Прејди на содржината

Мечка (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Мечка“ (француски: L'Ours) – филм на режисерот Жан-Жак Ано (Jean-Jacques Annaud) од 1988 година, снимен по сценариото на Жерар Брах (Gerard Brach), засновано врз романот „Кралот Гризли“ (The Grizzly King) на Џејмс Оливер Крвуд (Jamesa Oliver Curwood). Главните улоги ги играат: Чеки Карјо (Tcheky Karyo), мечката Барт и мечето Јук. Со малку дијалози и со мечки во главните улоги, овој славен филм настанал така што, по добиениот „Оскар“, Ано посакал да сними филм за комуникацијата што се одвива низ однесувањето, а не низ дијалогот и така се родила идејата за „психолошка драма во која главната улога ја има некое животно“. Првобитно, него најмногу го привлекувала идејата да сними филм за тигрите, но се решил за мечките, откако продуцентот му го дал романот „Кралот Гризли“ од 1916 година. Иако делува како вистински документарен филм, снимањето на филмот траело само неколку месеци во текот на 1987 година во италијанските и австриските Доломити, при што во сите сцени учествуваат вистински животни, додека моделите на мечките се користени само во неколку сцени на борби. Филмот постигнал голем успех, а покрај номинацијата за „Оскар“ за монтажа, освоил неколку награди, како: највисоката француска награда „Сезар“ (César), наградата за режија на Француската филмска академија, наградата „Генесис“ за најдобар странски филм итн.[1]

Синопсис

[уреди | уреди извор]

Мечката и нејзиното мече откриваат мед на една карпа. И додека слатко се гостат, карпата се урива и мајката погинува. Мечето останува само во шумата и дење бара храна, им се чуди на жабите и брка пеперуги, а ноќе има кошмари поради смртта на мајка му. Во шумата се наоѓаат и ловците, кои го пронаоѓаат телото на мечката, а ги следат трагите и на една голема мечка. Кога ја пронаоѓаат, едне ловец пука во неа, но само ја ранува мечката. Тогаш, мечето доаѓа до големата ранета мечка и се обидува да ѝ се придружи...