Морозвизд

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Моробиздон)
Археолошко наоѓалиште Црквиште - Мородвис
Тлоцрт на црквите во Црквиште

Морозвизд или Мородвис (Моробиздон) — археолошко наоѓалиште во центарот на селото Мородвис, Општина Зрновци, месноста наречена Градиште или Црквиште. Претставува составен дел на стариот римски град Морозвизд (Моробиздон, Форомиздос, Форомендис). Овој град во средновековните пишани документи од XI и XII век се споменува како голем град и епископско седиште во Брегалничкиот регион.[1]

Најстариот податок за Морозвизд го дава византискиот писател Јован Скилица, кој во својот „Историски синопсис“ пишува дека во 1018 година пратеници од градовите Пелагонија и Морозвизд го посетиле византискиот цар Василиј II. Подоцна, во 1019 година Василиј издал грамота, во која Морозвизд се споменува како епископско седиште.

Првите истражувања на Црквиште се направени во јули 1980 година и досега се пронајдени остатоци од четири цркви. Најстарата датира помеѓу V и VI, а поновата од VI век. Другите две цркви се од XI и XIII век. Во 1998 година е откриено вистинско богатство од вредни предмети што им припаѓаат на различни култури, уште од времето на Јустинијан I, па наваму.

Во 2006 е извршено ископување од страна на македонски и американски археолози и се пронајдени гробници и накит.[2]

Мородвиска (Мороздвишка) епископија[уреди | уреди извор]

За сето време на постоењето на Самуиловото царство, односно до 1018 година, Кочанската Котлина влегувала во неговиот состав. Во Кочанско, јужно од Кочани, во подножјето на Плачковица се наоѓал и веќе развиениот град Мороздвизд. Според стари ракописи може да се утврди дека тој се оформил доста рано и станал седиште на епископија. Во времето на бугарските владетели Симеон и Петар овде било и седиштето на брегалничкиот архиепископ, кој уште се нарекувал и мороздвиски.[3]

Мороздвишката епархија била доста просторна и ги опфаќала териториите на Мороздвизд, Козјак, Славиште, Злетово, Луковица, Пијанец и Малешево. Главната територија се наоѓала покрај реката Брегалница, поради што била идентификувана и како брегалничка епископија која постоела уште пред доаѓањето на Словените во овој крај и се наоѓала во градот Баргала.

Во Теофилактовото житие за Тивериополските маченици се говори дека бугарскиот кнез Борис му заповедал на брегалничкиот управник Таридин да изгради храм во Брегалничката епископија и таму да ги пренесе моштите на мачениците од Тивериопол. Од овде и претпоставките дека во тој период треба да се бара почетокот на Мороздвизд, односно претворањето на ова населено место во епископски и управен центар. Таридин го подигнал храмот, од кој во населбата и денес постојат остатоци од стара црква со купола и зачувани фрески.

Брегалничката епископија немала свое постојано име, како што немала и постојано седиште на епископската катедра. Во времето на кнезот Борис таа се викала Проватска (Овчеполска), додека во времето на Самуил се нарекувала Мороздвишка. Епархијата под истото име ја споменува и Кедрин, кога за овој град зборува паралелно со Пелагонија и Липениј. Исто така, и тогашниот географ Идризи минувал низ Мороздвизд кога патувал од Кратово за Малешево, го нарекува Формендис, објаснувајќи дека е распослан на планинска височинка заградена со лозја и ораници.

Мороздвизд се споменува и во 1018 година, при конечното пропаѓање на Самуиловото царство. Кога византиските војски се пробиле во теснините на Горна Струма и го презеле градот Перник и други 35 тврдини, градовите и велможите мирно му се предале на императорот Василиј II со цел да ги запазат своите привилегии. Тогаш и пратениците од Мороздвизд, Битола и Липљан го пречекале императорот и му ги предале своите градови. Епископијата го продолжила своето постоење сè до смртта на Василиј II, кога во почетокот на 1320 година почнало да опаѓа нејзиното значење. Според некои извори, во 1381 година мороздвишката епархија тешко настрадала во Велбушката битка и била опустошена, поради што е укината како епархија. Нејзиното повторно обновување првпат се споменува дури во 1515 година кога епископ бил Матеј, родум од Злетово.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Мородвис
  2. „Photo Album - Morodvis“. www.tfahr.org. Посетено на 2019-11-17.
  3. Мороздвишката епископија[мртва врска], www.kocani.gov.mk