Мери Кингсли

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Мери Кингсли
Роден(а)13 октомври 1862(1862-10-13)
Ислингтон, Лондон
Починал(а)3 јуни 1900(1900-06-03) (воз. 37 г.)
Сајмонс Таун, ЈАР
НационалностАнгличанка
Познат(а) попатеписи за Африка

Мери Кингсли (англ. Mary Kingsley; Ислингтон, 13 октомври 1862 — Симонстаун, 3 јуни 1900) била англскa писателka и истражувач и влијаела врз европското мислење околу Африка и народот во Африка.

Детство и младост[уреди | уреди извор]

Родена е во Ислингтон, како ќерка на Џорџ Кингсли, кој исто така бил патописец. Нејзиниот татко бил доктор, а мајка ѝ била инвалид, па Мери морала да се грижи за неа. Во училиште одела многу малку, но имала пристап до големата таткова библиотека и се воодушевувала кога го слушала нејзиниот татко како чита за странските земји.

Патувања во Африка[уреди | уреди извор]

Татко ѝ починал во 1892 година, а мајка ѝ починала пет недели после тоа. Била ослободена од семејните обврски, а имала доволно пари за да патува некаде. Одлучила да ја посети Африка за да собере материјал за книгата за културата за Африка, која нејзиниот татко не успеал да ја заврши.

Кинглси стигнала во Сиера Леоне на 17 август 1893 година, и од таму го продолжила патувањето за Луанда и Ангола. Живеела со локалните жители, кои ја научиле на неопходните вештини за преживување во дивина. Често сама заминувала во опасни предели. Во Англија се вратила во декември 1893 година, за да преговара за издавање на нејзината патеписна книга.

На 23 декември 1894 година, повторно заминала во Африка со повеќе резерви. Сакала да го проучува племето канибали, и нивните традиционални и религиски практики. Во април се спријателила со мисионерката Мери Слесор, која исто така живеела со локалното население. Кингсли од Слесор дознала за локалната пракса да се убијат близнаците при раѓање, поради тоа што сметале оти едното дете е дете на ѓаволот. Поради неможноста да одредат кое е дете на ѓаволот, ги убивале и двете бебиња, а често и мајката.[1]

Подоцна во Габон, Мери Кингсли со кану ја минувала реката Огове, каде собрала примероци од претходно непознат вид на риба, од кои три подоцна биле наречени по неа. После посетата на племето фанг се качила на планината Камерун висока 4040 метри, по патека по која ни еден Европеец не отишол.[2]

Враќање во Англија[уреди | уреди извор]

Кога се вратила дома во ноември 1895 година, Кингсли новинарите сакале да ја интервјуираат. Статиите напишани за неа биле вознемирувачки, посебно што новинарите ја нарекувале „Нова Жена“. Кинглси се дистанцирала од феминистичките движења.[3] Во текот на наредните три години, патувала низ Англија и држела предавања за животот во Африка. Таа била првата жена која им се обратила на коморите на Ливерпул и Манчестер.[4]

Мери Кингсли се замерила со Црквата на Англија бидејќи ги критикувала мисионерите кои се обидувале да ги христијанизираат Африканците. Раскажувала делови од животот на Африканците што ги шокирале Англичаните, како на пример полигамијата, за која таа сметала дека се случува поради потреба.[5] Мисионерите кои го христијанизирале мажот, барале од него да ги напушти сите жени освен една, со што останатите жени и деца останувале без помош, без сопруг и татко, а со ова се создавал социјален и економски проблем.[6]

Верувањата на Кингсли се комплексни и денес се дискутираат од научниците. Во „Студии за Западна Африка“ напишала: „Иако сум дарвинист, се соменвам дека еволуцијата во уредна и чиста перпендикуларна линија, со народот Фетиш на дното и христијаните на врвот, ја претставува вистинската состојба на работите.“[7]

Дела[уреди | уреди извор]

Кингсли напишала две книги за своите искуства. Првата книга била „Патувања во Западна Африка“ (1897),[8] која веднаш станала бестселер, а втората книга била „Студии за Западна Африка“ (1899). Некои списанија и весници како Тајмс не сакале да напишат статија за нејзините дела.

Смрт[уреди | уреди извор]

Откако избила Втората бурска војна, Кинглси заминала за Кејптаун во март 1900 година,[9] каде волонтирала како медицинска сестра. Умрела од тифус, додека ги лечела воените заробеници, на 3 јуни 1900 година. Според нејзините желби била погребана на море.[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Frank 2006, стр. 130-131.
  2. Alexander 1990, стр. 254.
  3. Flint 1963, стр. 96.
  4. Matthew & Harrison 2004, стр. 713.
  5. Kingsley & Brandt 2002, Introduction.
  6. Frank 2006, стр. 157-159.
  7. Kingsley 1901, стр. 101.
  8. Review of Travels in West Africa: Congo Français, Corisco, and Cameroons by Mary H. KIngsley. „The Athenæum“ (No. 3615): pp. 173–176. 6 февруари 1897 г. https://babel.hathitrust.org/cgi/pt?id=iau.31858029267667;view=1up;seq=109. 
  9. "The War in South Africa - Embarcation of Troops" The Times (Лондон). Monday, 12 March 1900. Бр. 36087, стр. 7.
  10. Matthew & Harrison 2004, стр. 714.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]