Мито Аргировски

Од Википедија — слободната енциклопедија

Мито Аргировски — македонски јазичар, доктор на науки и етимолог.

Роден е на 2 август 1933 година во село Ошчима, Леринско, во егејскиот дел на Македонија (сегашна Р. Грција).

Со основно образование се стекнува во родното место и тоа на грчки јазик.

Во периодот од 1947 до 1948 година како младинец учествува во Граѓанската војна во Грција. Во месец април 1948 година го напушта родниот крај и пристигнува во Унгарија.

Сместен е, како и многу други деца од Егејска Македонија, во детските домови што специјално се оспособени од унгарската држава.

Веќе на 16 годишна возраст е поставен да биде учител на нашите деца Македонци, како и на група Грчиња. Тој им предава настава на македонски и на грчки јазик.

Д-р Мито Аргировски при привремениот престој во Унгарија, во текот на 1954 година завршува учителска школа во главниот град Будимпешта.

Започнува да ја врши значајната учителска мисија на децата Македонци сместени во домовите, како што се: Чурго, Диг и Хјугис

Во текот на 1955 година се запишува на студии на универзитетот „Ленин Интизет“. Истата година ги прекинува студиите и заминува за Полска, каде што било сместено целото негово семејство. Веднаш се запишува на студии Ополскиот универзитет во градот Ополе, на Групата Славистика. Но, набргу, под притисок врз полските административни структури од страна на некои грчки емигрантски раководители, тој бил исклучен од студиите поради неговата дејност во врска со афримација на македонскиот јазик и култура во Полска.

Периодот од 1955 до 1956 година од биографијата на д-р Мито Аргировски се одликува со една друга дејност - тој работи како новинар во иселеничкиот весник „Демократ“. Овој весник се печати со страници на грчки и македонски јазик.

Новинарот Аргировски на македонските страници пишувал записи од животот на Македонците во Полска, но објавувал свои лични и други патриотски песни, кои биле проткаени со носталгија за својот роден крај. Негова желба, како и желба на негови тамошни истомисленици - сонародници, млади луѓе била да создадат чисто македонски весник под наслов „Егејски Глас“, меѓутоа од притисок на грчките структури кои фигурураат во тој период тоа не се остварува. Воедно тоа е и причината за да биде отпуштен од работа како непожелен и е оптужен како непријателски елемент.

Подоцна се формира литературен кружок, познат под името „Вроцлавски литературен кружок“ во кој, заедно со Ташко Белчев, Петре Наковски и други, станува активен член.

Во 1962 се враќа во Македонија каде се запишува на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што во текот на 1968 година дипломира на Групата за славистика.

Во учебната 1967/1968 се вработува како професор по руски јазик во гимназијата „Здравко Чоковски“ во Дебар.

Од 3 февруари 1971 до 17 март 2001 година, работи во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје каде што и бил поставен како в. д. директор во периодот од 1995 до 1997 година.

Наводи[уреди | уреди извор]