Миранда

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Миранда

Миранда е месечина на Уран која кружи околу планетата на растојание од околу 129.850 км. Миранда има приближно кружна форма, со димензии од 480х468х466, со просечен пречник од 472 км. Масата на оваа месечина е 6,59 × 10 19 кг. На Миранда е измерена максимална температура од 86 K (-187°Ц).

Откриена е од Џерард Кајпер во 1948 година. Војаџер 2 е единственото летало што ја посетило Миранда.

Состав и релјеф[уреди | уреди извор]

Миранда е изградена од карпи и воден мраз. Иако е најмалата од петте големи месечини на Уран, Миранда има најинтересен релјеф. Нејзината површина е сложена мешавина на различни типови на терен. Едни покрај други се наоѓаат нејзините долини, карпи, пукнатини, кратери и кањони.

Највпечатлив детаљ на површината на Миранда е светлиот облик во форма на латинската буква V, позната како Шеврон. Заедно со Шеврон, се забележуваат и нејзините планини и пукнатини. Некои кањони се длабоки 20 метри, а е снимена и стрмна карпа висока 5 метри.

Потеклото на релјефните карактеристики[уреди | уреди извор]

Според постара теорија, разновидноста на релјефот на Миранда е резултат на повеќе удари од месечини во раната историја. Со секој удар, делови од јадрото и кората на Миранда се мешале. Подоцнежното издигнување на делумно стопениот мраз од внатрешноста го предизвикал познатиот Шеврон.

Според понова теорија, сегашниот изглед на Миранда не бил многу под влијание на големите тела, туку на тектонската активност. Веројатната претпоставка е дека приливните сили се одговорни за тоа, како во Јупитеровата месечина Европа.

Иако Миранда не е во резонанција со ниту една друга месечина денес (како што е случајот со Европа), таквата резонанција можеби постоела во минатото. Резонанција на две месечини е појава во која месечините се среќаваат во нивната орбита околу матичната планета (т.е. внатрешниот го престигнува надворешниот) секогаш на исто место. Плимните сили предизвикуваат формирање на плимна вдлабнатина - искривување на месечината, што создава триење. Триењето ги загрева внатрешните делови и го топи мразот внатре, кој потоа се крева кон површината. Резонанцијата гарантира дека месечината секогаш се движи по истата оска, така што ефектот се акумулира со текот на времето.

Поради менувањето на патот на месечината, резонанцијата исчезнала и Миранда го загубила изворот на енергија за тектонски активности, поради што нејзиното раслојување (планетарна диференцијација) никогаш не завршило.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]