Месен Лист

Од Википедија — слободната енциклопедија
Месен Лист
LocalSheet mk.png
Податоци од набљудување (епоха )
Најсјаен членМесна Група
Голема полуоска17 Мсг (5 Мпс) [1]
Мала полуоска1,5 Мсг (0,5 Мпс) [1]
Црвено поместување0.00
Оддалеченост
(содружна)
0 Мсг (0 Мпс)

Месен Лист — блиско вонгалактичко подрачје каде Млечниот Пат, припадниците на Месната Група и други галаксии делат слична особена брзина.[2] Ова подрачје се наоѓа во полупречник од околу 7 Мпс (23 Мсг),[3] и има дебелина од 0,46 Мпс (1,5 Мсг).[1] Галаксиите подалеку од тоа подрачје имаат изразено различни брзини.[3] Месната Група има само релативно мала особена брзина од 66 км⋅с−1 во однос на Месниот Лист. Типичната брзинска распределба на галаксиите изнесува само 40 км⋅с−1 во полупречничка насока.[2] Речиси сите недалечни сјајни галаксии му припаѓаат на Месниот Лист.[1] Тој е дел од Месната Зафатнина и е сместен во суперјатото Девица (Месно Суперјато).[4] Месниот Лист образува ѕид од галаксии кој исцртува една граница на Месната Шуплина.[5]

Значителна составница на средната брзина на галаксиите во Месниот Лист е производ на гравитациското привлекување на галактичкото јато Девица, што прави особено движење од ~185 км⋅с−1 кон јатото.[2] Втора составница е насочена вон средиштето на Месната Шуплина — просторно подрачје сиромашно со галаксии кое се шири и има тековна големина од 45 Мпс (150 Мсг).[3] Оваа составница има брзина од 259 км⋅с−1.[2] Месниот Лист е наклонет 8° од Месно Суперјато (Девица).[4]

Таканаречениот Совет на Џинови е прстен од дванаесет големи галаксии кои ја обиколуваат Месната Група во Месниот Лист и има полупречник од 3,75 Мпс (12,2 Мсг).[4] Десет од нив се спирални, а останатите две се елиптични. Елиптичните (Мафеи 1 и Кентаур A) се наоѓаат на спротивните страни од Месната Група.

Галаксии во „Советот на Џинови“[4]
Ознака Име Соѕвездие Оддалеченост (Мсг) Ѕвездена маса *
NGC 253 Вајар Вајар 11 10,805
PGC 9892 Мафеи 1 Касиопеја 11 10,928
PGC 10217 Мафеи 2 Касиопеја 11 10,493
IC 342 Колдвел 5 Жирафа 11 10,302
NGC 3031 M 81 Голема Мечка 12 10,905
NGC 3034 M 82 Голема Мечка 11 10,573
NGC 4736 M 94 Ловечки Кучиња 15 10,458
NGC 4826 M 64 Береникина Коса 16 10,496
NGC 5236 M 83 Водна Змија 16 10,642
NGC 5128 Кентаур A Кентаур 11 11,169
NGC 4945 Колдвел 83 Кентаур 12 10,528
ESO 97-G13 Шестар Шестар 14 10,559

* Масата е наведена како логаритам на масата во сончеви маси.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 „Milky Way amidst a 'Council of Giants'. Science Daily. 11 март 2014.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Tully, R. Brent; Shaya, Edward J.; Karachentsev, Igor D.; Courtois, Hélène M.; Kocevski, Dale D.; Rizzi, Luca; Peel, Alan (март 2008). „Our Peculiar Motion Away from the Local Void“. The Astrophysical Journal. 676 (1): 184–205. arXiv:0705.4139. Bibcode:2008ApJ...676..184T. doi:10.1086/527428. S2CID 14738309.
  3. 3,0 3,1 3,2 Tully, R. Brent (мај 2008), „The Local Void is Really Empty“, Dark Galaxies and Lost Baryons, Proceedings of the International Astronomical Union, IAU Symposium, 244, стр. 146–151, arXiv:0708.0864, Bibcode:2008IAUS..244..146T, doi:10.1017/S1743921307013932, S2CID 119643726
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 McCall, Marshall L. (29 април 2013). „A Council of Giants“. Monthly Notices of the Royal Astronomical Society (објав. 10 март 2014). 440 (1): 405–426. arXiv:1403.3667. Bibcode:2014MNRAS.440..405M. doi:10.1093/mnras/stu199.
  5. Shaya, Ed J.; Tully, R. Brent (декември 2013). „The Formation of the Local Group Planes of Galaxies“. Monthly Notices of the Royal Astronomical Society. Oxford University Press. Royal Astronomical Society. 436 (3): 2096–2119. arXiv:1307.4297. Bibcode:2013MNRAS.436.2096S. doi:10.1093/mnras/stt1714.CS1-одржување: користи параметар authors (link)