Мртви јавки
„Мртви јавки“ (српски: Мртве јавке) — роман на српскиот писател Александар Вучо од 1957 година. Романот е добитник на НИН-овата награда.
Содржина
[уреди | уреди извор]Прв дел
[уреди | уреди извор]Дејствието на романот се одвива во Белград за време на Втората светска војна. Воја, бегалец од затворот, се качува на покривот на една зграда, но набргу, полицијата успева да го фати. Глетката ја набљудуваат повеќе луѓе, меѓу кои и Драган, поранешен затвореник во Бањичкиот логор, кој сега живее тајно во еден стан, заедно со повеќе други луѓе. Утредента, тој се среќава со девојката Олга на која ѝ кажува за својот страв од повторно затворање. Следниот ден, него го посетува Павле, кој избегал од Бањичкиот логор и се крие од полициската потера. Павле и Драган заминуваат во стариот стан на Драган. Павле го наговара да се префрлат на слободната територија, но Драган, иако ја прифаќа поканата, изутрината се враќа во своето сегашно живеалиште. Таму живее и старицата Разуменка Јовановиќ која, уживајќи во својот накит, се сеќава на животот пред војната, на богатиот сопруг Крста на ќерката Цица, на ненадејната смрт на Крста во прегратките на неговата љубовница, како и на неостварената љубов со генералот Мојкановиќ. Тогаш, станарите ја наоѓаат Разуменка мртва, а токму во тој миг пристига и Драган. Растревожен, тој пак излегува на улица, каде ја здогледува Олга при што одат во нејзиниот стан и таму водат љубов. Потиштениот Драган ја напушта Олга и пак се враќа во својот стан, а во меѓувреме, во собата на Разуменка се вселува Сретен Шљивиќ кого Драган го познава од почетокот на војната. Шљивиќ работи за специјалната полиција и за Гестапо, а утредента го убива непознат млад човек. Гестапо и полицијата веднаш ја опседнуваат куќата и го апсат Драган.[1]
Втор дел
[уреди | уреди извор]Седумнаесетгодишниот Драган, војник во српската војска, плови со брод од Албанија кон Франција. Бидејќи на бродот има заболени од тифус, патниците се сместени во карантин на еден остров, а по неколку недели, тројца негови роднини најпрвин го сместуваат во хотел во Марсеј, а утредента му наоѓаат стан кај госпоѓата Прадел. Таму, Драган стапува во љубовна врска со роднината на Прадел, Антоанет. За време на престојот во Марсеј, тој се сеќава на својата служба во штабот на коњичката дивизија, на борбите на повеќе фонтови ширум Србија, на мачното повлекување на српската војска низ Албанија под водство на генералот Мојкановиќ, на спасувањето на изнемоштените и повредените резервни војници, на својата болест и престојот во болницата во Драч, како и на заминувањето со брод за Франција. Со отворањето на Солунскиот фронт, стриковците на Драган го напуштаат Марсеј и заминуваат на Крф, а тој се сели во Кан, каде се запишува на колеџ.[2]
Трет дел
[уреди | уреди извор]Овој дел започнува со размислувањата на главниот иследник во специјалната полиција — човек со огромна омраза кон комунистите, целосно посветен на нивното измачување, кој во последно време запаѓа во апатија и поради тоа се сожалува на Драган и го ослободува од затворот. Кога излегува надвор, Драган е повторно незадоволен од себе и талка низ градот со желба да го сретне Павле со чија помош би се вклучил во движењето на отпорот. Сепак, тој не успева во својата намера и така доаѓа во куќата во која живее мајка му. Во следните четири дена не излегува од собата, а петтиот ден шета низ градот, чувствувајќи го доаѓањето на слободата, решен конечно да му се придружи на движењето на отпорот. Тогаш, случајно на улицата го среќава Павле, кој му ветува дека утредента ќе го префрли на ослободената територија. Рано изутрина, Драган оди на закажаното место, но малку задоцнува и таму го нема човекот со кого треба да се сретне. Сепак, Драган продолжува понатаму, решен да го напушти градот, но го запира германски војник кој го враќа назад.[3]
Ликот на Драган
[уреди | уреди извор]Дваесетина страници пред крајот на романот, авторот наеднаш неочекувано и привидно без причина ја менува дистанцата во однос на главниот јунак во романот, кој дотогаш е претставен како тој (и за кого авторот пишува во трето лице), а тогаш наеднаш станува јас, отстранувајќи го писателот, што може да значи дека главниот лик и авторот се идентификуваат меѓу себе. Оваа неочекувана голема рокада има длабока смисла и како да е долго подготвувана. Драган Манојловиќ, кој потекнува од богато трговско семејство, се определува за работничката класа и за пролетерската револуција. Духовните подготовки на нагонско-лирскиот карактер на неговата револуцинерност и поетскиот дух на негативитетот насочен кон стварноста го водат до работ на херојската акција. Тој има можност да направи уште еден чекор до посакуваниот сон, но неговиот непрекален дух, неорганизираната волја и неотпорното тело на интелектуалецот оптоварен од свеста на класата го спречуваат да го направи одлучниот чекор. Неговата четиригодишна „сегашност“ во окупираниот Белград се претвора во еден, единствен миг на борбата со себе, во драма на совеста, страв, разурнувачки сомнеж во себе, малодушност, повремена надеж и во преиспитување на целиот свој живот. Отсечен од духовните корени на својата класа и растурен од апсурдноста на својот живот, тој не може да се преобрати во револуционер. Затоа, тој прави само получекор и тоне во амбисот на полупостоењето, ја губи цврстината на личноста и се распаѓа во безброј епизоди на минатото. Во него постојат две различни личности, но во расчекорот меѓу себе и својата идеална проекција не се остварува ниту една од нив, т.е. стварниот Драган не станува посакуваниот Драган. Тој не е во состојба нешто да прави, туку нему животот му се случува, а тој е само бестелесна сенка, исполнета со сеќавања и со неуспешен напор на совеста да ја совлада својата слабост и да се потврди како личност. Низ постојаниот внатрешен монолог, тој ја плете поетската ткаеннина на своите чувства и болката, но надвор од својата лирска фикција, тој се губи и исчезнува. Во тој поглед, Вучо употребил извонредна техника за да ја постави општата граница меѓу стварноста на главниот јунак и неговите илузии: Драгановите распеани и течни внатрешни монолози, контрапунктирани со неговите неодредени дијалози кои најчесто се сведуваат на „да“ или „не“, како израз на анониматот на личноста, бледата нема пасивност и отсуството на сигурна подлога во себе. Меѓутоа, дваесетина страници пред крајот на романот, Драгановото битие го зафаќа необичен бран, а тој наеднаш ја открива тајната на животот, радоста на раѓањето. Повторно, користејќи извонредна техника и симболика, Вучо го наговестува можното будење на Драган, чија сенка започнува да стекнуав телесност. Кога вторпат го пуштаат од затворот, тој го среќава својот стар другар и во него се јавува подготвеност и одлучност. Истиот миг се укинува дистанцата на авторот кон главниот лик и Драган не е повеќе „тој“, туку „јас“, а авторот се согласува со новородената личност. Со кратки, испрекинати реченици, Драган го слави своето повторно раѓање и враќањето на духот на постоењето. Постои огромна разлика меѓу тие речиси материјални реченици и претходниот нестварен лиризам. Сепак, таа состојба трае кратко време и неговото битие повторно го исполнува демонот на стравот и авторот повторно го враќа главниот јунак во безличноста и тој повторно станува „само нешто“. Трагиката на Драган лежи во неговата невклученост, односно во големиот јаз меѓу свеста дека во пресудните мигови на историјата акцијата ја определува големината на човекот и реалното остварување низ таа акција. Револуционерната функционалност му наметнува обврски на кои неговата „неорганизирана храброст“ не е способна да одговори, останувајќи неопредметено битие кое кажувајќи ги своите „оптужувам“ и „не“ ја негира сопствената личност. Кога Драган вели за себе дека е „получовек“ или дека е „на половина пат кон човекот“, тоа ја покажува длабоката егзистенцијална смисла на човековата функционалност.[4]
Драган претставува делумно апстрактен лирски споменик на неодлучноста, класниот комплекс, неостварената желба, измамената нежност и трошната човечка природа. Во онаа мера во која неговата суштина неодредено и нестварно се растворува, толку повеќе сликата на животот во неговите сеќавања се обликува во јасни и конкренти облици. Како со инсистирањето на тие едноставни, реални рељефи, да сака своето нестварно битие да го приближи до стварноста која ја впива во себе и се внесува во неа. Драган е „присутен“ во сегашноста смао ако се случува нешто многу интензивно: стрелањето на другарите, неговото пуштање на слобода, бомбардирањето на Белград итн. Во спротивно, неговата свест бира определен слој на минатото кој писателот со ништо формлано не го издвојуав од сегашноста и кој се одвива како органски дел на сегашноста. Минатото на Драган не се одвива по хронолошки редослед, па затоа, деталите и годините се испревртени, измешани, но необично прецизни и јасни. Во тој поглед, ликот на Драган подлежи на дискретна и блага иронија од страна на писателот, кој го зафаќа главниот лик со несиметричното огледало на карикатурата, претворајќи го во варијанта на граѓански Дон Кихот. Меѓутоа, хуморот на авторот е ненаметлив, сардоничен, благо потсмешлив но солидарен со духовните перипетии на главниот лик. Таа иронија е највидливиот елемент на дистанцата меѓу писателот и неговиот книжевен јунак.[5]
За делото
[уреди | уреди извор]Според Петар Џаџиќ, „Мртви јавки“ и неговиот претходник, романот „Распуст“, се дело на еден лирски епичар, автор кој претставува предиспониран реалист и пригушен надреалист кому надреализмот му подарил слобода и култивиран израз. Според него, страниците во кои се опишува повлекувањето на српската војска низ Албанија претставуваат најимпресивниот проен текст на таа тема во српската книжевност. Ова, релативно епско платно, создадено со лирски средства, меша неколку паралелни но подеднакво важни текови и обилува со извонредни поединости.[6]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Александар Вучо, Мртве јавке. Просвета, Београд, 1960, стр. 5-128.
- ↑ Александар Вучо, Мртве јавке. Просвета, Београд, 1960, стр. 129-258.
- ↑ Александар Вучо, Мртве јавке. Просвета, Београд, 1960, стр. 259-309.
- ↑ Петар Џаџић, „Драма савести једног интелектуалца (романи Александра Вуча)“, во: Александар Вучо, Мртве јавке. Просвета, Београд, 1960, стр. VII-XIV.
- ↑ Петар Џаџић, „Драма савести једног интелектуалца (романи Александра Вуча)“, во: Александар Вучо, Мртве јавке. Просвета, Београд, 1960, стр. XXX-XXXVI.
- ↑ Петар Џаџић, „Драма савести једног интелектуалца (романи Александра Вуча)“, во: Александар Вучо, Мртве јавке. Просвета, Београд, 1960, стр. XXXI-XXXVII.