Меланхолија I

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
„Меланхолија I“
Творец Албрехт Дирер
Година 1514
Вид гравура
Димензии 31 см × 26 см

Меланхолија I (Melencolia I) — бакрорез од германскиот ренесансен мајстор Албрехт Дирер изработен во 1514 г. Претставува алегорична композиција која е предмет на разни толкувања низ вековите. Ова е една од најпознатите мајсторски гравури во историјата на уметноста, и понекогаш се смета за дел од низа „мајсторски бакрорези“ (Meisterstiche) заедно со гравурите „Витез, Смртта и Ѓаволот“ (1513) и „Свети Јероним во неговата работна соба“ (1514).

Толкувања[уреди]

Детаљ од волшебниот квадрат

Ова дело е предмет на повеќе толкувања од било која друга гравура,[1] вклучувајќи го двотомното дело на Петер-Клаус Шустер,[2] и мошне влијателната обработка во монографијата „Дирер“ на Ервин Панофски.[3] Во репродукциите, сликата излегува потемна одошто е на изворниот отпечаток на гравурата. Ова особено доаѓа до израз кај ликот на крилатата жена, која е всушност повесела одошто изгледа на репродукциите. Насловот на делото доаѓа од архаично напишаниот натпис „Melencolia I“ во рамките на самата гравура, и со тоа е единствена Дирерова гравура со наслов на самата слика. Годината 1514 е испишана на најдолниот ред во волшебниот квадрат, како и над Диреровиот монограм долу-десно. Ознаката „I“ не значи дека гравурата била предвидена како дел од комплет, туку означува еден од трите вида на меланхолија што ги утврдил германскиот хуманист Хајнрих Корнелиус Агрипа. Делото се однесува на типот „мечтателска меланхолија“ (melencholia imaginativa) на која подлежат уметниците поради тоа што „мечтата“ кај нив преовладува над „умот“ или „разумот“.

Делото се распространувало нашироко, и дошло дури до Индија, каде могулскиот минијатурист Фарух Бег се повикува на него во минијатурата „Стариот суфија“ (1615).[4]

Елементи[уреди]

„Стариот суфија“ од Фарух Бег (1615)

Според најзастапеното толкување, тематиката на делото е депресивна или меланхолична состојба, и со тоа разните елементи на сликата добиваат соодветно значење:

  • Фигурата е опкружена од геометриски и архитектонските помагала, кои не се користат
  • волшебен квадрат „4×4“, со двете средни ќелии во најдолниот ред што ја испишуваат годината на изработка на делото: 1514. Покрај тоа што ги следи вообичаените правила за волшебни квадрати, четирите квадранти, агли и средишта даваат истиот број 34 кој ѝ припаѓа на Фибоначиева низа.
  • Потсечениот ромбоедар[5] со бледо отцртан череп на него. Ова геометриско тело подоцна е наречено „Дирерово тело“, и постојат разни гледишта за неговиот точен облик[6])
  • Песочниот часовник потсетува на течењето на времето
  • Празната вага
  • Малодушната крилата фигура на генијот
  • Ќесето и клучевите
  • Светилникот и виножитото на небото
  • Математичкото знаење е изразено преку симболи: шестар, геометриско тело, волшебен квадрат, вага и песочен часовник.

Наводи[уреди]

  1. Dodgson, Campbell (1926). „Albrecht Dürer“. London: Medici Society. стр. 94.  „„Меланхолија“ е обработувана на повеќе места од било која друга гравура на Дирер: овој исказ веројатно би бил точен и ако ги изземете последните два збора“.
  2. Schuster, Peter-Klaus (1991). „MELENCOLIA I: Dürers Denkbild“. Berlin: Gebr. Mann Verlag. стр. 17–83. 
  3. Panofsky, Erwin; Klibansky, Raymond; Saxl, Fritz (1964). „Saturn and melancholy“. New York: Basic Books, Inc. http://quod.lib.umich.edu/cgi/t/text/text-idx?c=genpub;cc=genpub;q1=Klibansky;op2=and;op3=and;rgn=works;rgn1=author;rgn2=author;rgn3=author;view=toc;idno=0431529.0001.001. 
  4. „Отсега неанонимна“, Ли Лоренс - The Wall Street Journal, 4 октомври 2011, пров. 16 ноември 2011 (англиски)
  5. Вајсштајн, Ерик В.. „Диреровото геометриско тело“. Wolfram MathWorld. http://mathworld.wolfram.com/DuerersSolid.html. конс. 21 април 2008. 
  6. Weitzel, Hans. A further hypothesis on the polyhedron of A. Dürer, Historia Mathematica 31 (2004) 11
  • Brion, Marcel. Dürer. London: Thames and Hudson, 1960
  • Nürnberg, Verlag Hans Carl. Dürer in Dublin: Engravings and woodcuts of Albrecht Dürer. Chester Beatty Library, 1983
  • Ewald Lassnig, Dürers "MELENCOLIA-I" und die Erkenntnistheorie bei Ulrich Pinder; in: Wiener Jahrbuch für Kunstgeschichte, 2008, S. 51-95
  • Ernst Th. Mayer: Melencolia § I – der "angelo terrestre" und sein gleichzeitiges doppeltes Sehvermögen. Befunderhebung aufgrund der visuellen Geometrie von Dürers verschlüsseltem Selbstbildnis (1514). In: Musik-,Tanz- und Kunsttherapie, Vol. 20, 2009, Nr. 1, S. 8–22.

Надворешни врски[уреди]