Мистеријата на жолтата соба

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Мистеријата на жолтата соба  
Le Mystère de la chambre jaune (couverture).JPG
Една од оригиналните француски корици
Автор Гастон Леру
Наслов на
оригиналот
Le mystère de la chambre jaune
Земја Франција
Јазик Француски
Серијал Џозеф Рултаби
Жанр(ови) Детективска проза
Издавач L'Illustration (сериски)
Editions Pierre Lafitte (книга)
Издадена 1907 во сериска форма
1908 во форма на книга
Медиум Тврд и мек повез; аудиокнига
Страници 236
OCLC 59584573
Следна Парфемот на дамата во црно

Мистеријата на жолтата соба (француски: Le Mystère de la chambre jaune) e детективски роман на Гастон Леру, издаден сериски во 1907, а следната година како книга. Романот претставува еден од првите и најпознатите детективски романи од жанрот на „мистериите во затворен простор“.

Приказната се работи за младиот репортер Џозеф Рултаби кој се соочува со сложена и речиси необјаснива мистерија. Станува збор за обид на убиство во заклучена соба, во која изгледа како убиецот едноставно да исчезнал. Авторот детално ги исцртува околностите на случувањето и дава целосен приказ на куќата во која се случува злосторот. Нагласокот е на интелектуалниот ангажман на читателот да ја реши загатката која е навидум нерешлива.

„Леру сакајќи да напише роман подобар од романите на Конан Дојл и поголем од расказите на По, создаде приказна со геометриска точност, на која со право и се восхитува Агата Кристи“.[1] Преку ликот на Херкул Поаро, англиската писателка во романот Часовниците го вбројува Леру во еден од најдобрите писатели на детективска проза. Во прочуената мистерија Трите ковчези на американскиот писател и мајстор на мистериите во затворен простор, Џон Диксон Кар, преку ликот на д-р Гидеон Фел, прави омаж на делото на Леру, така што тврди дека овој роман е најдобриот детективски роман на сите времиња. Сепак, покрај овие сведоштва за популарноста на делото и генијалноста на приказната, според некои делото е специфично поради своите поетски, дури филозофско-апсурдни нијанси.

Резиме[уреди | уреди извор]

Жозеф Рултаби е млад репортер кој е опседнат со криминални случаи. Поттикнат од љубопитност, заедно со својот пријател Санклер, се вмешува во случувањата на замокот Гландие. Таму, во околината на Париз, длабоко во една шума, скриени во замокот покрај стара, напуштена кула со зандани, живеат и работат Станжерсон и неговата ќерка Матилд. Една ноќ, по завршувањето на нивната лабораториска работа, Матилд се повлекува во својата соба, се заклучува и паѓа во сон. Во текот на ноќта Матилд е нападната, а неколку истрели од пиштол се испукани. Станжерсон веднаш влегува во собата каде ја наоѓата главата на Матилд раскрварена, собата растурена, а напаѓачот навидум исчезнат во воздухот. Матилд останува жива, а Рултаби наоѓа само крвав отпечаток од рака на ѕидот од собата.

Мистеријата е неверојатно енигматична и отпрвин секое решение кое го нуди еден од ликовите изгледа невозможно. Напаѓачот не излегол од единствениот прозорец во собата, кој е затворен со решетки; не постојат тајни врати и скривалишта; никакво натприродно решение е прифатливо. Покрај истражниот судија кој управува со случајот, поставен е професионален детектив, Фредерик Ларсан, кој го истражува злосторството. Ларсан веднаш се судрува со Рултаби. Додека првиот методично ја истражува ситуацијата и набргу нуди едноставно решение, Рултаби директно се противставува на Ларсан. Рултаби вели дека се држи за „правиот крај на разумот“ (фр. јазик: le bon bout de la raison) за разлика од Ларсан чии методи се погрешни. Како и да е, Ларсан набргу го апси Роберт Дарзак, свршеникот на Матилд, како главен осомничен, но не нуди соодветно решение за мистеријата на жолтата соба.

Во меѓувреме, Рултаби се соочува со низа споредни загатки: Матилд се однесува таинствено по случувањата; старата Агну постојано зборува за клетви и чудовиште кое талка низ имотот; очигледно е дека жената на гостилничарот е заљубена во чуварот на имотот; слугите, господин и госпоѓа Берние се осомничени за убиството и се веднаш затворени во старите зандани. Рултаби решен да го фати вистинскиот убиец на дело, организира заседа во замокот. Неговата претпоставка е дека злосторникот ќе се обиде повторно да ја убие Матилд во нејзината соба во замокот, па така кога убиецот ќе ја напушти собата, Рултаби, неговиот адвокат Санклер, детективот Ларсан и стариот батлер Жак ќе го опкружат убиецот во ходникот, така што секој ќе биде позициониран на еден од четирите краја на вкрстениот ходник. Каде и да бега, убиецот би паднал во рацете на еден од четворицата. Таа вечер, откако неуспешно ја напаѓа Матилд, напаѓачот излегува во ходникот, каде четворицата трчаат да го фатат. Одеднаш, настанува мистерија поголема од мистеријата на жолтата соба: како што го трчаат кон него, четворицата се удираат еден во друг, додека злосторникот навидум исчезнува. Оваа случка ги поништува законите на логиката бидејќи невозможно е човекот да се провлече низ прстите на некој од четворицата, кога четирите можни страни за бегство се потполно блокирани.

На крајот од романот Рултаби триумфално се појавува на судењето на Роберт Дарзак за обидот на убиство на Матилд Станжерсон каде ги објаснува двете мистерии: Матилд Станжерсон била заљубена во озогласен криминалец пред многу години, кој исчезнал сè додека не решил да се врати кобната ноќ во жолтата соба. Имено, Матилд била нападната додека сè уште било ден, но успешно пукала во раката на напаѓачот, отаде отпечатокот на ѕидот. Напаѓачот веднаш се повлекол оставајќи неколку крвави дамки во шумата. Матилд го криела настанот, се додека не дошла ноќта во која кошмарот не предизвикал таа да се разбуди, вресне неколку пати, пука напразно и падне на подот, а притоа ја удри главата од масичката покрај креветот, отаде раната на черепот. На кратко, злосторникот воопшто не бил присутен за време на ноќта, иако сите траги упатуваат кон тоа. Рултаби, гордо изјавува дека напаѓачот е никој друг освен: Фредерик Ларсан, кој е всушност поранешниот љубовник на Матилд. Ларсан сакајќи да се избави од злоделото, самиот го презема случајот, и го обвинува Роберт Дарзак за обид за убиство. Со ова решението на втората загатка станува очигледно: кога четворицата трчаат кон убиецот, всушност тој - Ларсан, трча кон своето место и во истиот момент се враќа кон останатите. Напаѓачот не измолкнал меѓу прстите на четворицата, бидејќи тој бил еден од нив. Ларсан исчезнува, а Рултаби гордо создава углед за себе како генијален детектив.

Ликови[уреди | уреди извор]

  • Жозеф Рултаби - главниот лик во романот; опишан како генијален новинар, Рултаби сонува да биде детектив и индиректно се впушта во настаните во замокот Гландие.
  • Господин Станжерсон - таткото на Матилд и наградуван научник и професор, кој заедно со ќерка си се повлекува во шумите околу Париз, за да ја избегне градската бучава и да се посвети на истражувањето.
  • Матилд Станжерсон - ќерката на научникот и жртвата во романот. Матилд има 35 години и одбива да се омажи, криејќи детали од своето минато.
  • Татко Жак - стариот батлер на имотот, кој е бескрајно лојален кон семејството Станжерсон.
  • Роберт Дарзак - поранешен физичар, сегашен свршеник на Матилд.
  • Санклер - нараторот на романот и придружникот на Рултаби.
  • Фредерик Ларсан - детективот кој доаѓа во замокот да го истражи злосторот. Генијален ум кој во своите методи е директно противставен на Рултаби.
  • Господин де Марке - истражниот судија.
  • Берниеви - маж и жена кои служат како слуги на имотот.
  • Зелениот човек“ - љубовникот на госпоѓата Матје и чувар на имотот.
  • Старата Агну - стара жена која живее во околината на замокот; убедена дека постои чудовиште кое го демнее замокот.
  • Господин и госпоѓа Матје - сопственици на гостилницата близу замокот.
  • Артур Рејнс - мистериозен посетител од САД, кој е дел од минатото на Матилд.

Адаптации[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Le Nouveau Dictionnaire des œuvres de tous les temps et de tous les pays, tome IV, Paris, Bompiani/Robert Laffont, 1994, p. 4869