Милан Ракиќ
| Милан Ракиќ Милан Ракић | |
|---|---|
| Роден/а | 30 септември 1876 Белград, Кнежевство Србија |
| Починат/а | 30 јуни 1938 (возр. 61) Загреб, Кралство Југославија |
| Занимање | писател, поет, и дипломат |
| Националност | Србин |
| Државјанство | Кралство Југославија |
| Период | 1902 - 1929 |
| Жанр | лирика |
| Книжевно движење | симболизам |
Милан Ракиќ (српски: Милан Ракић), (Белград, 30 септември 1876 – Загреб, 30 јуни 1938 ) – српски писател, поет и дипломат.
Животопис
[уреди | уреди извор]Роден е на 30 септември 1876 година во Белград. Неговиот татко бил Димитрије Мита Ракиќ, министер за финансии во 1888 година, а мајка му Ана била ќерка на академикoт Милан Ѓ. Милиќевиќ. Основно училиште и гимназија завршил во Белград, а правен факултет во Париз. По враќањето во Србија се оженил, а потоа се вработил во даночната управа при министерството за финансии, а потоа како писар во министерството за надворешни работи во 1904 година. Како дипломат работел во српските конзулати во Приштина, Скопје, Солун и Скадар.[1][2]
За време на Првата балканска војна поставен е за окружен начелник на Приштинскиот округ,[3] каде бил зачнат т.н. косовски циклус во неговата поезија. Како голем родољуб, по избивањето на Балканските војни, тој заминал во комитите и бил дел од првите српски одреди кои влегле во Приштина, а крај логорскиот оган на српската војска со воодушевување се рецитирала неговата песна „На Газиместан“.[4]
За време на Првата светска војна бил советник во конзулатот во Букурешт, во 1915 година и во Стокхолм, во 1917 година, а кон крајот на војната во Копенхаген. Од 1921 година бил дипломатски пратеник во Софија, а од 1927 година во Рим[5]. Во дипломатска служба бил речиси до смртта, како пратеник на Кралството Југославија во странство. Починал во болницата во Загреб, на 30 јуни 1938 година, откако претходно му биле извршени две операции.[4]
За дописен член на Српската кралска академија бил избран на 18 февруари 1922 година, а за редовен на 12 февруари 1934.
Во негова чест установена е поетската награда „Милан Ракиќ“ која ја доделува Здружението на писатели на Србија (српски: Удружење књижевника Србије).
Книжевно творештво
[уреди | уреди извор]Ракиќ со своите први песни се јавил во „Српски книжевен гласник“ (српски: Српски књижевни гласник) во 1902 година, а песните ги објавил под псевдонимот „З“. Потоа, објавил три збирки песни (1903, 1912, 1924), кои и публиката и книжевната критика ги поздравила со одушевување. Напишал малку, околу педесетина песни, а престанал да пишува многу рано, во 1929 година. За време на животот објавил 49 песни, а по неговата смрт биле пронајдени уште три.[6] Неговата последна песна е „Јасика“, напишана во болничкиот кревет во Загреб, десетина дена пред да умре.[7]
Критички осврт
[уреди | уреди извор]Милан Ракиќ се појавил во српската поезија во времето кога таа започнувала нова етапа во развојот, т.е. во времето на исчезнувањето на романтизмот и подемот на новата, градска лирика. Притоа, Ракиќ ги проширил и продлабочил хоризонтите на основачот на модерната српска поезија, Војислав Илиќ, и остварил потполно самостоен поетски свет во кој доминираат расположенија и мисли кои им биле непознати на неговите претходници. Пресвртот што го направил Ракиќ истовремено го означил воздигнувањето на српската поезија на нивото на европските поетски теми и мотиви, поврзувајќи ја српската поезија со францускиот симболизам и со парнасовците. Воспитан под влијанието на француската култура (татко му бил првиот преведувач на романот „Клетници“ на Виктор Иго на српски јазик), Ракиќ сфатил дека до модернизација на српската поезија може да дојде само со спојување на големата европска култура со националната традиција.[2]
Целокупното поетско творештво на Ракиќ се движи околу три теми: љубовта, размислувањето за животот и за смртта, како и односот кон татковината, а сите тие се вртат околу основното прашање за вистинската суштина на човековиот живот. Барајќи го одговорот на ова прашање, Ракиќ ја поставил љубовта (кон жената, кон животот и кон татковината) во центарот на својот поетски опус. Притоа, она што вообичаено се нарекува Ракиќев песимизам не е ништо друго освен страв од смртта, од пропаѓањето и од неизбежното трошење на животната енергија. Оттука, дури и неговите најочајни песни помалку претставуваат филозофија, а повеќе се израз на неговата силна виталност која започнуав да страда во сударот со минливоста на нештата.[8]
Најголемиот дел од љубовната поезија на Ракиќ се однесува на жената во сите манифестации на љубовта. Притоа, неговата љубовна поезија е потполно сетилна и во неа еротските односи отворено избиваат во прв план. Ракиќ никогаш не бегал од дрската отвореност, што му овозможило да ги испее најразголените љубовни стихови во српската поезија (на пример, „Искрена песна“). Природноста и страста се главните одлики на Ракиќевата љубовна лирика, а дури и во горките љубовни песни (како „Сетна песна“, „Очајна песна“ итн.) очајот не произлегува до интелектуалниот став или од животната филозофија, туку од чувството на емоционалната и телесната немоќ која е на повидок. Во тој поглед, Ракиќ е прво љубовник, а потоа мислител, а во сите негови љубовни песни очајот настапува кога жешките љубовни патокази почнуваат да се претвораат во немоќни апстракции.[9]
Во песните кои не се љубовни, или се само делумно љубовни, мотивите и расположението се малку посложени. Од чувството на несовршеноста, од постојаните судири со луѓето и со светот, од свеста дека се попусти напорите да се поправат нештата, од сознанието за нужната минливост и за пропаѓањето произлегува она што се нарекува Ракиќев песимизам. Сепак, тој песимизам никако не претставува целосна негација на општеството и на животот. Ракиќ дефинитивно ги напуштил романтичарските полети и идеали и мирно и тажно се свртел кон природата, луѓето и татковината. Неговата родољубива поезија претставува потполно нов однос кон татковината, зашто неговата татковина е малку апстрактна синтеза на историјата и непосредниот живот, културата и борбата, робувањето и идеалите. Инаку, целиот негов патриотски циклус е напишан пред Балканските војни, за време на неговата служба во Приштина, а непосредно е инспириран од косовското страдање. Пеејќи за татковината, Ракиќ бега од рамката на секојдневието и се крева до општите историски поими кои ги конкретизира во стиховите со извонредна сила и сугестивност.[10]
Во песните посветени на животот, Ракиќ го изразува моралниот став според кој надмоќноста на духот и мислата му овозможува на човекот да ги победи маките на секојдневното живеење. Основата на неговиот поглед кон светот е пасивноста. Поезијата на Ракиќ е подлабока и позначајна во песните во кои ги допира стварните човечки доживувања, конкретните настани и личните драми, т.е. тој е многу подлабок во песните во кои не апстрахира, туку непосредно и топло доживува. Оттука, причините на неговиот песимизам се повеќе од психолошка, отколку од филозофска природа, т.е. корените на неговата тага треба да се бараат во неговата страсна заљубеност во животот, а не во идеите и во погледите на светот. Ракиќ е поет на животот, поет на младоста која е краткотрајна и минлива. Сепак, некои толкувачи на неговата поезија се склони да му препишат мисловна и филозофска ориентација, изразена во песните од типот на „Мисла“. Во поезијата на Ракиќ, времето не се појавува како филозофска категорија, туку како опаѓање на животната сила. Оттука, во неговите песни нема космички визии, префинети аристократски размислувања, туку само дионизиска опиеност од радостите и од сетилата, па токму затоа тој се плаши од пропаѓањето на телесната сила.[11]
Зоран Гавриловиќ го оценува Ракиќ како самостојна, оригинална и осамена појава, како творец кој со јасниот израз ја кренал српската поезија на врвот на виртуозноста. Неговиот стил понекогаш личи на ситен вез, а некогаш звучи како удари на чекан или пак ѕвони како утринско ѕвоно. Тој ја пее својата затворена, воздржана поезија која укажува на посложената психологија на српскиот граѓанин. Покрај тоа, тој имал и една драгоцена одлика —— умеел да замолчи и да се повлече: така, кога српската поезија започнала да се менува и кога неговите стихови почнале да звучат како анахронизам, тој престанал да објавува. Во тоа време, Ракиќ била не мета на новите поети, но по смената на поетските генерации, неговата поезија пак го добила заслуженото признание, зашто тој го зацртал патот кој води до поезијата на Дис, т.е. кон новите поетски простори во кои царуваат соништата, осаменоста и тагата.[12]
Неговите малобројни песни се одликуваат со највисоки уметнички особини и претставуваат врвен дострел во изразувањето на онаа поетска школа која ја основал Војислав Илиќ. Покрај Шантиќ и Дучиќ, Ракиќ е третиот голем српски поет на тоа време. И тој поетската вештина ја учел на француски примери, но не ги копирал, туку останал национален и поединечен. Тој не опејувал ренесансни мотиви и бледи принцези, туку православни и народни светости: Јефимија, Симонида, напуштената црква крај Пеќ, Газиместан итн. Тој особено се истакнува како версификатор. Го усовршил единаесетерецот со употреба на богати, звучни и ненасетени слики, давајќи му широк беседнички тон, свечен и отмен, бурен понекогаш, а најчесто мирен и близок. Неговиот јазик е беспрекорно чист, реченицата е кристално јасна, стилот е без емфаза и блеска, умерен и лапидарен. „Во поглед на техниката, рекол Јован Скерлиќ, тоа е последен збор на уметничкото совршенство во српската поезија“.
Заедно со Шантиќ, Ракиќ најуспешно ја обновил српската родољубива поезија, на сосема оригинален начин, без шовинизам. Неговото родољубие е отмено и благородно, проткаено со дискретност и правци на модерен мислител. Ракиќ не пее поради убавината како Дучиќ, туку поради мислите; тој не е поклоник на ренесансата и Западот, туку на болката и „насладата во страдањето“. Влијанието на францускиот симболизам и декадентското движење, се чувствува во неговата лирика само во изразувањето. И тој се служи со симболи за изразување на своите длабоки мисли, како што се служи со симболите и во своите родољубиви песни. Неговите мисловни песни се јасни иако се длабоки, едноставни и покрај речовитоста, блиски, топли и утешни иако се проткаени со најсилен песимизам. Тоа се најдобри, најубави песни во српската мисловна лирика.
Во својата „Антологија на српската поезија“, Зоран Мишиќ истакнува дека, наспроти неговата „отмена болка“, Ракиќ пред сè бил сензуалист, со здрав и свеж дух, исполнет со верба во „темните нагони“ во кои не го гледал изворот на морбидните пориви, туку на биолошката неуништливост на животот. Неговата толку фалена песимистичка лирика ретко се крева над конвенционалните дидактички излагања на општите места за минливост на животот, младоста и љубовта. Слично е и со неговите љубовни песни кои се облечени во реквизитите на не многу славните француски гардероби. Во основа позитивистички дух, не многу спиритуален, Ракиќ е најубедлив кога го крева гласот против суровите услови на човековото посетоење и во своите ретки, извонредно впечатливи визионерски сцени. Сепак, неговата улога во формирањето на српскиот поетски јазик воопшто не заостанува зад улогата на Дучиќ.[13]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ САНУ, Биографија Милан Ракић
- 1 2 „Зоран Гавриловић“, во: Милан Ракић, Песме. Рад, Београд, 1963, стр. 5-6.
- ↑ РАТНИ ТЕЛЕГРАМИ - Народна библиотека "Вук Караџић" Крагујевац
- 1 2 „Зоран Гавриловић“, во: Милан Ракић, Песме. Рад, Београд, 1963, стр. 7.
- ↑ Љиљана Урошевић: Потомци кнеза Раке Тешића. pp. 151, у часопису „Гласник“, број 36, Историјски архив Ваљево, 2002. године.COBISS 74951180
- ↑ „Ѕоран Гавриловић“, во: Милан Ракић, Песме. Рад, Београд, 1963, стр. 8.
- ↑ „Зоран Гавриловић“, во: Милан Ракић, Песме. Рад, Београд, 1963, стр. 20-21.
- ↑ „Зоран Гавриловић“, во: Милан Ракић, Песме. Рад, Београд, 1963, стр. 8.
- ↑ „Зоран Гавриловић“, во: Милан Ракић, Песме. Рад, Београд, 1963, стр. 8-11.
- ↑ „Зоран Гавриловић“, во: Милан Ракић, Песме. Рад, Београд, 1963, стр. 11-13.
- ↑ „Зоран Гавриловић“, во: Милан Ракић, Песме. Рад, Београд, 1963, стр. 14-18.
- ↑ „Зоран Гавриловић“, во: Милан Ракић, Песме. Рад, Београд, 1963, стр. 19-20.
- ↑ Zoran Mišić, Antologija srpske poezije. Nolit, Beograd, 1963, стр. 114.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Предлошка:АСК
- „Ракић у четничкој униформи“ Архивирано на 18 ноември 2009 г., Јован Пејчић, Српско наслеђе, историјске свеске, број 10, октобар 1998.
- Леон Којен: Ракићу нису опростили господство („Вечерње новости“, 10. октобар 2015)
- Песник, дипломата и ослободилац („Вечерње новости“, 20 февруари 2016)
|