Меѓународни бригади

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Знамето на Меѓународните бригади според дизајнот на шпанското републиканско знаме и трикраката ѕвезда на Народниот фронт на Шпанија во средината

Меѓународни бригади (на шпански: Brigadas Internacionales) — воени единици формирани од Комунистичката интернационала за да ѝ помогнат на владата на Народен фронт во Втората шпанска република за време на Шпанската граѓанска војна. Организацијата постоела две години, од 1936 до 1938 година. Се проценува дека за време на целата војна помеѓу 40 илјади и 59 илјади луѓе учествувале во Меѓународните бригади, од кои 15 илјади загинале во борба.[1]

Бригадите учествувале во битките за Мадрид, Харама, Гвадалахара, Брунете, Белчите, Теруел, Арагон и Ебро. Повеќето од нив завршиле со пораз за Меѓународните бригади. Во последната година од своето постоење, Меѓународните бригади биле интегрирани во Шпанската републиканска армија, како дел од Шпанската странска легија. Организацијата била распуштена на 23 септември 1938 година од шпанскиот премиер Хуан Негрин во негов залуден обид да добие поголема поддршка од либералните демократии во Комитетот за неинтервенција.

Меѓународните бригади биле силно поддржани од Коминтерната и ја претставувале определбата на Советскиот сојуз да ѝ помогне на Шпанија со оружје, логистика, воени советници и преку НКВД, исто како што фашистичка Италија, фашистичка Португалија и нацистичка Германија им помагале на националистите кои се бореле против тогашната шпанска влада.[2] Најголем број доброволци дошле од Франција (каде Француската комунистичка партија имала големо членство) и прогонети комунисти од Италија и Германија. Учествувале и многу Евреи од англофонските земји и од Источна Европа.[3]

Републиканските доброволци кои биле против сталинизмот не се приклучиле на бригадите, туку се влеале во Народен фронт, во Работничката партија на марксистичкото обединување (формирана од троцкистички, букаринистички и други антисталинистички групи, кои не ги делеле Шпанците и странските доброволци, меѓу кои бил и Џорџ Орвел),[4] или пак во анархо-синдикалистички групи како што се Колоната Дурути, Меѓународното здружение на работниците и Националната конфедерација на трудот.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Thomas (2003), pp. 941–945; Beevor (2006), p. 157.
  2. Thomas (2003), pp. 941–945.
  3. "Against Fascism – Jews who served in the International Brigade in the Spanish Civil War". Against Fascism – Jews who served in the International Brigade in the Spanish Civil War. http://www.jewishvirtuallibrary.org/jsource/History/spanjews.pdf. Retrieved 26 January 2012. 
  4. Homage to Catalonia. Author: Orwell, George.Publisher: Penguin Group. Date: Re-print, 2000. Work: Auto-biographical account of the Author's participation in the Spanish Civil War. ISBN 978 0 141 18305 3