Прејди на содржината

Меѓународен ден на човечките вселенски летови

Од Википедија — слободната енциклопедија
Печат на СССР, 1964 година

Меѓународен ден на човечките вселенски летови — годишна прослава, која се одржува на 12 април, по повод годишнината од првиот човечки вселенски лет на Јуриј Гагарин (СССР). Бил прогласен на 65-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации на 7 април 2011 година,[1] неколку дена пред 50-годишнината од летот.

Јуриј Гагарин бил член на екипажот на мисијата „Восток 1“ во 1961 година, завршувајќи една орбита околу Земјата во текот на 108 минути во вселенското летало „Восток 3KA“, лансирано на ракета „Восток-К“ од космодромот Бајконур во Казахстан, СССР.

Во Советскиот Сојуз, 12 април се одбележувал како Ден на космонаутиката од 1963 година, а сè уште се одбележува во Русија и некои поранешни советски републики. Ноќта на Јуриј, позната и како „Светска вселенска забава“, е меѓународно одбележување иницирано во Соединетите Американски Држави во 2001 година, на 40-годишнината од летот на Гагарин.

На овој датум се одбележува и лансирањето на првиот вселенски шатл, STS-1 од Колумбија, на 12 април 1981 година, точно 20 години по првиот човечки лет во вселената.

  1. „UN Resolution A/RES/65/271, The International Day of Human Space Flight (12 April)“. 7 April 2011. Посетено на 26 July 2016.