Миладиновци

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Миладиновци (Скопско))
Прејди на: содржини, барај
За преродбениците Браќа Миладиновци видете Браќа Миладиновци.
Миладиновци
Miladinovci-MK.JPG

Поглед на селото Миладиновци

Миладиновци се наоѓа во Македонија
Миладиновци
Местоположба на Миладиновци во Македонија
Координати 41°58′41″ СГШ 21°38′57″ ИГД / 
Општина Општина Илинден
Население 1 276 жит.
Надм. вис. 336 м
Commons-logo.svg Миладиновци на Ризницата


Миладиновци (старо име: Аџилари) — село во Општина Илинден, во околината на градот Скопје.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Глетка од селото Миладиновци и автопатот „Александар Македонски“

Селото Миладиновци се наоѓа во источниот дел на Скопската Котлина на 20 километри оддалеченост од градот Скопје[1]. Миладиновци е сместено на крајниот источен раб на Скопското Поле на преодот кон ридските предели кон долината на Пчиња. Поточно, селото Миладиновци лежи на дното на широката долина на аголот помеѓу источниот и североисточниот раб на Скопското Поле[2]. Односно, селото Миладиновци е сместено на отворот од широката долина која се спушта од масивот на Скопска Црна Гора, а во која се сместени селата Бучинци, Мршевци и Бујковци, поточно на нејзиниот отвор во пространата рамина на Скопското Поле. Селото се наоѓа веднаш од левата страна на автопатот „Акександар Македонски“ и десната на железничката пруга кон Куманово и Белград. Миладиновци е рамничарско село расположено на надморска височина од 265 метри[3]. Атарот на селото зафаќа површина од 14,6 км² од кои обработливото земјиште зафаќа површина од 700 хектари, а пасиштата 625 хектари[4]. На атарот на Миладиновци речиси и воопшто да нема шуми, кои покрај од стопански се значајни и од еколошки аспект во однос на загадувањето на воздухот од издувните гасови кои се испуштаат од рафинеријата за нафта „ОКТА“. Поради тоа, првата акција за пошумување „Ден на дрвото - засадија својата иднина“ на 12 март 2008 е одржана во Миладиновци кога на ридовите источно од селото на површина од 74 хектари биле засадени 200 000 зимзелени садници од борови и елови дрвца[5]. Миладиновци е село од збиен тип, издолжено од североисток кон југозапад под влијание на правецот на протегање на долината во која е сместено[6].

Геостратегиска важност на местоположбата

Селото Миладиновци се наоѓа на најповолната и стратешки најзначајната географска местоположба во Македонија, па и пошироко во регионален меѓународен контекст. Имено самото село се наоѓа на местото каде што се вкрстуваат двата меѓународни пан-европски сообраќајни коридори 10 (север-југ) и 8 (исток-запад), а воедно претставува и крстосница во правец на Овче Поле и Источна Македонија поради што во 2014 година е започната изградбата на нов модерен автопат на делницата Миладиновци - Штип, со кој за време од половина час сообраќајно ќе се поврзуваат главнот град Скопје со Штип и пошироката област на Источна Македонија[7]. Со тоа Миладиновци ќе претставува средишна (централна или гравитациона) точка за патниот сообраќај во Македонија, како крстосница во сите четири правци исток, запад, север и југ. Непосредно веднаш до самото село Миладиновци (на околу 500 метри) се наоѓа и Аеродромот „Александар Велики“. Во селото Миладиновци е сместена и истоимената железничка станица на меѓународната железничка пруга Скопје - Куманово - Белград (а во иднина и Софија), која уште во отоманско време била значајна и најголема собирна товарна станица за житото наменето за трговија на пазарите во Скопје и Солун[8], а денес поради непосредната близина на рафинеријата „ОКТА“ железничката станица е најзначајна и најголема товарна станица за нафта, нафтени деривати и горива во Македонија. Во однос на снабдувањето со нафта на блиската рафинерија, во близина на Миладиновци минува и нафтоводот од Солунското пристаниште. Истотака, огромната геостратешка значајност на местоположбата на Миладиновци се потврдува со фактот што тука се наоѓа и предвидената траса на пловниот канал кој ќе ги поврзува долините на реките Вардар и Морава како дел од големиот пловен канал Дунав - Морава - Вардар - Солун, со што со бродски сообраќај би постоела можна поврзаност на Егејското и Средоземното Море со Северното Море и Атлантскиот Океан. Ваквата извонредно значајна географска местоположба како точка на спојување и вкрстување на патниот, воздушниот, железничкиот и потенцијално водниот сообраќај го прави Миладиновци најзначајно сообраќајно средиште или според научната терминологија на геополитиката и геостратегијата - „гравитационен центар на Македонија“. Ваквата извонредно значајна местоположба како центар на сообраќајната гравитација (според концептот на Клаусевиц) и непосредната близина на стратешки значајни објекти како најголемиот аеродром, рафинеријата за нафта, најголемата индустриска зона го прави Миладиновци и стратешки важно и едно од најзначајните места од воено-безбедносен аспект во Македонија.

Историja[уреди | уреди извор]

Спомен обележјето на војводата Васил Аџаларски во селото Миладиновци

Денешното село Миладиновци е формирана кон крајот на XVIII век[9]. Според едно предание селото го основале доселеници од прилепското село Мажучиште, кои тука се населиле за да се засолнат од потерата која ги барала поради убиство на некои арачлии[10]. Дел од преданието вели дека овие доселеници уште во стариот крај во Прилепско имале проблеми со турските власти поради нивната поврзаност и помагање на македонските ајдутските чети. Друга малку повидоизменета верзија вели дека селото го основале („туриле колец“) турскиот род Алиловци (од „Оросан во Арабистан“[11]), а веднаш по нив на имотот на чифликот на Ракип-бег се доселиле предците на македонскиот род Трајанковци, кои пребегнале од Прилепско откако таму двајцата браќа близнаци Трајан и Трајко убиле некој човек (Турчин - даночник т.е. „арачлија“) при што тука дошол Трајан, а Трајко заминал на Овче Поле[12]. Кон крајот на XVIII век најплодната земја на селскиот атар припаѓала на познатиот силен Ракип-бег, а на нивната земја до пред крајот на турското владеење биле основани уште 3 чифлици на кои работеле само македонските христијански жители, додека постојано населените муслимански семејства имале своја земја[13]. Уште за време на отоманското владеење жителите Македонци од селото се одликувале со голем слободљубив, револуционерен и македонски непокорлив патриотски дух, поради што селото дало повеќе познати борци за слободата на Македонија, меѓу кои и двајца познати скопски војводи. Во 1880 во селото се родил Васил Аџаларски познатиот скопски и кумановски војвода на ВМОРО, а две години подоцна во 1882 во истото село се родил неговиот братучед Трифун Аџаларски исто така самостоен војвода во Скопско и Кичевко, кои своите прекари ги земале од тогашното име на селото кое било Аџалари.

Кон крајот на XIX век во 1896 година во записите во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ македонскиот револуционер Ѓорче Петров за селото Миладиновци, тогашно Аџарлари, запишал дека тоа било основано од некој ага пред околу 250 години и дека во неговата непосредна близина во месноста Оџино Трло се случил бојот меѓу Френк-Омер паша кој бил испратен во Скопско да го потчини одметнатиот Хамзи Паша[14]. Понатаму за селото Ѓорче Петров запишал дека само 5-6 куќи му биле назависни, додека сите останати биле чифлици, а поради неговата значајност во него се планирало да се отвори пазар за околните села од Блатото (Блатија)[15].

Во времето на заминувањето на турската отоманска власт во 1912 година селото било затечено со околу 50 куќи од кои 30 муслимнски (турски и албански) и 20 христијански - македонски[16]. Од чифчиството жителите на селото се ослободиле околу 1921 година кога најголемиот дел добиле земја преку аграрната реформа, додека помал дел ја откупиле земјата од муслиманските сопственици[17]. По Втората светска војна околу 80 хектари обработливо земјиште од атарот биле заземени од аеродромот, а околу 150 хектари преземало државното земјоделско стопанство „Скопско Поле“[18].

Како што е понапред споменато Миладиновци е сместено на самиот крај на пространата сува долина, по која според народно предание некогаш течела рекичката од селото Никуштак на кумановската страна од гребенот на Скопска Црна Гора. На почетокот на XIX век по смртта на споменатиот Ракип-бег, кумановските бегови се осилиле и ископале вештачко корито на споменатата речица која на тој начин истекува во Куманово[19].

Источно од селото на два одвоени рида се наоѓа селската црква Свети Илија со селските гробишта која започнала да се гради во 1930[20], а била изградена во 1945 година. Пред тоа на тоа место постоел постар храм, кој бил запален од германската војска во 1915 година[21].. Оваа стара црква била изградена на местото на еден голем камен крст, за кој се верувало дека го штити селото од град[22]..

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Од своето основање до денес селото носело повеќе различни имиња. Во времето кога се основало и во текот на отоманското владеење по некој Турчин кој бил аџија селото било наречено и се викало Аџалари[23]. Во различни извори селото познато и под неколку различни облици на ова име како Хаџалари, Аџилари, Аџаларе. Ова име останало во секојдневна употреба од жителите на селото се до првите години по завршувањето на Втората светска војна[24], а денес е речиси сосема заборавено и непознато како од најголемиот дел на жителите така и од мнозинството граѓани на регионот и државата. По заминувањето на отоманската власт и во периодот меѓу двете светси војни, новата окупаторска српска (кралска југословенска) власт го променила името на селото во Александрово[25] во чест на српскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ. За време на Втората светска војна, бугарската окупаторска власт името на селото го преименувала во Василево[26], во чест на Васил Аџаларски или на бугарскиот револуционер Васил Левски. На самиот крај на Втората светска војна со ослободувањето на Македонија селото го добива денешното име Миладиновци во чест на двајцата големи и значајни македонски преродбеници браќата Миладиновци[27]. Денес, сите жители на селото единствено го знаат и употребуваат само името Миладиновци. Истото е случај и со целата македонска јавност која во службената, административна, научна и секојдневна употреба за именување на селото го користи и познава само името Миладиновци.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Поради својата местоположба Миладиновци уште во минатото имало доста развиен и значаен стопански и економски живот пред сѐ врз основа на земјоделството и сообраќајот. Како што беше споменато според записите на македонскиот револуционер Ѓорче Петров уште во отоманско време Миладиновци била значајна и најголема собирна товарна станица за житото наменето за трговија на пазарите во Скопје и Солун[28]. Во основа железничката станица во тогашно Аџарлари била наменета да ги собира производите од селата во Блатото (областа Блатија) и преку неа се носело жито во Скопје[29] Понатаму во своите записи од 1896 година Ѓорче Петров за селото Миладиновци запишал дека таму се планирало да се отвори пазар за околните села од Блатото (Блатија), при што спахилакот на селото изнесувал 4200 златни гроша, а данокот изнесувал 16000 златни грошеви[30]. Населението на селото Миладиновци и денес во најголема мера опстојува од земјоделие поради самата местоположба на селото во плодната рамнина на Скопското поле. Најповеќе се одгледуваат житните култури најмногу пченица, пченка, потоа и јачмен и 'рж), градинарските култури под оранжериско производство (пластеници) и отворено (пипер, домат, краставици, кромид, лук, морков, марула, спанаќ, грашок), а во голема мера се застапени и индустриските култури (луцерка, граор, фуражна пченка и детелина). Мнозинството од земјоделските производи се пласираат на пазарите во Скопје, а мал дел се ориентирани и за извоз. Жителите на селото одгледуваат и стока, во најголем дел крави, а во помал ден свињи и живина. Во непосредна близина на селото Миладиновци на околу 300 метри одалеченост се наоѓа рафинеријата за нафта „ОКТА“ и еден дел од неговото население е вработено во рафинеријата. Во селото Миладиновци постојат и две приватни производствени погони - фабрички хали од преработувачката и градежната индустрија во која се вработени жители од селото. Дел од жителите на селото се вработени и во индустриските капацитети во блиската слободна индустриска зона „Бунарџик“, а дел се занимаваат и со други дејности како работници во градежништвото, ѕидари, занаетчиски работници, автопревозници на товарни камиони и возила во државата и странство и стопански дејности во градот Скопје.

Население[уреди | уреди извор]

Според послениот Попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 1.276 жители. Следува табела на националната структура на населението[31]

Националност Вкупно
Македонци 1 195
Турци 2
Роми 62
Албанци 0
Власи 0
Срби 34
Бошњаци 0
Други 19

Движењето на бројот на жители во селото Миладиновци во минатото се пораснало од 806 жители во 1961 година од кои 548 Македонци, 100 Албанци, 79 Срби, 19 Турци, 10 Црногорци, 5 Хрвати и 45 неопределени на 1429 жители во 1994 година од кои 1072 Македонци, 277 Роми, 16 Срби, 2 Турци и 62 останати[32]. Порано во селото живееле и поголем број на муслимани Турци и Албанци кои биле доселени кон крајот на XIX и почетокот на XX век, а кои започнале масовно да се иселуваат по 1912 година[33] при што до педесетите и шеесетите години на ХХ век речиси целосно се иселиле. Миладиновци забележува голем прираст на своето население во педесетите и шеесетите години на 20 век, со големиот број на доселеници Македонци, во најголем дел од кривопаланечкиот крај, а во помал број и од околните скопски ридско-планински села во долината на Пчиња како Дивле, Сушица, Ќојлија, Горно Коњари, селата по долината на Пчиња во јужниот дел на Кумановско, Овче Поле (Свети Николско), Велешко итн.

Родови[уреди | уреди извор]

Во Миладиновци денес живее огромно мнозинство од православни Македонци кои биле мнозинство и во минатото кога имало и помал број на Турци. Македонски родови се: Трајанковци кои се делат на Марковци, Пешевци, Здравковци, Трпковци и Николовци (први доселеници во XVIII век дојдени од околината на Прилеп, веројатно с.Мажучиште воедно најголем род во селото и еден од најголемите во Скопско), Шоповци (од с.Четирце - Кумановско), Ѓорчевци или Цветановци (од с.Катланово), Клепевци (од околината на Свети Николе), Корелевци (од околината на Прилеп), Русановци (од блиското с.Сушица во долината на Пчиња)[34]. По заминувањето на отоманската власт во Миладиновци се доселиле следните македонски родови: Црногорци од родот Дупиновци (од с.Бродец на Скопска Црна Гора), Максимови (од с.Брешко - Кумановско), Сибинови (од с.Младо Нагоричане - Кумановско), Тодоровски (од с.Облавце - Кумановско), Мачорци (од с.Романовце - Кумановско), Балабановци (од с.Нерав - Кривопаланечко)[35]

Општествени институции[уреди | уреди извор]

Во селото работи деветгодишно основно училиште кое го носи името Браќа Миладиновци, а исто така работат и здравствена амбуланта, пошта и железничка станица[36].

Администрација и политика[уреди | уреди извор]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од Миладиновци се забележани поголем број постари иселеници во околните места. Од постаро време од Македонците се забележани иселеници во Скопје и Кисела Вода како и селата Ќојлија, Илинден (Белимбегово), Петровец, од муслиманите мал број иселеници се забележани во Скопје и селата Матка и Ќојлија, додека најголемиот дел е целосно иселен во Турција[37]. Во најново време е забележан многу мал број на иселеници во Западна Европа, поточно во Германија.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.195
  2. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 137
  3. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.195
  4. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.195
  5. „Во Миладиновци се бараше дрвце повеќе“. Утрински Весник, бр.2365, 12.03.2008
  6. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 137
  7. „Започна изградбата на автопатот Миладиновци - Штип“ - Фактор
  8. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.511
  9. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 137
  10. Чалоски, Томо „Роднокрајски записи - МИЛАДИНОВЦИ“
  11. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 139
  12. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 137-139
  13. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 138
  14. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.511
  15. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.511
  16. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 138
  17. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 138
  18. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 138
  19. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 138
  20. Чалоски, Томо „Роднокрајски записи - МИЛАДИНОВЦИ“
  21. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 138
  22. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 138
  23. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 137
  24. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 138
  25. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 137-138
  26. Чалоски, Томо „Роднокрајски записи - МИЛАДИНОВЦИ“
  27. Чалоски, Томо „Роднокрајски записи - МИЛАДИНОВЦИ“
  28. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.511
  29. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.323
  30. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.511
  31. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  32. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.195
  33. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 139
  34. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 139
  35. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 139-140
  36. Чалоски, Томо „Роднокрајски записи - МИЛАДИНОВЦИ“
  37. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 138