Момче во пижами со риги (филм)
Момче во пижами со риги (англиски: The Boy in the Striped Pyjamas) — американска историска филмска трагедија со тематика од Втората светска војна, заснован врз истоимениот роман на Џон Бојн од 2006 година.[1] Сценарист и режисер бил Марк Херман, а продукцијата била направена од Би-Би-Си Филмс и Хадеј Филмс, со дистрибуција на Мирамакс. Главната, насловна улога ја игра Ас Батерфилд. Филмот бил прикажан на 12 септември 2008 година во Велика Британија.
Драмата за холокаустот прикажува ужасот од нацистичкиот логор за истребување преку приказната за две 8-годишни момчиња: Бруно (Батерфилд), син на командантот на логорот, и Шмул (Џек Сканлон), еврејски затвореник.
Филмот добил негативни критики од некои научници за холокауст за погрешно прикажување.
Дејство
[уреди | уреди извор]Филмот започнува со цитат од Џон Бетшеман: „Детството се мери со звуци, мириси и погледи, пред да пристигне темниот час на разумот“. Момчето Бруно живее со своето семејство во Берлин, нацистичка Германија за време на Втората светска војна. Тој дознава дека неговиот татко Ралф бил унапреден, па затоа семејството - вклучувајќи ја и мајката на Бруно, Елса и сестрата Гретел - се иселуваат од градот (во окупирана Полска). На Бруно не му се допаѓа неговиот нов дом бидејќи нема со кого да си игра и има многу малку работи за истражување. Откако рекол дека видел луѓе кои работат во некои куќи што наликуваат на фарма (што е, всушност, нацистички логор, за кој малиот Бруно не знаел), тие му забраниле да си игра во задниот двор кој гледал кон логорот.
Бруно и Гретел добиваат приватен учител Хер Лист, кој ја пропагирал агендата за антисемитизам и нацистичката пропаганда. Ова, покрај за заљубувањето во еден од поручниците (возачи), ја води Гретел до краен фанатизам за поддршка на Третиот рајх, па таа ги покрива ѕидовите на нејзината спална соба со постери на нацистичка пропаганда и портрети на Адолф Хитлер. Бруно е збунет затоа што Евреите што ги видел, поточно еврејскиот слуга на семејството Пол, се разликувал од антисемитските карикатури во учењето на Лист.
Еден ден, Бруно не им се покорил на своите родители и заминал во шумата низ дворот зад куќата и стигнал до бодликавата жица што го опкружувала кампот. Тој се спријателил со момче по име Шмул. Двете момчиња не ја разбирале вистинската природа на логорот: Бруно сметал дека ригите на униформите што Шмул, Павел и другите затвореници ги носат се пижами и некаква форма на маскирана игра, а Шмул верувал дека неговите баба и дедо починале од болест за време на патувањето до логорот. Бруно почнал редовно да се среќава со Шмул, тајно да му носи храна и да си игра „дама“ со него. На крајот, тој открива дека Шмул е Евреин и дека бил донесен во логорот со татко му и мајка му.
Еден ден, Елса ја открива реалноста на унапредувањето на Ралф, откако поручникот Курт Котлер рекол дека црниот чад што доаѓа од логорот се должи на палењето трупови на Евреите. Таа му се спротивставува на Ралф, згрозена и потресена. На вечерата истата вечер, Котлер признава дека неговиот татко го напуштил семејството и отишол во Швајцарија. Кога го слушнал ова, Ралф му рекол на Котлер дека мора да ги извести властите за несогласувањето на неговиот татко со сегашниот политички режим, затоа што тоа е негова должност.
Подоцна истиот ден, Бруно го гледал Шмул како работи во неговата куќа. Шмул е таму за да ги исчисти чашите за вино затоа што им требал некој со мали раце да го стори тоа. Бруно му нуди колачи и Шмул прифаќа. За жал, Котлер влегува во просторијата каде што се дружат Бруно и Шмул. Тој се лути и му вика на Шмул разговарајќи со Бруно. Во тој момент, тој го гледа залакот што го џвака Шмул, а му го дал Бруно. Котлер го прашува Шмул кој му ја дал храната, а тој одговара дека тоа е Бруно. Бруно, исплашен од Котлер, го негира ова. Верувајќи му на Бруно, Котлер му кажува на Шмул дека подоцна ќе имаат „мал разговор“. Разочаран што го предал својот пријател, Бруно оди да му се извини, но Шмул повеќе го немало. Секој ден, Бруно се враќал на истото место каде се дружел со Шмул, но не можел да го најде. На крајот, Шмул се појавил зад оградата со повреда на неговото око. Бруно му се извинува на Шмул и Шмул му простува, па тие го обновуваат пријателството.
По погребот на неговата баба, која наводно била убиена во Берлин по бомбардирањето на сојузничките сили, Ралф им рекол на Бруно и Гретел дека Елса им предложила да одат во куќата на роднина, бидејќи тука не е безбедно. Вистина е дека таа го сторила тоа затоа што не сакала децата да живеат со таткото убиец. Шмул имал свои проблеми, неговиот татко исчезнал по „маршот“, тој не се вратил во логорот како другите. Бруно решил да му се оддолжи на Шмул помагајќи му да го најде својот татко. Следниот ден, Бруно - кој требало да замине тоа попладне - облечен во пижами во риги и капа на својата неострижена глава, копа под оградата за да му се придружи на Шмул во потрагата. Бруно потоа ја открива природата на логорот откако видел многу болни и слаби Евреи, што го шокирало (особено затоа што претходно гледал нацистички пропаганден филм за тоа како затворениците живеат добро во логорот, имаат разни активности, добра храна и сл.). Барајќи го таткото на Шмул во логорот, тие влегуваат во една колиба, и тука започнува „маршот“ спроведен од зондеркомандосите.
Во куќата, Гретел, Елса и Марија забележуваат дека го нема Бруно. Тие го откриваат отворениот прозорец низ кој избегал. Елса влегува на состанокот на Ралф за да го извести дека го нема синот. Ралф и неговите луѓе започнуваат со потрагата. Предводени од куче по трагата на Бруно, тие ја наоѓаат неговата облека покрај оградата. Загрижени, Елса и Гретел остануваат на тоа место, а Ралф влегува во кампот со луѓето и го бара Бруно, кој чека со Шмул и другите затвореници во соблекувалната каде им е кажано дека треба да ја однесат облеката за да се „тушираат“. Тие ги присилуваат да влезат во комората за гас, каде што Бруно и Шмул се држат за раце. Еден војник од Шуцштафел вметнува циклон Б пелети во комората, и затворениците почнуваат да паничат, викаат и тропаат на металната врата. Кога Ралф ќе сфати дека гушењето на Евреите е во тек, тој низ солзи го изговара името на неговиот син. Елса и Гретел, сè уште надвор од логорот каде што Бруно ја оставил облеката и ископал дупка, го слушаат Ралф како вика, а Елса очајно паѓа на колена и го повикува Бруно. Филмот завршува со прикажување на затворената врата од комората за гас во која сега владее тишина, што укажува на тоа дека сите - вклучително и Бруно и Шмул - починале.
Продукција
[уреди | уреди извор]Снимањето се случило меѓу 29 април и 7 јули 2007 година, во Унгарија. Локациите ги вклучуваат гробишта Керепеши во Будимпешта, замокот Шацелари во Будафок и неколку други области на Будимпешта. Ентериерите биле снимени во Фот Студија, Будимпешта.[2] Постпродукцијата е завршена во Лондон. Вкупните трошоци за продукцијата биле приближно 13 милиони долари.
Прием
[уреди | уреди извор]Критика
[уреди | уреди извор]Момчето во пижами со риги има оценка од 63% на Rotten Tomatoes, врз основа на 135 прегледи, со просечна оценка од 6,2 / 10. Критичниот консензус на страницата е: „Трогателен и прогонувачки семеен филм за холокаустот на привлечен и необичен начин, со брутален последен пресврт“.[3] Во „ Метакритик“, филмот има нормализиран рејтинг од 55 од 100, врз основа на 28 критики, со „мешана или просечна оценка“.[4]
Ејмс Кристофер, од „ Тајмс“, го опишал филмот како „филм кој погоди многу“.[5] Манола Даргис, од Њујорк Тајмс, рекла дека филмот е „тривијализиран, полиран, кич, комерцијално експлоатиран и присилно претставен како трагедија на холокаустот со нацистичко семејство“.[6]
Во Чикаго Сан Тајмс, Роџер Иберт рекол дека филмот не е обична реконструкција на Германија за време на војната, туку „систем на вредности што преживува како вирус“.[7]
Кели Џејн Торенс од Вашингтон пост изјавила дека филмот е трогателен и убаво раскажан.[8] И покрај некои критики, Тај Бур од „ Бостон глоуб“ заклучил: „[Она] што ги спасува филмот од кич е студот, набљудувачката логика на раскажувањето на Херман“.[9]
Научниот свет
[уреди | уреди извор]Научниците го критикувале филмот за неговата нејасна историска презентација на фактите за холокаустот и создавањето лажна еквивалентност помеѓу жртвите и сторителите.[10][11] На пример, на крајот од филмот е прикажан очајот на семејството на Бруно, што го принудува гледачот да чувствува симпатија кон извршителите на холокаустот. Мајкл Греј напишал дека приказната не е реална и содржи многу невозможни работи, бидејќи децата биле убивани веднаш штом пристигнувале во Аушвиц и не било можно да контактираат со луѓе од надвор.[12] Студија на Центарот за образование за холокауст на Универзитетскиот колеџ во Лондон покажала дека филмот „има значајни проблематични влијанија врз начинот на кој младите се обидуваат да го разберат ова комплексно минато“. Сепак, неодамнешна студија покажува дека приемот на филмот во голема мера се заснова врз претходните знаења и верувања.
Студија на едукаторот за холокауст Мајкл Греј покажува дека повеќе од три четвртини од британските деца на училишна возраст (13-14 години) биле запознаени со делото, што е повеќе отколку со Дневникот на Ана Франк. Филмот имал значително влијание врз знаењето и верувањето на децата за холокаустот. Децата верувале дека приказната содржи многу корисни информации за холокаустот и се потпирале врз прецизен впечаток за настаните од реалниот живот. Повеќето верувале дека филмот се заснова на вистински настан. Греј исто така открил дека многу студенти донеле погрешни заклучоци од филмот, како што е претпоставката дека Германците не знаеле ништо за холокаустот само затоа што семејството на Бруно (освен таткото) не знаело, или дека холокаустот завршил откако нацистичкото дете погрешно се задушило во коморите. Други претпоставувале дека Евреите доброволно отишле во нацистичките логори на смртта затоа што биле измамени од нацистичката пропаганда, а точно е дека биле присилно однесени и депортирани. Греј препорачал да ја проучуваат книгата веднаш откако децата ќе ги научат клучните факти за холокаустот, затоа што тогаш има помалку шанси да се извлечат погрешни заклучоци.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Vilkomerson, Sara (31 март 2009). „On Demand This Week: Lost Boys“. The New York Observer. Архивирано од изворникот на 7 декември 2009. Посетено на 4 април 2011.
- ↑ „The Boy in the Striped Pajamas (2008)“. IMDb.com. Посетено на 15 август 2019.
- ↑ „The Boy in the Striped Pyjamas (2008)“. Rotten Tomatoes. Посетено на 12 јуни 2016.
- ↑ „The Boy in the Striped Pyjamas Reviews“. Metacritic. Посетено на 12 јуни 2016.
- ↑ Christopher, James (11 септември 2008). „The Boy in the Striped Pyjamas Review“. The Times. Архивирано од изворникот на 30 август 2009. Посетено на 30 август 2009.
- ↑ Dargis, Manohla (7 ноември 2008). „Horror Through a Child's Eyes“. The New York Times. Архивирано од изворникот на 2017-08-18. Посетено на 30 август 2009.
- ↑ Ebert, Roger (5 ноември 2008). „The Boy in the Striped Pajamas“. Chicago Sun-Times. Архивирано од изворникот на 16 јули 2010. Посетено на 25 јуни 2013.
- ↑ http://www.washingtontimes.com, The Washington Times. „MOVIES: A 'Boy' looks at the Holocaust“. The Washington Times.
- ↑ Burr, Ty (14 ноември 2008). „The Boy in the Striped Pajamas“. The Boston Globe. Посетено на 15 август 2019.
- ↑ Eaglestone, Robert (2017). The Broken Voice: Reading Post-Holocaust Literature (англиски). Oxford University Press. ISBN 9780192525680.
- ↑ Szejnmann, Claus-Christian W.; Cowan, Paula; Griffiths, James (2018). Holocaust Education in Primary Schools in the Twenty-First Century: Current Practices, Potentials and Ways Forward (англиски). Springer. ISBN 9783319730998.
- ↑ Pearce, Sharyn; Muller, Vivienne; Hawkes, Lesley (2013). Popular Appeal: Books and Films in Contemporary Youth Culture (англиски). Cambridge Scholars Publishing. стр. 37. ISBN 9781443854313.