Мајка Маргарита

Од Википедија — слободната енциклопедија

Мајка Маргарита - стара народна песна (бугарштица).

Содржина[уреди | уреди извор]

Пред портата на Задар плаче Маргарита, старата мајка на Иван, која ги повикува синот и братот Петар. Тогаш, пред неа се појавува самовила и Маргарита ѝ кажува дека одамна не ги видела синот и братот и не знае дали се живи или мртви. Притоа, Маргарита кажува дека видела лош знак: гавран што лета над Задар, а кога сакала да го праша за своите сакани, тој одлетал во планината. Самовилата ја прашува Маргарита, што би направила, ако Иван и Петар паднале во турската зандана, а Маргарита одговара дека за братот би ја дала главата, а за синот жива би изгорела. Тогаш, самовилата ѝ ја кажува вистината: братот Петар се вљубил во млада Гркина и останал во туѓина, додека Иван дошол во Приморјето, но ја сретнал убавата Цвета Приморкиња и двајцата се вљубиле. Оттука, мајката Маргарита може да плаче целиот живот, но никогаш нема повторно да ги види синот Иван и братот Петар.[1][2]

Осврт кон песната[уреди | уреди извор]

Песната „Мајка Маргарита“ прв ја запишал Јурај Бараковиќ во 17 век.[3]

„Мајка Маргарита“ е единствен пример на потресна балада во која никој не умира. Во неа, поетот го искажува ставот за релативноста на среќата, која има вредност само во споредбата со другите луѓе. Мајката Маргарита ѝ ги подарила на зората својот син и помладиот брат, под услов тие да се вратат или пак да бидат жртвувани за некоја повисока цел. Притоа, поетот добро ја согледува емоционалната градација на мајката Маргарита и се прашува дали веста што ја носи самовилата дека двајцата се живи, но дека мајката Маргарита никогаш нема да ги види, се полоши од веста за нивната смрт. За разлика од епските песни испеани во десетерец, овде се споменува гавранот, но на сосема друг начин, зашто тој не одговара на молбите на мајката Маргарита, туку одлетува во планината. Наспроти тоа, вообичаената улога на гавранот ја презема самовилата, која ја носи веста дека синот и братот се живи, но засекогаш изгубени. На тој начин, стравот на мајката се исполнува, но поинаку во споредба со песните испеани во десетерец. Во оваа песна поетот успева психолошки да го продлабочи ликот на жената, воопшто. Сликајќи ја судбината на мајката Маргарита, поетот успешно навлегува во човековата комплексност.[4]

Сите описи во песната се величествени и секој збор и детаљ имаат незаменливо место, а на песната нема што да ѝ се додаде или одземе. Притоа, одделни зборови употребени во неа се така избрани што имаат повеќекратно значење. На пример, ластовицата е симбол на заминувањето, на аристократската убавина, нејзиното црцорење е слика на крикот вечното барање на изгубеното, а нејзиниот лет го симболизира постојаното и неуспешно барање на спокојот. Во споредбената постапка на словенската антитеза, птицата со префинети тажни бои е земена за споредба со жената која целиот живот го поминува барајќи ги синот и братот. Во тој поглед, веројатно, на поетот му била блиска библиската приказна за ластовицата. И другите слики во песната се внимателно избрани: мајката со своите солзи ги мие крвавите крилја на гавранот, панорамата на Задар, студената светлина на месечината, градската капија како театарска сцена, итн. Иако е очигледно дека оваа бугарштица претрпела влијание од пишаната книжевност, нејзината убавина е толку голема, што нема потреба да се зборува за нејзиното потекло, зашто претставува пример за трајна уметничка вредност.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Bugarštice. Beograd: Rad, 1969, стр. 69-74.
  2. Народне лирске песме. Београд: Просвета, 1963, стр. 79-82.
  3. В.Ђ., „Поговор - О врстама епских песама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 491.
  4. Новак Килибарда, „О бугарштицама“, во: Бугарштице. Београд: Рад, 1979, стр. 12-14.
  5. Новак Килибарда, „О бугарштицама“, во: Бугарштице. Београд: Рад, 1979, стр. 14-15.