Методи Спиров Тројачанец

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Методи Спиров Тројачанец
Роден 19 февруари 1897
Прилеп
Починал 31 јули 1981
Скопје
Националност Македонец
Занимање стоматолог
Роднини Ѓорче Петров

Методи Спиров Тројачанец (Прилеп, 19 февруари 1897Скопје, 31 јули 1981) – македонски стоматолог.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Методи Спиров бил роден во Прилеп на 19 февруари 1897 година. Основно училиште завршил во Прилеп,VII клас Трговска академија во Солун (1913) и гимназија во Софија (1914), живеејќи кај чичко му Ѓорче Петров. Откако го завршил и Военото училиште во Софија (1914-1917), бил упатен на фронтот, а по ранувањето кај селото Младо Нагоричане, Кумановско (1919) и лекувањето, заминал на студии во Германија (1921), каде дипломирал на отсекот за забни лекари на Медицинскиот факултет во Берлин (1922-1927) и ја одбранил докторската дисертација „Ueber die Wirkung einiger organischer Säuren auf die Zähne#, (Phusiologischen Institut der Univerzität Berlin, 13. VIII 1927).

По дипломирањето работел како стоматолог во родниот Прилеп (1927-1930), Загреб (1930-1938) и пак во Прилеп (1938-1944). По ослободувањето Президиумот на АСНОМ го ангажирал да ја организира забоздравствената служба на територијата на Демократска Федерална Македонија и се преселил да живее во Скопје. Организирал разни курсеви за забоздравствена заштита. Бил професор во Средното стручно забарско училиште во Скопје (1947-1949), шеф на Школската забна амбуланта и шеф на Превентивната забоздравствена служба, а потоа добил дозвола за приватна пракса со признаено звање „заболекар-специјалист стоматолог“ (1952). Бил претседател на Стоматолошката секција на Македонското лекарско друштво и се занимавал со здравствена публицистика. За неуспешниот обид да биде избран за вонреден професор по Детска стоматологија на новооснованиот Стоматолошки оддел на Медицинскиот факултет го подготвил хабилитациониот труд „Психолошко-педагошки принципи во детското забарство“ (1960). Работната кариера ја завршил како „здравствен советник I врста“ на Заводот за здравствена заштита на мајки и деца (1962) и по два месеци бил пензиониран (1963).[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонска енциклопедија, том II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 1512. ISBN 978-608-203-024-1.
  2. Македонска енциклопедија, том II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 1513. ISBN 978-608-203-024-1.