Мојот човек Годфри (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Мојот човек Годфри (англиски: My Man Godfrey) е американски филм од 1936 година, во режија на Грегори Ла Кава, според сценариото на Мори Рискинд и Ерик Хеч. Главните улоги ги толкуваат: Вилијам Пауел, Керол Ломбард, Алис Бреди, Јуџин Палет, Алан Маубреј, Џин Диксон, Миша Ауер, Роберт Лајт и Греди Сатон. Филмската фотографија била дело на угледниот Тед Тецлаф, а музиката ја компонирал Чарлс Превин. Филмот бил номиниран за „Оскар“ во шест категории, меѓу кои и: најдобра главна машка улога (Пауел), најдобра женска улога (Ломбард), најдобра режија и најдобро сценарио. Овој филм се смета за една од најдобрите „screwball“ комедии на сите времиња и се одликува со суптилна и елегантна режија, со ефектни и духовири коментари на општествените конвенции, со прифилирани ликови, со повремени урнебесни дијалози и со успешна глума.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејствието на филмот се случува во Њујорк, за време на Големата депресија. Една вечер, богатите сестри Ајрин (ја игра Ломбард) и Корнелија (ја игра Џ. Патрик), ќерки на богатиот Александер Булок (го игра Палет) ја посетуваат градската депонија за да пронајдат „заборавен човек“ кој им е потребен за да победат во забавата на која учествуваат богатите луѓе. Таму го наоѓаат скитникот Годфри (го игра Пауел) и откако победува, Ајрин се сожалува на него и го вработува како слуга во својот дом. Набргу, тој се покажува како паметен и културен човек, па двете сестри се вљубуваат во него. Меѓутоа, Корнелија открива дека Годфри го крие својот вистински идентитет - тој е син на богато семејство од Бостон кој поради несреќната љубов заминал да живее со скитниците. Кога Булок ќе објави дека банкротирал, Годфри му кажува дека тој ги купил неговите акции кои великодушно му ги враќа назад и така го спасува. Истовремено, тој дава оставка и го напушта семејството Булок, но во меѓувреме, на местото на депонијата, тој отворил ресторан во кој ги вработил скитниците. Тогаш, Ајрин оди во ресторанот и го повикува градоначалникот да ја венча со Годфри.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]