Мајка Јоана од Ангелите (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Мајка Јоана од Ангелите (полски: Matka Joanna od Aniolów) - полски филм од 1961 година, во режија на Јежи Кавалерович (Jerzy Kawalerowicz). Главните улоги ги толкуваат: Луцина Виницка (Lucyna Winnicka), Мјечислав Војт (Mieczyslaw Voit), Ана Цјепјелевска (Anna Ciepielewska), Марија Хвалибог (Maria Chwalibóg), Станислав Јашукјевич (Stanislaw Jasiukiewicz), Зигмунт Зинтел (Zygmunt Zintel), Зигмунт Малавски (Zygmunt Malawski) и други. На Канскиот филмски фестивал во 1961 година, Кавалерович ја добил специјалната награда на жирито, а бил номиниран и за „Златната палма“.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот се одвива во Полска, во 17 век. Во еден манастир, калуѓерките се однесуваат неморално, зашто во нив е влезен Сатаната. Црквата го испраќа калуѓерот Јозеф Сурин (го игра Војт) за да го истера Сатаната од калуѓерките. Тој се среќава со старешината на манастирот, Мајка Јоана (ја игра Виницка), која уште при првата средба се однесува непристојно. Исто така, со своите гревови особено се истакнува и сестрата Маргарета (ја игра Цјепјелевска), која постојано ја посетува блиската меана, каде пее раскалашени песни, пие алкохол и флертува со еден благородник (го игра Јасјукјевич). Калуѓерот Сурин ги употребува сите методи (молитви, пост, покора, егзорцизам), но не може да ги спаси калуѓерките, иако Мајка Јоана го моли да ја ослободи од демоните и да ја направи светица. Уште повеќе, со текот на времето, отецот Сурин станува душевно и физички послаб и чувствува дека потпаѓа под силата на Сатаната. Најпосле, еден ден, во меаната доаѓа благородникот, кој ноќта ја поминува со сестрата Маргарета, а потоа ја напушта. Тогаш, отецот Сурин ја зема секирата и убива двајца слуги.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]