Месна стража (Полска)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Местна Стража (Полска))
Припадник на Местната Стража во Гдањск чувајќи го редот и мирот за време на јавен настан

Местна Стража (на полски: Straż Miejska) — име користено за децентрализирани полициски тела кои работат на локално ниво и се финансирани и управувани од самите општини (гмини) во Полска. Овие институционални тела не се официјалната полициска служба во државата, меѓутоа имаат слични должности и често работат во координација со државната полиција. Општините почнале да формираат сопствени Местни Стражи по падот на комунизмот во Полска како „противтежа“ на националната полиција и како гаранција дека потребите на локалните заедници нема да бидат запоставени поради централизмот во националната полициска структура.

Ваквите служби имаат помалку овластувања отколку полицијата, како на пример правото на апсење. Тие исто така единствено може да дејствуваат во сопствената јурисдикција односно само на територијата на својата општина. Овие служби најчесто работат со прекршоци, заштита на безбедноста на граѓаните и нивните имоти и ѝ помагаат на полицијата во одржување на јавниот ред и мир и сообраќајната безбедност во нивната општина. Местните Стражи немаат право на учество во истраги, освен во обезбедување на места на злостор. Припадниците на овие служби се опремени со полициски палки, лисици, солзавец, тазери, и само во одредени случаи со огнено оружје.