Милисав Савиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Милисав Савиќ

Милисав Савиќ (српски: Милисав Савић; Власово крај Рашка, Србија, 1945) - српски писател, новинар и универзитетски професор.

Животопис[уреди | уреди извор]

Милисав Савиќ е роден во селото Власово во близината на Рашка, во 1945 година. Во Нови Пазар завршил гимназија, а на Филолошкиот факултет во Белград дипломирал југословенска и светска книжевност. На истиот факултет магистрирал на тема „Мемоарската проза за Првото српско востание“, а потоа ја одбранил докторската дисертација на тема „Мемоарско-дневничката проза за српско-турските војни 1876-1878“. Од 1968 до 1970 година бил уредник на списанието „Студент“, од 1970 до 1972 година го уредувал списанието „Младост“, од 1972 до 1977 година бил главен и одговорен уредник на „Књижевна реч“, а од 1980 до 1982 година на „Књижевне новине“. Потоа, од 1983 до 2004 година работел во издавачката куќа „Просвета“, најпрвин како главен и одговорен уредник, а потоа како директор. Од 2005 до 2008 година бил министер-советник во српската амбасада во Рим, а од 2010 до 2014 година работел како редовен професор на Државниот универзитет во Нови Пазар. Во повеќе наврати бил гостин предавач на неколку странски универзитети на кои предавал српскохрватски јазик и југословенска книжевност: Њујоршкиот државен универзитет во Албани (1985/1987), Лондонскиот универзитет (1987/1988), Универзитетот во Лоѓ (1999/2000) и Универзитетот во Фиренца (1992/1992). Савиќ живее во Белград. Тој е оженет со глумицата Александра Николиќ, а има две деца: синот Страхиња и ќерката Мирјана Савиќ Удовичиќ.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Савиќ дебитирал на книжевната сцена во 1969 година со збирката раскази „Бугарската барака“ (Бугарска барака) за која ја добил наградата на списанието „Младост“. Во 1972 година се појавил неговиот прв роман, „Љубовите на Андрија Курандиќ“ (Љубави Андрије Курандића). Во 1977 година објавил две збирки раскази: „Момчињата од Рашка“ (Младићи из Рашке) и „Вујкото на нашето гратче“ (Ујак наше вароши) за која ја добил Андриќевата награда. Тој е автор и на романите: „Топола на терасата“ (Топола на тераси) од 1985 година, „Ќупот на комитскиот војвода“ (Ћуп комитског војводе) од 1990 година, „Леб и страв“ (Хлеб и страх) од 1991 година, „Лузните на тишината“ (Ожиљци тишине) од 1996 година со кој ја освоил наградата „Мирослављевото евангелие“, „Принцот и сербскиот писател“ (Принц и сербски писатељ) од 2008 со кој се закитил со наградата „Лаза Костиќ“, „Пршка“ (Чварчић) од 2010 година, „La sans pareille“ од 2015 година со кој ги освоил наградите „Меша Селимовиќ“, „Петар Кочиќ“, „Борисав Станковиќ“ „Стефан Митров Љубиша“ и Вуковата награда, како и „Повест на чудните случки на докторот Валентин Трубар и сестра му Валентина во Србија“ (Доктора Валентина Трубара и сестре му Валентине повест чудноватих догађаја у Србији) од 2018 година. Покрај тоа, Савиќ е автор на неколку книжевно-историски дела, како: „Востаничка проза“ (Устаничка проза) од 1985 година за која ја освоил наградата „Павле Бихаљи“, „Сеќавањето и војната“ (Сећање и рат) од 2009 година, „Долината на српските кралеви“ (Долина српских краљева) од 2014 година за која ги освоил наградите „Љубомир П. Ненадовиќ“ и „Григорије Божовиќ“ и „Епската Србија“ (Епска Србија) од 2017 година за која ја освоил наградата „Дејан Медаковиќ“. Најпосле, тој е автор на следниве повеќежанровски дела: „Фуснота“ од 1994 година, „30 плус 18“ од 2005 година, „Римски дневник, раскази и еден роман“ (Римски дневник, приче и један роман) од 2008 година со кое се закитил со наградата „Душан Васиљев“, „Љубовни писма и други лекции“ (Љубавна писма и друге лекције) од 2013 година, „Мал речник на творечкото пишување“ (Мали глосар креативног писања) од 2015 година и „Од барот Чампар до касиното Валадија“ (Од Чампар бара до касине Валадије) од 2018 година.[2]

Романите на Савиќ се преведени на неколку јазици: грчки, словенечки, англиски, романски, македонски и бугарски. Тој е автор на лексиконот „Кој е кој - писатели од Југославија“ (1994), а работел и како преведувач од англиски и од италијански јазик при што ги приредил антологијата на современиот американски расказ „Психополис“ (1998), антологијата на современиот австралиски расказ „Комуната не те сака“ (1990), заедно со Снежана Брајовиќ, бил уредник на антологијата „Модерниот светски мини расказ“ (1993), како и на антологијата „Најубави српски раскази“ (1996). Савиќ е добитник на повеќе награди и признанија, како: „Стефан Првовенчани“ (2008), „Рамонда Сербика“, „Вељковата гулабица“ (2012), „Милован Видаковиќ“ (2014), „Витез на српската книжевност“ (2015).[3] За романот „Леб и страв“ ја освоил НИН-овата награда за роман на годината, но само една недела подоцна ја вратил наградата, откако претходно во „НИН“ бил објавен текст во кој бил нападнат тој и неговиот роман. Враќањето на наградата тој го образложил „во име на одбраната на достоинството на писателската професија, како обид да се запре навалата на плукање во јавниот дијалог.“[4] Според Михајло Пантиќ, расказите и романите на Савиќ се дел од „антологиската карта на српското раскажување како некоја ретка билка во богат хербариум“.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Milisav Savić, Hleb i strah. Beograd: Laguna, 2019, стр. 181-184.
  2. Milisav Savić, Hleb i strah. Beograd: Laguna, 2019, стр. 183-184.
  3. Milisav Savić, Hleb i strah. Beograd: Laguna, 2019, стр. 182.
  4. 4,0 4,1 Milisav Savić, Hleb i strah. Beograd: Laguna, 2019.