Мајска декларација
| Мајска Декларација | |
Дел од Мајската декларација | |
| Место | Виена, Австроунгарија |
| Автор(и) | Антон Корошец |
| Потписници | 33 членови на југословенсксиот клуб во Кралскиот Совет Рајхсрат |
Мајската декларација (словенечки: Majniška deklaracija, хрватски: Svibanjska deklaracija, српски: Majska deklaracija/Мајска декларација) — манифест со политички барања за обединување на јужнословенските територии во рамките на Австроунгарија, поднесен до Царскиот совет во Виена на 30 мај 1917 година. Автор бил Антон Корошец, водачот на Словенечката народна партија. Документот го потпишале Корошец и триесет и двајца други делегати на советот кои ги претставувале јужнословенските земји во рамките на цислеитанскиот дел од двојната монархија - Словенечките земји, Далмација, Истра и Кондоминиумот на Босна и Херцеговина. Делегатите кои ја потпишале декларацијата биле познати како Југословенскиот клуб.
Мајската декларација генерално била поволно пречекана од хрватските политичари во Хрватска-Славонија, но била пречекана со противење или рамнодушност од страна на Бошњаците, босанските Срби и хрватските Срби. Декларацијата, исто така, извршила притисок врз владата на Кралството Србија, која ги сметала целите на декларацијата како закана за исполнувањето на нејзините цели од Првата светска војна во однос на територијалното проширување. Ова ја навело владата на Кралството Србија да даде приоритет на изготвувањето на Крфската декларација, при што Југословенскиот комитет ги навел принципите на обединување на заедничка држава за сите Јужни Словени кои живееле во Австроунгарија, Србија и Црна Гора во тоа време. Застапувањето на Мајската декларација било забрането од страна на австроунгарските власти во мај 1918 година.
Позадина
[уреди | уреди извор]
За време на Првата светска војна, во деловите на Австроунгарија населени со јужнословенско население - Хрватите, Србите, Словенците и Бошњаците - се развил притисок во поддршка на триалистичка реформа,[2] или воспоставување заедничка држава на јужните Словени независна од империјата. Второто требало да се постигне преку реализација на југословенските идеи и обединување со Кралството Србија.[3]
Србија ја сметала војната како можност за територијална експанзија. Комитет задолжен за утврдување на воените цели изработил програма за воспоставување југословенска држава со додавање на делови од хабсбуршките земји населени со јужнословенски народи - Хрватска-Славонија, Словенечките земји, Војводина, Босна и Херцеговина и Далмација.[3] Во Нишката декларација, Народното собрание на Србија ја објавило борбата за ослободување и обединување на „неослободените браќа“.[2] Оваа цел била спротивставена од Антантата, која го фаворизирала постоењето на Австроунгарија како противтежа на влијанието на Германското Царство.[3]
Во 1915 година, Југословенскиот комитет бил основан како ад-хок група без официјален капацитет.[2] Комитетот, делумно финансиран од српската влада, се состоел од интелектуалци и политичари од Австроунгарија кои тврделе дека ги претставуваат интересите на Јужните Словени.[2] Анте Трумбиќ бил претседател на комитетот,[4] но негов најистакнат член бил Франо Супило, соосновач на владејачката Хрватско-српска коалиција (ХСК) во Хрватска-Славонија. Супило се залагал за федерација составена од Србија (вклучувајќи ја Војводина), Хрватска (која ги опфаќа Хрватска-Славонија и Далмација), Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора. Во исто време, комитетот дознал дека антантата му ветила на Кралството Италија територија (делови од словенечките земји, Истра и Далмација) според Лондонскиот договор за да склучи сојуз со таа нација.[2] Повеќето од членовите на комитетот биле од Далмација и го сметале Лондонскиот договор за закана што можела да се спречи само со помош од Србија.[3]
Меѓународната поддршка почнала постепено да се оддалечува од зачувувањето на Австроунгарија дури во 1917 година. Таа година, Русија побарала мир по Руската револуција, додека Соединетите Американски Држави, чиј претседател Вудро Вилсон се залагал за принципот на самоопределување, влегле во војната.[3] Сепак, во својот говор од Четиринаесетте точки, Вилсон ветил само автономија за народите на Австроунгарија. Зачувувањето на двојната монархија не било напуштено пред потпишувањето на Брест-литовскиот договор во март 1918 година. Дотогаш, сојузниците биле убедени дека не можат да се спротивстават на комунистичката револуција.[5]
Југословенски клуб
[уреди | уреди извор]Јужнословенските пратеници во Австроунгарскиот царски совет во Виена се организирале во таканаречен Југословенски клуб следејќи ги примерите на слично групирање од нивните полски и чешки колеги. Пратениците ги претставувале цислеитанските земји (словенечките земји, Далмација, Истра и Босна и Херцеговина). Југословенскиот клуб таму го претседавал лидерот на Словенечката народна партија (СЛС) Антон Корошец. Дваесет и три члена на клубот биле Словенци, дванаесет биле Хрвати и двајца биле Срби.[3]
Најава и прием
[уреди | уреди извор]
На 30 мај 1917 година,[3] 33 членови на Југословенскиот клуб поднеле декларација,[2] барајќи обединување на хабсбуршките земји населени со Хрвати, Словенци и Срби во демократска, слободна и независна држава.[3] Барањето било поднесено со упатувања на принципите на национално самоопределување и хрватското државно право.[3] Меѓу потписниците биле Корошец и двајца други истакнати словенечки политички лидери - гувернерот на Крањското војводство, Иван Шустершич и Јанез Евангелист Крек.[5] Изворите не се целосно согласни за бројот на потписници. Хрватскиот историчар Иво Периќ навел дека имало 32 потписници, додека историчарот Фердо Шишиќ навел 35 имиња на потписници. Листата составена од Шишиќ се сметала како несигурна бидејќи на неа се наведени две лица кои починале пред да се усвои резолуцијата и Густав Грегорин кој ја напуштил земјата и се приклучил на Југословенскиот комитет. Декларацијата била прочитана во хрватскиот Сабор на 20 јули 1917 година од страна на Живко Петришиќ и тој изјавил дека имало 33 потписници. Според историчарот Стјепан Матковиќ, имало 20 словенечки потписници, единаесет Хрвати кои ги претставуваа Истра и Далмација, и двајца хрватски Срби избрани во Далмација.[6]
Мајската декларација првпат била поздравена во Хрватска од страна на фракцијата на Миле Старчевиќ од Партијата на правата (ССП).[2] Лидерот на ССП, Анте Павелиќ, ја пофалил декларацијата во хрватскиот Сабор една недела по нејзиното деби во Виена како израз на демократски дух разбуден во Европа од просветлената Русија.[3] Иако јавно ја поддржувал декларацијата, Павелиќ бил целосно свесен дека нема да има отстапки од Виена.[5] Франкистичката фракција на ССП, организирана како Чиста партија на правата и предводена од Александар Хорват, не ја поддржала декларацијата, но изјавила дека таа нема да ги попречи напорите на оние што ја поддржуваат декларацијата. Лидерот на Хрватската народна селанска партија, Стјепан Радиќ, дал послаба поддршка. Особено силна поддршка за декларацијата дошла од Антун Бауер, тогашниот надбискуп на Загреб.[2] ХСК, како владејачка партија во Хрватска-Славонија, и нејзиниот коосновач и лидер Светозар Прибичевиќ, ја игнорирале Мајската декларација.[5]
На декларацијата се спротиставиле бошњачките лидери, како претседателот на Босанскиот собор, Сафвет-бег Башагиќ. До царот бил доставен контра-предлог, со кој Босна и Херцеговина би била припоена кон Унгарија и би добила одреден степен на автономија. Босанските Срби биле резервирани, додека хрватските Срби во голема мера се спротивставиле на барањата за декларација. Декларацијата била критикувана и од некои римокатолици, како што е Крек, кој претпочитувал обединета држава надвор од Хабсбуршките царства.[2]
Мајската декларација се дебатирала една година. Во мај 1918 година, римокатоличкиот епископ на Крк, Антон Махнич, напишал серија статии во весници во кои ги поддржувале целите на декларацијата. Махнич сметал дека воспоставувањето на некаков заеднички јужнословенски политички систем е неизбежно и претежно се занимаваше со прашања за „етнички и конфесионален соживот“ во таква земја. Неговите напори, како и оние на другите поддржувачи на декларацијата, завршиле на 12 мај 1918 година кога царските власти забраниле понатамошно застапување на Мајската декларација.[2]
Влијание
[уреди | уреди извор]
Мајската декларација имала значајно влијание. Освен што го поместила прашањето за јужнословенското обединување надвор од неговите хрватски рамки и покажала дека словенечките политички актери не биле нужно лојални на империјата, декларацијата влијаела и врз погледот на властите во Србија и на Југословенскиот комитет.[3] Декларацијата, исто така, ја потврдила позицијата на хрватските Срби како политичка група во Хрватска.[5]
Тројната Антанта барала начини да постигне посебен мир со Австроунгарија и со тоа да ја одвои од Германија, со што српската влада - прогонета на грчкиот остров Крф - се соочила со проблем. Таа се соочила со значителен ризик од триалистичко решение за јужнословенските земји во рамките на Австро-Унгарија во случај на таков посебен мировен договор, со што се поништила секоја шанса за исполнување на прогласените српски воени цели.[3]
Југословенскиот комитет, исто така, бил ставен под притисок. Се тврдело дека се обраќа во име на Јужните Словени во рамките на Австроунгарија, но отворено се грижел за своите интереси. Предизвикот што Мајската декларација го поставил за Југословенскиот комитет и владата на Србија, лишувајќи ги од иницијативата во процесот на јужнословенско обединување, ги навело двајцата да го сметаат изготвувањето програма за обединување на јужнословенските земји во Австроунгарија и надвор од неа за приоритет. Тие одржале серија состаноци на Крф од 15 јуни до 20 јули, обидувајќи се да постигнат консензус и покрај радикално различните ставови за системот на владеење во предложената заедничка држава. Не бил постигнат договор за ова прашање, па затоа резултирачката Крфска декларација го заобиколила прашањето, оставајќи му на Уставотворното собрание да одлучи со неодредено квалификувано мнозинство.[3]
На 2-3 март 1918 година, во Загреб се одржала конференција на која присуствувале, меѓу другите, претставници на ССП, СЛС, Националната прогресивна партија и дисиденти на ХСК. Од состанокот произлегла Загрепската резолуција за политичко обединување на Јужните Словени.[7] Бидејќи централната власт на Австро-Унгарија постепено се распаѓала во 1918 година, биле основани покраински национални совети (вклучувајќи еден за Словенија од страна на Југословенскиот клуб) за да се пополни вакуумот во власта, воведувајќи паралелна администрација до јули. До октомври, во Загреб бил основан Националниот совет на Словенците, Србите и Хрватите како де факто влада на јужнословенските земји во Австро-Унгарија.[3]