Мементо (филм од 2000 година)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
„Мементо“
Memento poster.jpg
РежисерКристофер Нолан
ПродуцентЏенифер Тод
Сузан Тод
СценаристЏонатан Нолан (приказна)
Кристофер Нолан
НастапуваатГај Пирс
Кери-Ен Мос
Џо Пантолиано
МузикаДејвид Џулијан
КинематографијаВоли Фистер
МонтажаДоди Дорн
ДистрибутерNewmarket
Премиера15 декември 2000
Времетраење113 мин.
Држава САД
Јазиканглиски
Буџет4,500,000 долари
Бруто заработкаСАД:
25,544,867 долари
на светско ниво: 39,665,950 долари

Мементо (англиски: Memento) е американски филм (мистериозен трилер) од 2000 година во режија на Кристофер Нолан, а базиран на расказ на неговиот брат Џонатан, со наслов „Мементо мори“. Во главните улоги настапуваат Гај Пирс, Кери-Ен Мос и Џо Пантолиано.

Филмот има добиено бројни пофалби од страна на критичарите и публиката, а бил номиниран за „Златен глобус“, во категоријата за најдобро сценарио, како и за „Оскар“, во категориите за најдобро сценарио и за монтажа. Вкупно, филмот освоил 51 награда, а покрај тоа, имал уште 47 номинации.[1]

Во стандардната верзија на филмот, настаните се случуваат обратно од хронолошкиот ред, но во некои држави има посебно ДВД издание со верзија во која дејството се случува по хронолошки редослед.

Синопсис[уреди | уреди извор]

Филмот го следи светот на Леонард Шелби, кој се здобил со тешка повреда на главата при обидот да ја спаси сопругата си од убиство, што резултирало со појава на антероградна амнезија. Поради тоа, Леонард не може да создава нови сеќавања, а на единственото нешто на што се сеќава е на настаните непосредно пред повредата. Настојувајќи да ги запомни актуелните настани, тој чува белешки, вади фотографии, а на себе ги тетовира најважните факти кои мора да ги знае. Целта на Леонард е да се одмазди на човекот кој ја силувал и убил неговата сопруга и затоа ги бележи сите податоци кои би можеле да го доведат до него.

Пред да се здобие со повредата, Леонард бил снаодлив осигурителен истражувач и имал способност да ги препознае луѓето кога лажат. Неговиот прв голем случај бил оној со Семи Џенкис, кој страда од губиток на краткотрајна меморија. Користејќи серија едноставни тестови базирани на инстинкт, а не помнење, Леонард доаѓа до заклучокот дека Семи лаже во врска со својата болест и му оневозможува да добие осигурување. По тој настан, сопругата на Семи, која е дијабетичарка, го тера на секоја минута да ѝ даде инекција со инсулин или за да провери дали неговата состојба може да се смени или, едноставно, да изврши самоубиство. Поради тоа што Семи не е во состојба да ги запомни настаните што се случиле пред неколку минути, тој ја предозира со инсулин и таа умира.

Откако Леонард се здобива со истото пореметување, сфаќа дека Семи всушност лажел дека ги препознава личностите кои тој мислел дека веќе ги знае.

Откако Леонард ја раскажува приказната за Семи, во филмот се појавува човек по име Теди, кој тврди дека е полицаец и дека му е доделен случајот за смртта на сопругата на Леонард, и кој ќе се спријатели со него. Леонард му помага во барањето на убиецот, за кој само успеал да дознае дека се вика Џон Г.

На крајот на филмот, Леонард мисли дека успеал да ја оствари својата одмазда, но набрзо дознава дека Теди го манипулирал. Имено, човекот кој Леонард го убил бил дилерот Џими Гранц, а Теди од тоа сакал да извлече лична корист и да го земе скапоцениот „Јагуар“ на Џими, заедно со 200 илјади долари. Во таа сцена, Теди му ја раскажува на Леонард целата приказна. Му кажува дека тој веќе го убил вистинскиот Џон Г. пред неколку години, како и многу други луѓе со истото име. Меѓутоа, Џон Г. не бил одговорен за убиството на неговата сопруга, туку само за силувањето, а Леонард самиот ја искривил приказната за смртта на жена му. Таа преживеала напад, но фрустрирана од неговата состојба се предозирала со инсулин кој ѝ го дал тој. Теди тврди дека Семи никогаш немал сопруга, туку дека Леонард својата приказна ја преточил во онаа на Семи.

Леонард одбива да поверува во тоа и настојува што побрзо да заборави што му рекол Теди. Пред да заборави, Леонард на сликата на Теди запишува „Не верувај во неговите лаги“, и си става потсетник дека мора да го тетовира бројот на регистрацијата на автомобилот на Теди. Тогаш, тој сфаќа дека сите луѓе се залажуваат самите себе, а тој се разликува од сите по тоа што е свесен за самозалажувањето. Го зема автомобилот на Џими и оди во салонот за тетовирање за да го истетовира бројот на регистрација на Теди.

Потоа, во џебот на костумот, кој го зел од Џими, наоѓа порака од неговата девојка Натали и оди во кафулето во кое таа работи. Откако ќе ѝ раскаже за своето пореметување, таа сака да провери дали има вистина во неговата приказна. Откако се уверува, одлучува да го искористи за да се ослободи од еден човек по име Дод. Леонард е преокупиран со решавање на загатката што сам си ја поставил, но сепак смета дека треба да ѝ помогне на Натали. Откако ќе се бркаат, тој го фаќа Доди и врзан го затвора во ормарот од неговата хотелска соба. Следното утро, се буди во истата соба и го наоѓа Доди, не сеќавајќи се на претходната вечер. Набрзо доаѓа Теди и во паника го тера Доди да избега надвор од градот со неговиот автомобил. Откако дознава дека Дод го нема, Натали одлучува да му открие на Леонард кој е сопственик на возилото со регистарската табличка на автомобилот на Теди. Леонард се изненадува кога открива дека вистинското име на Теди е Џон Едвард Гемл, т.е. Џон Г, па го убива.[2]

Улоги[уреди | уреди извор]

Занимливости[уреди | уреди извор]

  • Снимањето на филмот траело 25 дена.
  • Телефонскиот број на Теди, 555 0134, е истиот како на Мерл Сингер во филмот „Клуб на борци“.
  • Салонот за тетовирање е насловен по сопругата на режисерот и сценарист Кристофер Нолан, Еми Томас, која воедно е и помошник продуцент на филмот.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. IMDb, Memento (2000) - Awards (пристапено на 8.4.2015)
  2. „Мементо“, Програма февруари 2015, Кинотека на Македонија.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]