Мојата шаховска кариера

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мојата шаховска кариера
Корица на книгата на руски јазик
АвторХосе Раул Капабланка
Изворен насловMy chess career
Земја Куба
Јазиканглиски[1]

Мојата шаховска кариера е шаховска книга од кубанскиот велемајстор и поранешен светски првак (1921-1927), Хосе Раул Капабланка. Делото е автобиографско и содржи анализа на 35 шаховски партии, одиграни во периодот од 1900 до 1919 година.

Книгата е првото дело на Капабланка, напишано на англиски јазик[1], а првото издание било издадено во 1920 година, само една година пред авторот да стане светски првак. Корицата на изданието била со морско сина боја, во која бил втиснат златен потпис на авторот. Во тој период, шаховските автобиографски дела биле ретки, па критиките за ова дело биле позитивни, со огромна почит. Тоа го потврдува и следниот извадок од априлското издание на списанието „American Chess Bulletin“ од 1920 година:

Од сите достигнувања на Капабланка досега, се осмелуваме да кажеме, дека ниту едно нема да биде возвишено со таков восхит, како неговото последно и најголемо за играта досега.

Содржина[уреди | уреди извор]

Содржината со анализираните 35 партии во книгата се хронолошки подредени и поделени во 12 глави, во два дела. Пред првата глава, авторот го воведува читателот во краток предговор, во којшто напоменува дека основната задача на создавањето на делото не му била да прикаже партии, кои ги добил или завршиле реми, нагласувајќи дека од некои порази научил, колку и од некои победи.

Првиот дел содржи шест глави. Во првата глава, Капабланка ги наведува основните лични податоци и своите први шахиовски чекори. Овде тој наведува неколку значаји партии од своет детство, завршувајќи со неговиот прв позначаен успех, второто место на турнирот на најсилните кубански шахисти, на кој завршил веднаш зад Хуан Корзо, губејќи ги двете партии против него.

Втората глава ги содржи првите анализирани партии. Тоа се две победи на Капабланка од неговиот меч против Корзо во 1901 година, во кој успеал да го совлада силниот противник. Во продолжение, Капабланка пишува за неговиот живот во САД и неговата желба да се запише на универзитетот Колумбија. Така, третата глава која го опфаќа периодот од 1906 до 1908 година, содржи шаховски партии одиграни во САД, додкеа четвртата партија е посветена на победата во мечот против Маршал, од кој се издвоени четири партии[а], и напредокот во кариерата до 1911 година.

Петтата глава целосно е посветена на настапот на шаховскиот турнир во Сан Себастијан во 1911 година, додека шестата глава, која е насловена „преоден период“ е посветена на настапите на некои други силни турнири од тој период.

Вториот дел е насловен „Период на целосен развој“ и во него е претставен престојот на авторот во Европа и учеството на најсилните шаховски турнири во светот. Уште во седмата глава се издвоени партии против најсилните шахисти во тој период, како и учеството на Капабланка на шаховскиот турнир во Санкт Петербург во 1914 година, од кој се издвоени две партии[б]. Осмата и деветтата глава го опфаќаат периодот од животот на Капабланка, кој овој го поминал во Њујорк, време во кое цела Европа војувала, а во десеттата глава се опфатени мечот кој Капабланка го добил против Костиќ и победата на турнирот во Хастингс.

Стил на пишување[уреди | уреди извор]

Меѓу главните одлики на делото е што тоа е пишувано во прво лице еднина, што му овозможува на читателот да го разбере начинот на кој Капабланка давал забелешки и ги оценувал конкретните позиции. Партиите се хронолошки подредени и се поврзани со раскажувања на авторот за својот живот во тој период, кои не содржат само високо мислење за себе, туку и самокритика.

Критичните позиции во сите шаховски партии се прикажани графички, на шаховски дијаграми.

Грешки[уреди | уреди извор]

Сепак, со ревизија на првото издание на делото се пронајдени и некои грешки. Така, на крајот од четвртата партија, одиграна против Рубичек, победата на Капабланка со бели фигури е означена со „0-1“, а не со „1-0“. Шестата партија во делото, била одиграна во јуни 1908 година, додека во делото, датумот на одигрување било непрецизно одредено „1906-1908“. Промашување на датумот на одигрување има и во 22. партија во делото, одиграна против Нимцович.[1]

Во партијата, одиграна против Јановски на турнирот во Сан Себастијан во 1911 година, која исто така е издвоена во делото, Капабланка направил грешка при ознаките за пешаците по линиите а и h, кои се јавуваат во 52., односно 58. потег. Грешка има и во партијата одиграна против Бернштајн на шаховскиот турнир во Санкт Петербург во 1914 година. Имено, по 26. потег во партијата, Капабланка посочил мат во пет потега, немајќи предвид дека е можен мат во три потега.[1]

Изданија[уреди | уреди извор]

Првото издание на книгата било издадено од страна на британската издавачка куќа, George Bell & Sons во 1920 година, имало морско сина корица, на која бил втиснат златен потпис на авторот.[1]

Во 1966 година, издавачката куќа Dover Publications издала ново издание, со нов вовед, кој го напишал големиот вљубеник на играта на Капабланка, Ирвинг Чернев, кој делото го опишал како едно од петте највозбудливи книги коишто ги прочитал.

Во 1994 година било издадено ново издание, дополнето со 60 страници спореден материјал, во кој се наведени четири партии на Капабланка, одиграни на шаховскиот турнир во Нотингем во 1936 година, со анализа и коментар на Алехин.

Белешки[уреди | уреди извор]

  • а Во оваа глава, Капабланка ги издвоил петтата, шестата, единаесеттата и последната, дваесет и трета партија од мечот, од кои само шестата ја одиграл со бели фигури, а сите четири партии ги добил.
  • б Од турнирот, Капабланка ги издвоил: победата против Бернштајн со бели фигури, која била одликувана со наградата за најдобра партија на турнирот и победата со црни фигури против Нимцович.

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]