Мери и Макс (анимиран филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Мери и Макс (англиски: Mary and Max) е австралиски анимиран филм од 2009 година, во режија на Адам Елиот (Adam Elliot), кој е автор и на сценариото. Гласовите на главните ликови во филмот ги позајмуваат: Тони Колет (Toni Collette), Филип Сејмур Хофман (Philip Seymour Hoffman) и Ерик Бана (Eric Bana). Филмот има освоено четири награди (меѓу кои и „Кристална мечка“ на Филмскиот фестивал во Берлин), а имал уште седум номинации.[1] [2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Мери Дејзи Динкл (ја глуми Колет) е осумгодишно девојче кое живее во предградието на Мелбурн, како единствена ќерка на мајката-алкохоличар и растроениот татко. Таа живее обичен живот и најмногу сака да пие кондензирано млеко и да ја гледа омилената цртана серија. Истовремено, во Њујорк живее Макс Џери Хоровиц (го глуми Сејмур Хофман), човек на четириесет и четири години, кој е осамен, променил многу работи и боледува од Аспергеровиот синдром. И тој по цел ден гледа телевизија и собира играчки со ликовите од омилената цртана серија. Исто така, тој многу сака да јаде чоколади и има проблеми со тежината.

Еден ден, Мери случајно ја наоѓа адресата на Макс и решава да му напише писмо, а тој ѝ одговара. Така, започнува нивното долгогодишно допишување. Во меѓувреме, Мери созрева, нејзините родители умираат, таа го завршува факултетот како најдобар студент, а потоа пишува книга за болеста на Макс. Сепак, таа нема среќа во љубовта: уште како мало девојче се вљубува во момчето до соседството, Гркот Дамијан (го глуми Бејна), но цело време, двајцата се срамежливи и таа никогаш не собира храброст да му ја соопшти љубовта. Тие се зближуваат дури на погребот на мајка ѝ на Мери, по што се венчаваат.

Макс, пак, го живее својот монотон, осамен живот, исполнет со постојаното дебелеење, дружењето со своите миленичиња, посетите на психијатарот и нервозата поради загадувањето на улиците на Њујорк. Во меѓувреме, поради едно писмо од Мери, во кое таа го прашува за љубовта и сексот, Макс полудува и го затвораат во психијатриска болница, каде поминува осум месеци и тогаш, тој не може да се допишува со Мери. По дипломирањето, Мери ја печати својата книга и му пишува на Макс, подготвувајќи се да го посети и лично да му го врачи првиот примерок. Меѓутоа, Макс повторно збеснува, ја отстранува буквата М од својата машина за пишување и ѝ ја праќа на Мери во писмо. Мери сфаќа дека го повредила Макс и го пали целиот тираж на книгата, по што се повлекува во домашна изолација, постанува алкохоличарка, а Дамијан ја остава и оди да живее на Нов Зеланд во хомосексуален брак со еден свој пријател. Мери му испраќа на Макс пакет со чаша, на која пишува дека ѝ е жал, но тој и понатаму не ѝ пишува. Во меѓувреме, Макс добива многу пари на лото, но речиси целата сума ѝ ја поклонува на сосетката, а за себе купува оргомно количество чоколади.

Лишена од писмата на Макс, Мери сака да се обеси, но тогаш простигнува пакет од Макс, полн со играчките од нејзината и неговата омилена цртана серија. Радосна, по некое време, Мери конечно оди во Њујорк за да го посети, но кога ќе влезе во неговиот стан, го пронаоѓа мртов на фотелјата.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]