Прејди на содржината

Мраз на Месечината

Од Википедија — слободната енциклопедија
Овие слики во лажна боја покажуваат области каде што е покажано присуство на вода во еден млад Месечев кратер од далечната страна (на Месечината), како што е снимено од инструментот Moon Mineralogy Mapper на вселенското летало Чандрејан-1

Мраз на Месечинатавода во цврста состојба што е присутна на Месечината.[1]

Течна вода не може да опстане на површината на Месечината, бидејќи атмосферскиот притисок на Месечината е значително помал од вредноста при која водата може да премине од цврста или гасовита состојба во течна. Меѓутоа, мразот може да постои таму подолго време, но доколку биде изложен на сончево зрачење, постепено сублимира и се распрснува во вселената. Уште во 1916 г., К. Е. Циолковски во своето дело „Надвор од Земјата“ ја поставил хипотезата, а на почетокот на XXI век таа била докажана, дека водениот мраз се задржува во кратерите на вечната темнина на половите на Месечината, каде што не допираат сончевите зраци. Можно е постоење на наслаги од мраз и на длабочина на други места.

Месечевите ледници можат да обезбедат вода за првите колонисти, или теоретски, можат да станат ресурс за создавање растителност на Месечината во далечна иднина.

Радарските истражувања спроведени со сателитот Чандрејан-1 откриле околу 40 мали кратери, со пречник од 2 до 15 километри, кои имаат висока одбивност што може да се поврзе со присуство на воден мраз во нив. Се претпоставува дека во областа на Северниот Пол на Месечината има околу 0,6 км3 мраз.[2] Податоците добиени од апаратот Lunar Reconnaissance Orbiter наведуваат на претпоставка за присуство на воден мраз и во областа на Јужниот Пол на Месечината: така, според проценките на НАСА, околу 22 % од површината на кратерот Шеклтон, кој се наоѓа во близина на Јужниот Пол, може да биде покриена со мраз.

Историја на набљудувањата

[уреди | уреди извор]

XIX век и порано

[уреди | уреди извор]

Во XVI век, Леонардо да Винчи, во неговиот Лестерски кодекс, се обидел да ја објасни светлоста на Месечината претпоставувајќи дека нејзината површина е покриена со вода што ја одбива сончевата светлина. Во неговиот модел, брановите на површината на водата предизвикуваат светлината да се одбива во многу насоки, што објаснува зошто Месечината не е толку светла како Сонцето.[3]

Во периодот од 1834 до 1836 г., Вилхелм Бер и Јохан Хајнрих Медлер ја објавиле нивната четиритомна книга Mappa Selenographica, а потоа и книгата Der Mond во 1837 г. Овие дела го утврдиле заклучокот дека Месечината нема водени површини ниту, пак, забележлива атмосфера.[4]

Можностите за постоење мраз во дното на поларните кратери на Месечината првпат биле предложени во 1961 г. од страна на истражувачите Кенет Вотсон, Брус Ц. Мареј и Харисон Браун од Калифорнискиот технолошки институт.

Мерењата со радар од Земјата биле искористени за да се утврдат регионите што се во трајна сенка и, следствено, имаат потенцијал да содржат Месечев мраз. Проценките за вкупната површина на овие засенчени региони северно од 87.5∘ географска ширина изнесуваат 1.030 и 2.550 квадратни километри (за северниот и јужниот пол, соодветно). Последователните сметачки симулации, кои вклучиле дополнителен терен, претполагале дека област до 14.000 квадратни километри може да биде во трајна сенка.[5]

Програма „Аполо“

[уреди | уреди извор]

Траги од вода биле пронајдени во примероците од Месечеви карпи собрани од астронаутите на Аполо. Првично, се претпоставуваше дека ова е резултат на загадување, а општото мислење било дека најголемиот дел од површината на Месечината е целосно сува.

Меѓутоа, едно проучување од 2008 г. на примероци од Месечеви карпи открило докази за молекули на вода заробени во вулкански стаклени зрнца.

Првиот директен доказ за водена пареа во близина на Месечината бил добиен од експериментот ALSEP Suprathermal Ion Detector Experiment (SIDE) на Аполо 14 на 7 март 1971 г. Инструментот масен спектрометар забележал серија налети на јони на водена пареа на Месечевата површина во близина на местото на слетување на Аполо 14.[6]

Дип импакт

[уреди | уреди извор]

Во 2005 г., набљудувањата на Месечината од вселенското летало „Дип импакт“ дале неубедливи спектроскопски податоци што претполагале присуство на вода на Месечината.

Во 2006 г., набљудувањата со планетарниот радар Аресибо покажале дека некои од радарските одбивања од вселенското летало „Клементина“ во близина на половите, за кои претходно се тврдело дека укажуваат на мраз, може наместо тоа да бидат поврзани со карпи исфрлени од млади кратери. Ако ова е точно, тоа би значело дека резултатите од неутроните добиени од Lunar Prospector првенствено се однесувале на водород во облици различни од мраз, како што се заробени молекули на водород или органски соединенија. Меѓутоа, толкувањето на податоците од Аресибо не ја исклучува можноста за постоење воден мраз во трајно засенчените кратери.[7]

  1. „The Moon“. nssdc.gsfc.nasa.gov. Посетено на 2022-07-07.
  2. NASA Radar Finds Ice Deposits at Moon’s North Pole Архивирано на 21 септември 2015 г.(англиски)
  3. „An introduction to Leonardo da Vinci's Codices Arundel and Leicester“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 11 октомври 2017. Посетено на 11 февруари 2017.
  4. Erich Robens; Stanislaw Halas (16 февруари 2009). „Study on the Possible Existence of Water on the Moon“ (PDF). Geochronometria. 33 (–1): 23–31. Bibcode:2009Gchrm..33...23R. doi:10.2478/v10003-009-0008-2. Посетено на 9 април 2023.
  5. Linda, Martel (June 4, 2003). „The Moon's Dark, Icy Poles“.
  6. Freeman, J. W.; Hills, H. K.; Lindeman, R. A.; Vondrak, R. R. (март 1973). „Observations of water vapor ions at the lunar surface“. The Moon. 8 (1): 115–128. Bibcode:1973Moon....8..115F. doi:10.1007/BF00562753.
  7. "It's Official: Water Found on the Moon", Space.com, 23 септември 2009

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]