртвопроверителите обично се избираат, но има некои држави каде што се именуваат. Околу половина од државите имаат систем со мртвопроверители, додека во другата половина тие работи ги вршат шерифи или мировни судии, а има и такви каде што тоа е работа на лекари патолози. Приближно една третина од американските држави го користат системот со мртвопроверители заедно со системот на судска медицина. Во неколку држави, кадарот на мртвопроверителите е составен од патолози, токсиколози и хемичари.

Во некои американски држави, мртвопроверителите мораат да бидат патолози, додека во други за таа должност не се бара никаква посебна квалификација, па кога ќе им затреба, ангажираат лекари да им направат обдукција.

Во повеќето држави, мртвопроверителот има овластување да издаде налог за апсење на лица осомничени за смрт од злосторничко дело и ги има сите овластувања на судија истражител.

  1. „мртвопроверител“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „Coroner | Role, Duties & Responsibilities | Britannica“. www.britannica.com (англиски). 2025-07-30. Посетено на 2025-08-02.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]