Мирослав Јосиќ Вишњиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мирослав Јосиќ Вишњиќ

Мирослав Јосиќ Вишњиќ (српски: Мирослав Јосић Вишњић; 15 декември 1946 - 8 септември 2015) - српски писател.

Животопис[уреди | уреди извор]

Мирослав Јосиќ Вишњиќ е роден на 15 декември 1946 година во селото Стапар покрај Сомбор. Во родното место завршил основно училиште, во Сомбор завршил учителска школа (Препарандија), а потоа студирал општа книжевност и теорија на книжевноста на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Белград. Долго време работел хонорарно како лектор, коректор и технички уредник во разни издавачки куќи, весници и списанија. Бил секретар на весникот „Студент“ (до промената на редакцијата во 1968 година), како и уредник на списанието „Relations“. Некое време бил вработен во Српската книжевна задруга. Потоа бил еден од првите приватни издавачи на книги (во „Книжевната фабрика МЈВ и децата“). Исто така, тој бил и претседател на ПАНУ. Јосиќ Вишњиќ починал на 8 септември 2015 година во Белград.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Раскази[уреди | уреди извор]

Во 1995 година, агенцијата „Драганиќ“ ги објавила собраните раскази на Јосиќ Вишњиќ, напишани во периодот меѓу 1966 и 1984 година. Првиот негов расказ е „Темниот вилает“ објавен во списанието „Видици“ во јануари 1967 година, а последниот расказ „Шолја горко кафе“ го објавил во „Книжевните новини“ во октомври 1984 година. Во август 1969, како дел од библиотеката на „Видици“ се појавила неговата прва збирка раскази „Убавата Јелена“ која во мај 1970 година била наградена со наградата „Исидора Секулиќ“. Подоцна, во 1980 година, оваа збирка била повторно објавена во библиотеката „Атлас“ на Српската книжевна задруга, заедно со романот „Чешка школа“. Расказите од збирката „Дванаесет годови“ најпрвин биле објавени како додаток на списанието „Књижевна реч“ бр. 33 од јануари 1975 година, под насловот „Девет годови“, а во 1977 година биле објавени како заедничко издание на „Рад“, „БИГЗ“ и „Народна књига“. Во 1994 година се појавила збирката „Квартет“ во издание на агенцијата „Драганиќ“, а како дел од библиотеката „Синиот круг“.[2]

Осврт кон творештвото[уреди | уреди извор]

Мирослав Јосиќ Вишњиќ припаѓа на групата српски писатели кои се формирале околу 1970 година, а кои покажувале исклучителна наклонетост кон експериментирањето со книжевните постапки. Сите негови прозни дела се одликуваат со посебни структурни и жанровски својства, но сите нив ги обединува лирскиот наративен јазик застапен во сите нив. На тој начин, Јосиќ Вишњиќ е еден од најдоследните и најостварените застапници на лиризмот во повоената српска проза. Токму неговиот книжевен јазик и стил е клучното средство со кое тој успева да го наметне своето сфаќање за нужното испреплетување на различните живонти вредности и различните проекции на стварноста во една книжевна структура. Благодарение на специфичниот јазичен слој во неговите прозни дела, Јосиќ Вишњиќ успеал да се наметне како исклучително значаен и провокативен писател во повоената српска проза. Исто така, тој спаѓа во групата српски писатели кои ја употребуваат лиризацијата на наративниот говор како ефикасно средство за изразување на можностите на јазикот и стилот. Лиричноста на прозата на Јосиќ Вишњиќ највидливо е присутна во синтаксата, како и во интонацијата, ритамот, мелодичноста и повеќезначноста на реченицата. Неговите реченици се исклучително ритмични, со подеми и падови во интонацијата кои се совпаѓаат со значењето на реченицата. Притоа, во голем број случаи, неговиот книжевен израз е структуриран според принципите на класичната ритмичка проза која во речисис екојс вој слој содржи поетска семантика. Во продолжение, Јосиќ Вишњиќ често ја применува постапката на индивидуализација на говорот на книжевните јунаци. Меѓутоа, во неговото творештво, говорот на книжевните јунаци не се издвојува во посебен структурален сегмент, туку индивидуализацијата се остварува низ наративниот говор. Во неговите дела, нараторот е најчесто некој од книжевните ликови при што тој зборува во свое име, но и во име на авторот, а истовремено ја објаснува и приказната.На тој начин, нараторот има двојна функција: функција на книжевен лик и функција на можен автор на текстот.[3]

Мирослав Јосиќ Вишњиќ е модерен прозен писател кој својот книжевен сензибилитет го изразува со непосредни наративни средства. Неговиот однос кон книжевната материја се огледува во секој слој на книжевната структура, во приказната и композицијата, а исто така и во јазикот, во стилот и во основната симболичка насока на прозниот текст. Тој е писател со длабоко чувство за книжевната традиција врз која се потпира современата проза. Оттука, не зачудува тоа што во неговите дела се застапени елементите на модерната книжевна постапка преземени од класиците на српскиот модернизам Милош Црњански и Растко Петровиќ. Меѓутоа, внатрешните елементи и меѓуодноси во неговата проза се решени на потполно индивидуален творечки начин, па затоа во неа се присутни многу книжевни постапки, од модернизирана реалистична постапка до фантастика, од експериментална и асоцијативна проза до критички интонирани текстови, од пародиски и ироничен однос кон книжевните и општествените вредности до лирска евокација на детството и младоста. Оттука, неговиот однос кон книжевната структура е повеќезначен. На пример, тој му навестува на читателот дека пишува еден вид проза, а на крајот испаѓа дека напишал друг вид. Она што навидум изгледа како спонтана проекција на неговиот поетички став за доминантната функција на прозната структура, во крајна линија се прикажува само како една негова особина на чија основа неизбежно се развива некоја друга.[4]

Библиографија[уреди | уреди извор]

Мирослав Јосиќ Вишњиќ објавил околу 30 книги, а негови поважни дела се:

Раскази[уреди | уреди извор]

  • Убавата Јелена (1969, 1980, 1995, 2007)
  • Дванаесет годови (1977, 1995, 2007)
  • Квартет (1994, 1995, 2007)
  • Нови годови (1998, 2007)
  • За муренката и гробот (2005, 2007)
  • Приказни од трапот (2006, 2007)
  • Ѓурѓовден и други дати 2015)

Новели и романи[уреди | уреди извор]

  • Роман за смртта на Галеријата (1970, 1974, 1975, 1995)
  • Чешката школа (1971, 1980, 1994, 1995)
  • Пристап во светлоста (1975, 1980, 1983, 1993, 1995, 2002)
  • Одбраната и пропаста на Бодрог во седум бурни годишни времиња (1990, 1991, 1995, 1997, 2002)
  • Пристап во капката и семето (1992, 1995, 1998, 2002)
  • Световно тројство (1996, 2002)
  • Пристап во починката (1999, 2002)
  • Роман без роман (2004)
  • Додека смртта не нè раздели (2004)
  • Стeблото на Марија (2008)
  • Баронот од кошарата (2013)
  • ТБЦ (заедничко издание на пет романи, 2002)

Песни за деца[уреди | уреди извор]

  • Освен светот (1978)

Публицистика[уреди | уреди извор]

  • Во вториот круг (1995)
  • Писма до српските писатели (2007)
  • Маргина (2010)
  • Милош, Црњански (2013)
  • Додека чука срцето (2015)

Собрани дела[уреди | уреди извор]

Почнувајќи од 1995 година, агенцијата „Драганиќ“ ги објавила собраните дела на Јосиќ Вишњиќ, во седум книги:[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Preminuo književnik Miroslav Josić Višnjić
  2. „Пишчеве напомене“, во: Мирослав Јосиħ Вишњић, Сабране приповетке. Београд: Драганић, 1995, стр. 283.
  3. Марко Недић, „Модерна наративна визија историјског памћења“, во: Мирослав Јосиħ Вишњић, Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. XXVII-XXXII.
  4. Марко Недић, „Модерна наративна визија историјског памћења“, во: Мирослав Јосиħ Вишњић, Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. ХIII-XIV.
  5. Мирослав Јосиħ Вишњић, Сабране приповетке. Београд: Драганић, 1995