Меѓучин (филм од 1924)
Меѓучин (француски: Entr'acte) - француски дадаистички филм од 1924 година, во режија на Рене Клер, кој е автор и на сценариото, заедно со Франсис Пикабија. Главните улоги ги играат: Франсис Пикабија, Ерик Сати, Мен Реј, Рене Клер, Жан Берлан, Инге Фрис итн. Музиката е дело на Ерик Сати. Филмот бил премиерно прикажан како меѓучин на балетот Relâche. Во 1974 година, филмот бил прикажан на Канскиот филмски фестивал.[1]
Синопсис
[уреди | уреди извор]На почетокот од филмот, двајца мажи (Сати и Пикабија) полнат топ на врвот од една зграда. Оригинално, оваа сцена била прикажувана веднаш по малата овертура на балетот и пред кревањето на завесата. Потоа, повеќепати се прикажува балерина додека игра. Во продолжение, еден ловец, качен на врвот од една зграда, нишани кон јајце што се ниша, но него го убива друг човек. Ковчегот на убиениот го пренесуваат во кочија што ја влече камила, а погребната поворка ја сочинува поголем број мажи и жени кои скокаат следејќи ја кочијата. Меѓутоа, кочијата се откачува и продолжува неконтролирано да се движи по улиците, а луѓето трчаат по неа. Најпосле, ковчегот испаѓа од кочијата и тогаш пристигнуваат луѓето. Во тој миг се отвора капакот на ковчегот и од него излегува еден магионичар кој со волшебно стапче прави да исчезнат ковчегот, учесниците во погребната поворка и самиот тој.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Festival de Cannes: Entr'acte“. festival-cannes.com. Архивирано од изворникот на 2012-09-26. Посетено на 2009-04-27.
- ↑ IMDb, Entr'acte (1924) (пристапено на 9.7.2020)