Маруша (езеро)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Маруша

Карта

Површина 166,9 м2
Должина 18 м
Ширина 11,8 м
Обем 48 м
Длабочина 0,5 м
Надморска висина 1.908 м
Планина Стогово


Маруша — природно ледничко езеро на планината Стогово во западниот дел на Македонија.

Местоположба и хидрографски одлики[уреди | уреди извор]

Се наоѓа во истоимениот цирк, на северната планинска страна на Стогово, во изворишниот дел на реката Белешница,[1] на надморска височина од 1.809 метри. Езерото по своето потекло е циркно, а дното е изградено од водонепропусните флишни седименти. Поставено е во насока североисток-југозапад и во истиот правец неговата најголема должина изнесува 18 метри. Просечната широчина на езерото изнесува 9,28 метри, а најголемата достигнува до 11,8 метри. Просечната длабочина изнесува 18 сантиметри, додека најголемата длабочина достигнува 48 сантиметри. Езерското огледало зафаќа површина од 166,9 м2, обемот на езерскиот брег изнесува 48 метри, а во ова езеро се насобрани (акумулирани) околу 30 м3 вода.[1]

Езерото Маруша со вода се храни од површински водотеци, околните извори и топење на снегот,[2] како и од подземни води.[1] Самото езеро не е поврзано со дотек или истека, иако се наоѓа непосредно од десната страна од еден од трите изворишни речни ракавци на реката Белешница. За време на висок водостој, водата од езерото истекува кон југозапад во долината на реката Белешница. Во пролет, за време на висок водостој поради интензивното топење на снеговите, нивото на езерото се зголемува за 75 см.[2] Водостојот на езерското ниво е прилично променлив и осцилира во текот на годината, а во отсуство на поголем дотек на вода, најголемиот дел од водата езерото Маруша ја губи од испарување.[1]

Околното месно население, поради малата големина езерото го смета за „бара“ (иако ги има сите одлики на езеро) и наведува дека во најсушниот период во летото прилично ја губи водата што речиси е на граница да пресушува, но сепак целосно не ја загубува водата и е постојано преку целата година.[3]

Езерската вода е проѕирна до самото дно, а после поголемо бранување таа во крајбрежниот дел брзо се заматува. Бојата на водата е синкаста, а во крајбрежниот дел жолтеникава. Ваквите нијанси се јавуваат како последица на синкастиот мул, кој е наталожен по дното на езерото и жолтеникавиот нанос што е депониран во крајбрежниот дел од површинските повремени водетеци. Температурата на водата на езерото Маруша измерена на почетокот на месец јули изнесувала 23°С со PH вредност 7, при температура на воздухот од 24°С.[1]

Животински свет и искористување[уреди | уреди извор]

Во водите на езерото Маруша се забележуваат синозеленикави алги и мочуришна растителност која е развиена во крајбрежниот дел. Животинскиот свет е претставен со ракчиња, тритони, жаби и водени змии. Водите од езерото Маруша, сточарите во текот на летниот дел на годината ги користат за напојување на стадата овци и покрупниот добиток, како и за капење на овците.[1] Сепак, езерото воопшто нема загадност и на неговата површина не се забележуваат остатоци од делови на растенија или животинско потекло.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Василески, Драган (1989). „Леднички езера на планината Стогово“. Географски разгледи: 149.
  2. 2,0 2,1 Колчаковски, Драги (2004). Физичка географија на Република Македонија. стр. 198.
  3. Според кажување на Ариф, жител на с. Могорче. Забележал Марио Шаревски на 20 јуни 2018 г.