Мона Лиза (филм од 1986)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

„Мона Лиза“ (англиски: Mona Lisa) — британски филм од 1986 година, во режија на Нил Џордан (Neil Jordan), кој е автор и на сценариото, заедно со Дејвид Леланд (David Leland). Главните улоги ги играат: Боб Хоскинс (Bob Hoskins), Кети Тајсон (Cathy Tyson), Мајкл Кејн (Michael Caine), Кларк Питерс (Clarke Peters), Кејт Харди (Kate Hardie) и Роби Колтрејн (Robbie Coltraine). Филмот, кој се смета за едно од клучните остварувања во преродбата на британскиот филм во 1980-тите, е супериорно напишан, виртуозно режиран и извонредно одигран, така што претставува мало ремек-дело. За незаборавната улога на романтичниот криминалец, Хоскинс ја освоил наградата на БАФТА, како и „Златен глобус“, награда на Канскиот филмски фестивал и номинација за „Оскар“ за најдобра главна машка улога, а филмот освоил повеќе признанија и награди. Покрај Хоскинс, и Тајсон ја остварила својата животна улога.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Ситниот престапник Џорџ (го игра Хоскинс) излегува од затворот каде отслужил казна во траење од седум години. Веднаш ја посетува поранешната сопруга за да ја види ќерката, но сопругата не сака ниту да го види. Поради тоа, Џорџ живее кај стариот пријател Томас (го игра Колтрејн). Џорџ веднаш тргнува во потрага по гангстерскиот шеф Мортвел (го игра Кејн) за кој смета дека му е должен, зашто поради него бил затворен, но успева да воспостави контакт само со неговиот помошник, кој му дава необична работа — да ѝ биде возач на елитната проститутка Симон (ја игра Тајсон). На почетокот, простиот и некултурен Џорџ и отмената Симон тешко се поднесуваат, но со текот на времето, таа сè повеќе почнува да му се допаѓа. Кога Симон настојува да ја пронајде својата исчезната пријателка Кети (ја игра Харди), која работела како улична проститутка, Џорџ несебично се вклучува во потрагата при што го ризикува и животот. Тој го пронаоѓа поранешниот макро на Симон, Андерсон (го игра Питерс) кој го напаѓа Џорџ, а потоа Симон бега во Брајтон. Најпосле, Џорџ ја наоѓа Кети и ја носи во Брајтон, а на Симон ѝ го дава својот пиштол. Таму, тој дознава дека Симон и Кети се љубовнички и дека Симон само го искористила за да ја најде Кети. Тогаш пристигнуваат Мортен и Андерсон, со намера да ги фатат Кети и Симон, но Симон ги убива двајцата. Џорџ ја удира Симон, си го зема пиштолот и се враќа дома, каде работи во гаражата на својот пријател Томас и се дружи со својата ќерка.

Наводи[уреди | уреди извор]