Моргана

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Морган ле Феј)
Морган ле Феј од Антони Фредерик Сандис (1864 г.)

Морган ле Феј, позната и како Морган ле Фаје, Морган, Морген, Моргана и други имиња, е моќна маѓепсничка во легендата за кралот Артур. Првите дела во кои се појавува Морган не кажуваат многу за неа, само ја прикажуваат во улога на божица, вила, вештерка или волшебничка. Таа се истакнала многу повеќе во подоцнежните циклични прозни дела како што се Ланселот-Грал и пост-вулгатата, во коишто таа има еволутивна трансформација во антагонист на кралот Артур и кралицата Гиневра.

Се мислело дека Морган е ќерка на мајката на Артур, Игрејн и нејзиниот прв сопруг, Горлуас, војвода од Корнвол, па така Артур (син на Игрејн и Утер Пендрагон) е нејзин полубрат. Таа има најмалку две постари сестри, Елејн и Моргос, од кои втората е мајка на Гвен, Гаерис, Гарет, Агравејн, од кралот Лот и типичниот предавник Мордред, од Артур. Во Смртта на Артур од Сер Томас Малори, а и во други дела, таа е несреќно омажена за кралот Уриен од Гор и Ивејн е нејзин син.

Во првите дела на Џефри од Монмаут и Џералд од Велс, Морган се поврзува со Островот на јаболките (подоцна Авалон) до којшто сериозно ранетиот Артур бил однесен. Во делата на првиот, таа била маѓепсничка, една од деветте сестри; а во делата на вториот, таа била владетелка и сопственичка на област близу Гластонбери и била во блиска крвна врска со кралот Артур. Во првите романси на Кретјен де Трој, таа е прикажана и како исцелител. Во наредните приказни, Морган станува непријател на тркалезната маса кога Гвиневир го открива нејзиното неверство со еден од витезите на нејзиниот сопруг, иако таа на крајот се помирува со својот брат, па дури и си ја задржува својата првична улога, да служи како една од четирите маѓепснички коишто го носат до Авалон по неговата последна битка кај Камлан.

Потекло[уреди | уреди извор]

Како што нејзиниот епитет „ле Феј“ (од франц. la fée, што значи вила) укажува, ликот на Морган се чини дека првично бил прикажан како натприродно суштество. Нејзиното главно име може да е поврзано со легендите за Моргенс, или Морганс или Мари-Моргенс, коишто се велшки и бретонски духови на водата. Иако подоцнежните дела ја прикажуваат како обичен човек, таа си ги повраќа своите магични моќи. Инспирацијата за нејзиниот лик најверојатно дошла од претходната велшка митологија и литература; била споредувана со божицата Модрон, лик што доаѓа од континенталната Деа Матрона и често е спомнувана во средновековната велшка литература. Модрон се појавува во велшката тријада 70, во која нејзините деца од Уриен, Овен и Морфид, се нарекуваат „Трите благословени товари на утробата на островот Британија,“ а подоцнежна приказна сочувана во ракописот познат како Пениарт 147 ја чува приказната поцелосно. Уриен е сопруг на Морган ле Феј во континенталните романси, додека пак Овен маб Уриен е историски лик покрај нивниот син Ивејн. Покрај тоа, Модрон е наречена „ќерка на Авалач“,стар велшки Бог чиешто име може да се протолкува како именка која значи „место на јаболки“. Всушност, во приказната на Овен и концепцијата на Морфид во Пениарт 147, Модрон е наречена „ќерка на кралот на Авалач.“ Ова е слично на Авалон, „Островот на јаболките“ со кој Морган ле Феј била поврзувана уште од нејзините први појавувања. Други тврдења понекогаш ја поврзуваат Морган со ирската божица Мориган, иако има малку сличности помеѓу овие две покрај изговорот на нивните имиња.

Поради тоа што нејзиното име и понекогаш нејзините одлики се слични со оние на многуте жени со натприродни моќи во велшката и ирската традиција, многумина мислат дека Морган е остаток на паганската келтска божица или дух. Келтското сродство на Морган ги вклучува божиците на војната (ирската Мориган и Мача) како и водниот народ (ирската Мирген, велшката Модрон и бретонската Морганес) – иако ниту еден од овие ликови не може со сигурност да се смета како нејзин предок. Околу 1216 г. Џералд од Велс напишал дека во „fabulosi Britones“ (приказни на Бритите) измислена божица наречена Морганис го однела Артур до Авалон за да го излечи. Ова е една од малкуте наши документирани врски меѓу келтската усна традиција и ликот што ќе се појави во романса како Морган ле Феј.

Карл Линдал, средновековен фолклор: енциклопедија на митови, легенди, приказни, верувања и обичаи

Во средновековната литература[уреди | уреди извор]

Патувањето на кралот Артур и Морган ле Феј до Осторовот Авалон од Френк Вилијам Варвик Тофам (1888 г.)

Името на Морган најпрво се појавува во делото Животот на Мерлин од Џефри Монмаут, напишано околу 1150 г. Наводно, тоа е приказна за последните авантури на волшебникот Мерлин, која вклучува неколку епизоди од најпознатото претходно дело на Џефри, Historia Regum Britanniae. Во Historia Џефри објаснува дека, откако Артур бил сериозно ранет во Битката кај Камлан, тој е однесен во Авалон, островот на јаболките, за да биде излечен. Во Животот на Мерлин, тој го опишува овој остров подетално и ја именува „Морген“ како водачка на деветте сестри-маѓепснички коишто живеат таму. Морган ја задржува оваа улога на „лекувателка од друг свет“ на Артур во многу наредни литератури.

Пред циклусот старо-француски романси, Морган ретко се појавува. Кретјен де Трој ја спомнува во својата прва романса Ерек и Енида, завршена околу 1170 г.; тој кажува дека еден гостин на свадбата на измислените ликови, одреден Гиломар, господар на островот Авалон, бил пријател на Морган. Таа подоцна се спомнува во истата поема кога Артур наоѓа лековит балсам за ранетиот Ерек, направен од неговата сестра Морган; оваа епизода истовремено ги потврдува и нејзината улога за лечење и првпат ја спомнува Морган како сестра на Артур. Кретјен повторно ја спомнува Морган како значајна исцелителка во неговата наредна романса Ивен, витезот од Лион, во една епизода во која две дами му помагаат на еден полуден херој да оздрави со помош на напиток добиен од Морган. Сепак, додека Модрон е мајка на Овен во велшката литература, а Морган ја има оваа улога во подоцнежната француска литература, ова прво континентално поврзување меѓу Ивен и Морган не укажува дека тие се син и мајка.

Приказната за Артур, Џерент, синот на Ербин, основана врз Ерек и Енида од Трој, го спомнува „главниот лекар“ на кралот Артур, Морган Туд; се смета дека овој лик, иако веројатно е машко во делото Џерент, можеби доаѓа од Морган ле Феј (иако ова било тема на дискусија меѓу научниците на Артур од 19 век. Името Туд може да биде велшко или бретонско или да е позајмено од старо-ирското tuath, „северно, напуштено, лошо, злобно“, исто така и „вила, џуџе“).

Морган ле Феј од Џон Р. Спенсер Стенхоуп (1880 г.)

Улогата на Морган е многу попроширена во Ланселот-Грал (Кругот на Вулгата) од 13 век и во наредните дела инспирирани од неа. Најмлада од сите ќерки на Горлоис и Игрејн, таа е испратена во манастир кога Утер Пендрагон го убива нејзиниот татко и се жени со нејзината мајка. Таму таа почнува да учи магија, но е прекината кога Утер ја мажи со неговиот сојузник Уриен. Несреќна со својот сопруг, таа има многу љубовници сè додека младата Гвиневир не ја открие и ја исфрла од дворецот чувствувајќи одвратност кон неа. Могран го продолжува учењето на магиите со помошта на Мерлин, истовремено планирајќи одмазда на Гвиневир. Во наредните поглавја таа ги користи своите моќи за да ги надмудри витезите на Артур, особено Ланселот, кого се обидува да го заведе (вклучувајќи го неговото затворање сам со нејзините пријателки маѓепснички, кралицата Седил и кралицата на Сорестан, кои и двете го сакаат за љубовник) и да го прогласи како љубовник на Гвиневир. Во Прозата Тристан, таа испраќа во дворецот на Артур магичен рог за пиење од којшто дама која не е неверна ќе пие без да се истури, надевајќи се да го разоткрие неверството.

Томас Малори најчесто го следи портретот на Морган во Вулгата и Круговите на Пост-вулгата во неговата книга Смртта на Артур, иако ја проширува нејзината улога во некои случаи. Преку магија и смртни средства, таа се обидува да го организира падот на Артур, најславен е случајот кога таа се погрижува нејзиниот љубовник Аколон да го добие мечот Екскалибур и да го употреби против Артур во борба еден на еден. Не успевајќи во ова, Морган го фрла оружјето на Екскалибур во езеро.

Таа се појавува во текот на развиениот среден век и доцниот среден век, обично во дела поврзани со круговите на Артур или Карло Велики. На крајот на Сер Гвејн и Зелениот Витез, се открива дека целата натприродна епизода била поттикната од страна на Морган како тест за Артур и неговите витези, и за да ја исплаши Гвиневир. Важноста на Морган во овој расказ е оспорена и наречена deus ex machina и е едноставно еден уметнички уред за понатамошно поврзување на епизодата на Гвејн со приказната за Артур.

Во легендите за Карло Велики, таа најмногу е позната по нејзиното пријателство со Огиер Данецот, што го носи до нејзината палата на мистичниот остров за да ѝ биде љубовник. Во chanson de geste (народни песни за хероите) од Хуон де Бордо, Морган е мајка на кралот Оберон зачнат од никој друг туку Јулиј Цезар.

Во подоцнежната научна фантастика[уреди | уреди извор]

Стереотипната слика за Морган често е онаа во којашто таа се прикажува како лоша: обично заводлива, мегаломанска маѓепсничка која сака да го порази Артур. Современите толкувања за митот за Артур понекогаш на Морган ѝ ја доделуваат улогата на жена што го заведува Артур и го раѓа злобниот Мордред, иако најчесто Моргоз е прикажана како негова мајка, сестрата на Морган. Во овие дела Мордред често е нејзин пион, што таа го користи за да го заврши животот на кралот Артур. Примери за модерни дела за Артур кои ја имаат Морган во улога на главен непријател вклучуваат ликови во двете ДС Комикс (Моргана ле Феј) и Марвел Комикс (Морган ле Феј) како и во филмовите (Јенки од Конектикат во дворецот на Артур, Екскалибур, Мерлин: Враќањето, Принцот Валиант, Ученикот на маѓепсникот), новелите (Артур Рекс, Греј Грифинс, Гвиневир, Кралицата на Летната земја, Животот на витезот, Витезот на светото езеро, Кругот на Пендрагон, Принцот и Пилгримот, Кралицата на летните ѕвезди), театарски дела (Јенки од Конектикат, Екскалибур, Гвејн), телевизиски серии (Бојно поле, Камелот, Даркстолкерс, Гвиневир Џоунс, Кралот Артур и витезите за правда, Мерлин, Принцезата Гвиневир и Јавачите на бисери) и видео-игри (Потрагата на Артур, Хрониките на мечот, Мрачно доба на Камелот, Ерик Неспремниот, Духот на Екскалибур, Стронгхолд легенди, Волшебник101).

Сепак, во почетокот на 20 век, неколку феминистки ја усвоија Морган како претставување на женската моќ или на исчезнувачка форма на женската духовност наводно практикувана од Келтите или претходните народи. Овие толкувања се осврнале на француските романси што ја прикажуваат Морган како „добронамерен лик“ со натприродни лекувачки моќи. Ова доведе до проширување на улогата на Морган во феминистичката литература за Артур, како што е Маглите на Авалон од Мерион Цимер Бредли, којашто оди дотаму што ѝ дава заслуга за главните настани во главната приказна. Во други дела Морган има различни улоги, позитивни или барем понејасни вклучувајќи ги филмовите Ах! Господи: Филмот, Авантурите на Сер Галахад, Авалон, Господар на ѕверовите 3: Окото на Браксус и Мерлин, новелите Јенки од Конектикат во дворецот на кралот Артур, Екскалибар, Господар на огнот, Кралот Артур и витезите на кружната маса, Коските на Мерлин, Песната на врапчето и Идилите на кралицата, телевизиските серии Пресврт во приказната, Ѕвездена порта СГ-1 и Винкс клуб, видео-игрите Витезите на Артур: Приказни за витештвото, Витезите на Артур 2: Тајната на Мерлин и Кралот Артур 2: Играње улоги во Варгејм, сериите книга и филм Магичната куќа на дрво, телевизиската програма Кастело Ра-Тим-Бум и расказот „Последниот бранител на Камелот“.

Во фолклорот[уреди | уреди извор]

Фата Моргана, забележана на пристаништето Месина (1884 г.)

Морган ле Феј или Фата Моргана на италијански, била поврзувана со Сицилија откако Норманите ја освоиле јужна Италија. Како такво, таа го додала своето име на формата за илузија која била честа за бреговите на Сициија , Фата Моргана. Во средновековната романса Флоријант и Флорет се кажува дека домот на Моргана бил на планината Монтегибел на Сицилија, а подоцнежниот италијански фолклор ја опишува Моргана како живее на планината Етна.