Милост (расказ)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Милост е расказ на францускиот писател Марсел Еме. Расказот е објавен на македонски јазик во 2008 година (во состав на збирката раскази под наслов “Париски приказни”), од страна на издавачката куќа “Темплум”, а преводот од француски јазик е направен од Ружа Димишковска.

Содржина[уреди | уреди извор]

Господинот Диперие е најдобриот христијанин во улицата Габриел, како и на целиот Монмартр. Тој е толку набожен и праведен, што Господ му подарува ореол околу главата. Диперие е многу благодарен за божјата милост, но сепак, тој е скромен и не сака да се гордее со својот божји подарок, туку го крие ореолот под шеширот. Меѓутоа, неговата жена е загрижена дека соседите, пријателите и роднините ќе ја озборуваат поради ореолот и затоа му наредува да се ослободи од него.

Тогаш, господинот Диперие започнува да ги практикува сите смртни гревови, со надеж дека така ќе го налути бога и дека тој ќе му го одземе ореолот. Најпрвин, започнува со горделивоста, односно се фали дека тој е поблагороден човек од сите свештеници, дека треба да биде назначен за надбискуп итн. Бидејќи тоа не дава резултати, тој се предава на ненаситноста и започнува да се прејадува со обилни ручеци, но и тој грев не му помага да се ослободи од ореолот. Потоа, Диперие го зафатила лутина и тој дури почнал да ја тепа жена си, но повторно без успех. Исто така, тој станал завидлив, мрзелив и алчен. Најпосле, тој го избира најстрашниот грев - сладострастието и започнува да се плетка со проститутките од плоштадот Пигал. Така, ја запознава проститутката Мари-Јаник која, воодушевена од неговиот ореол, станува зависна од него. На крајот, Диперие се претвора во нејзин сводник, меѓутоа ореолот се уште останува на неговата глава.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Марсел Еме, Париски приказни, Темплум, Скопје, 2008.