Монетарни сметки

Од Википедија — слободната енциклопедија

Монетарните сметки или Монетарната статистика се дел од макроекономската статистика која ги прикажува тековите и состојбата на средствата на финансиските институции.

Опфат и значење[уреди | уреди извор]

Монетарната статистика вклучува податоци за сите институционални единици во секторот на финансиски корпорации. Овој сектор го сочинуваат три потсектори:[1]

Централната банка и останатите депозитни институции го сочинуваат потсекторот на депозитни институции. Во голем број земји, билансите на овие институции го сочинуваат основната група на монетарната статистика, што се должи на следново:[2]

  • Емпириската потврденост дека обврските на банките (парите) се силно поврзани со агрегатната потрошувача и преко тоа влијаат врз економскиот раст, инфлацијата и билансот на плаќање,
  • Расположливоста на податоците во банкарскиот сектор, и
  • Доминацијата на банкарскиот во вкупниот финансиски систем.

Во однос на макроекономските сметки, монетарните сметки се користат поради следниве причини:[3]

  1. Монетарните сметки ги отсликуваат тековите на реалните ресурси помеѓу секторите.
  2. Монетарните сметки се отсликуваат на променливи со централна улога во макроекономските анализи како: парите, кредитите, девизните средства и обврски итн.
  3. Речиси сите програми за прилагодување на економијата (како оние од ММФ), за централен елемент во теоретската заснованост ја користат поврзаноста помеѓу монетарните агрегати и фискалните операции, и нивните ефекти врз билансот на плаќања.
  4. Податоците на монетарните сметки се расположливи со помало временско задоцнување од другите макроекономски сметки.

Монетарни биланси и прегледи[уреди | уреди извор]

Банкарскиот систем на една земја го сочинуваат: (1) монетарната власт (централната банка) и (2) депозитните банки. Прегледите на билансите на монетарната власт и депозитните банки претставуаат еден вид на аналитички биланси, кои се добиваат со агрегирање и консолидирање на одредени ставки од билансите. Овие монетарни прегледи претставуаат консолидиран биланс на секторот на депозитни институции.[4]

Биланси и прегледи на монетарната власт[уреди | уреди извор]

Монетарната власт во секоја земја извршува специфични функции, како на пример: издавање на книжни и ковани пари, чување и управување со девизните резерви, контрола и активности во врска со платниот биланс како и супервизија на банкарскиот систем. Како една од основните задачи на монетарната власт е создавањето на примарни пари, односно монетарна база. Преку контролата на износот и движењето на примарните пари, централната банка ја контролира паричната маса. Исто така, сите операции на централата банка како: кредитирањето на државата, купувањето или продавањето на државни хартии од вредност или интервенциите на девизниот пазар – влијаат врз износот на примарните пари.

Поради системска анализа на операциите на монетарните власти се изготвуваат два извештаи:[5]

  • Биланс на монетарната власт
  • Преглед на монетарната власт (аналитичка презентација на билансот)

Аналитичката презентација односно прегледот на монетарната власт се состои од:[6]

  • нето-девизна актива (NFA), која ги претставува односите на централната банка со нерезидентите. Таа се пресметува како разлика помеѓу девизните средства и девизните обврски.
  • нето-домашна актива (NDA), која ги претставува побарувањата на централната банка од домашните резидентни сектори, односно од државата и приватниот сектор – како, на пример, нивните кредити и депозити.
  • примарни пари (RM), кои ги претставуваат главна обврска на монетарната власт. Нив ги сочинуваат: издадените готови пари кои се држат или од банките или од субјекти надвор од банките, како и банкарските и небанкарските депозити кај централната банка.

Имајќи ја предвид аналитичката презентација на билансот на монетарната власт, според сметководствениот принцип на еднаквост помеѓу активата и пасивата во билансот произлегува:

RM = NFA + NDA

Според равенството, секоја промена во примарните пари е резултат на промената во нето домашните и/или нето девизните средства.

ΔRM = ΔNFA + ΔNDA

Биланси и прегледи на депозитните банки[уреди | уреди извор]

Депозитни банки се оние финансиски институции кои имаат значаен износ на обврски во форма на депозити, кои потоа се трансферираат во вид на кредити. Депозитните банки имаат четири улоги во економијата, и тоа:[7]

При стандардната презентација на билансот на депозитните банки, податоците се претставени на бруто основа, со посебно прикажување на компонентите на активата и пасивата. При аналитичката презентација на билансот се прикажуваат побарувањата (обврските) на банките од (кон) небанкарските субјекти, но не и побарувањата (обврските) помеѓу банките. Во однос на средствата, депозитните банки вообичаено располагаат со девизни средства, кои се користат за финансирање на активности на надворешната трговија. Исто така дел од нивните вкупни средства се држат во форма на резерви кај монетарната власт најчесто во обем одреден од законските барања. Иако, некогаш банките одлучуваат да држат и над овие законски одредени нивоа поради зголемување на сигурноста во поглед на ликвидноста и солвентноста. Овие резерви претставуваат значаен елемент во детерминирањето на обемот и движењето на примарните пари. Што се однесува до обврските на депозитните банки, тие најчесто се класифицираат во зависност од видот на инструментот, првенствено според ликвидноста, а не според секторот. Ова е поради тоа што одредени обврски на банките поради нивната ликвидност се вклучени во потесните дефиниции на паричната маса.[7]

Консолидирани монетарни прегледи[уреди | уреди извор]

Монетарните прегледи претставуваат консолидирани биланси на секторот на депозитните институции. Овие прегледи ги консолидираат податоците од засебните биланси на монетарната власт и депозитните банки во еден преглед. Според тоа, средствата и обврските на овие прегледи ги претставуваат средствата и обврските на целиот банкарски систем во земјата. Имено, поради силното и директно влијание на обврските на банкарскиот систем врз агрегатната потрошувачка во економијата, консолидираните монетарни прегледи на систематски начин ги прикажуваат овие обврски, со цел да им овозможат на носителите на политиките редовно пратење на реалните движења и контролирање на овие движења согласно монетарната политика. Како сметководствени принципи препорачани за изготвување на монетарната статистика се наоѓаат:[8]

  • Монетарната статистика да се заснова на билансите на состојбата, а не тековите.
  • Најчесто, евидентирањето на податоците да се врши на пресметковна основа (моментот кога настанува обврската, не кога таа е подмирена)
  • Монетарните сметки да се изразуваат во домашна (локална) валута.
  • При изготвување на монетарните сметки се следи принципот на консолидирање, односно одредени трансакции помеѓу субјектите се поништуваат.

Главни стандардни компоненти на аналитичките презентации на монетарните прегледи се:[9]

  • Нето-девизната актива
  • Нето-домашната актива
  • Најшироката дефиниција на парична маса

Во овие консолидирани биланси, нето-активата претставува разлика меѓу средствата и обврските на банките и монетарната власт. Во поглед на паричната маса, постојат неколку дефиниции:

  • Најтесна дефиниција на паричната маса М1 – готови пари во оптек и пари на трансакциски сметки (без оние на централната банка)
  • Поширока дефиниција на паричната маса М2 – М1 и рочните и штедните депозити таканаречени „квази пари“

Оттука, според равенството во монетарниот преглед следува: М2 = NFA + NDA

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 133.
  2. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 134.
  3. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 129.
  4. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 134-135.
  5. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 138.
  6. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 138-143.
  7. 7,0 7,1 Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 145-149.
  8. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 149-151.
  9. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 151-153.