Прејди на содржината

Мартин Идн

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Мартин Идн“ (англиски: Martin Eden) — роман на американскиот писател Џек Лондон.

Содржина

[уреди | уреди извор]
  • Глава I-VIII: Артур Морз го кани на вечера 20-годишниот сиромашен морнар Мартин Идн, кој претходно го спасил од улични силеџии. Во домот на Морз, Мартин ја запознава сетра му на Артур, Рут, која веднаш го привлекува со убавината и образованието, додека тој ја привлекува со својата сила и необичност. Мартин живее како потстанар во куќата на неговата сестра чиј сопруг не може да го поднесе. Под впечаток на средбата со Рут, тој носи одлука целосно да го промени своето однесување и така да ѝ се приближи. Поради тоа, тој започнува да се грижи за личната хигиена и за својот изглед, се откажува од пиењето и се запишува во библиотеката, цврсто решен да излезе од бедата и да стане дел од повисокиот општествен слој. Една недела подоцна, Мартин ја посетува Рут и таа се нафаќа да го подучува во граматиката, англискиот јазик и книжевноста. Така, тие започнуваат редовно да се среќаваат, што само ја разгорува нивната меѓусебна привлечност.[1]
  • Глава IX-XV: Мартин заминува на осуммесечно патување по Тихиот Океан и за тоа време чита многу, така што добива идеја да стане писател. По враќањето дома, тој започнува да пишува раскази и кратки есеи кои ги испраќа во бројни списанија, но без успех. Рут го наговара да се запише во средно училиште, но тој не успева да го положи приемниот испит. Затоа, пак, секојдневно учи и неуморно пишува, а кога случајно го открива учењето на Херберт Спенсер, покажува голем интерес за еволуцијата. Најпосле, тој собира храброст да ѝ ги прочита своите раскази на Рут, но таа воопшто не е воодушевен од нив. Сепак, наспроти бројните неуспешни обиди да ги објави своите раскази, Мартин не се откажува од помислата да стане писател.[2]
  • Глава XVI-XXI: Притиснат од беспарицата, Мартин е принуден да прифати во пералницата во еден хотел при што се иселува од Оукленд. Таму, како последица на напорната работа, тој воопшто нема слободно време за читање и пишување и повторно почнува да се опива. Не можејќи да ја издржи тешката работа која му ја уништува човечноста, тој дава отказ и се враќа во Оукленд, каде повторно се дружи со Рут која во меѓувреме дипломирала на универзитетот. На еден заеднички излет во природа, тие се бакнуваат и меѓусебно си ја искажуваат својата љубов. Веднаш за тоа дознаваат родителите на Рут, кои не ја одобруваат нивната љубовна врска, бидејќи Мартин не припаѓа на нивниот општествен сталеж. Тој, пак, се преселува во друг стан.[3]
  • Глава XXII-XXXI: Мартин живее во голема сиромаштија, принуден да ги продава личните предмети и често гладувајќи. Сепак, продолжува неуморно да пишува, иако сите списанија му ги одбиваат ракописите. Еден ден, во миговите на најголемиот очај, едно познато списание го известува дека ќе го објави неговиот расказ. По првичната радост, кога дознава дека за расказот ќе добие далеку помалку пари од очекуваниот износ, Мартин паѓа болен. По некое време, него го посетува Рут, која првпат се соочува со неговата сиромаштија. Тогаш, неколку списанија откупуваат неколку творби на Мартин, иако повеќето раскази и есеи му ги одбиваат, а некои списанија не му плаќаат за објавените раскази. Сепак, Мартин повторно започнува интензивно да пишува, сонувајќи да стане дел од сериозната книжевност, иако Рут постојано го одвраќа од таквата намера, советувајќи го да најде редовна работа. Во меѓувреме, нејзината мајка организира забави на кои кани бројни млади луѓе, со надеж дека Рут ќе запознае друго момче и дека ќе го заборави Мартин.[4]
  • Глава XXXII-XXXIX: Во една прилика, во домот на Рут, Мартин го запознава необичниот интелектуалец Рас Брисенден и меѓу нив се раѓа големо пријателство. Мартин му ги покажува своите творби и Брисенден е воодушевен, искажувајќи пофални зборови за неговата книжевна дарба и поттикнувајќи го да продолжи да пишува. Исто така, Брисенден го запознава со група сиромашни интелектуалци и Мартин е воодушевен од нивните дискусии. Еднаш, по наговор на Брисенден, Мартин учествува на еден социјалистички собир, а утредента сите весници пишуваат за него, прогласувајќи го за водач на социјалистите. Бесен поради лажните вести, Мартин го натепува новинарот кој сака да го интервјуира, а тој му се одмаздува оцрнувајќи го во весниците. Така, целото опкружување, вклучувајќи ги и неговите сестри, го осудува како насилен социјалистички водач, а Рут ја раскинува свршувачката.[5]
  • Глава XL-XLVI: Отфрлен од сите, Мартин се затвора дома и го довршува својот прв роман, „Во задоцнување“. Во меѓувреме, испраќа една песна на Брисенден до весниците, кои ја објавуваат, но тогаш дознава дека Брисенден во меѓувреме извршил самоубиство. Тогаш, Мартин запаѓа во малодушност и се заколнува дека повеќе нема да пишува, сонувајќи да отпатува некаде далеку. Песната на Брисенден постигнува огромен успех, а него го слават како генијален поет. Наеднаш се случува пресврт и списанијата почнуваат да ги објавуваат творбите на Мартин, така што тој заработува доволно за удобен живот. Еден ден, тој случајно ја среќава Рут, која му кажува дека е засрамена од него и дека не сака повеќе да го види. Во друга прилика, тој ја среќава Лиза Коноли, која му ја нуди својата љубов, но тој не може да ѝ возврати. Најпосле, Мартин ја објавува својата прва книга која постигнува голем успех, продавајќи се во голем тираж низ целиот свет. Така, тој конечно станува богат и на својата станодавка Марија Силва ѝ купува куќа и имот, а исто така, финансиски ги помага и своите две сестри. Набргу, издавачките куќи ги печатат и другите негови дела, што тоа му носи голема слава и многу пари, но Мартин не чувствува никакво задоволство зашто е целосно разочаран од светот. Притоа, нему му е одбивно лицемерието на луѓето, кои во минатото го презирале, а сега му оддаваат почести. Еден ден, него го посетува Рут, која му ја искажува својата љубов и му нуди брак, но тој е потполно рамнодушен кон неа и ја одбива, прекорувајќи ја поради тоа што го отфрлила. Набргу, Мартин го среќава скитникот Џо, неговиот поранешен другар, кому му купува пералница. Разочаран од луѓето, Мартин заминува на патување по Тихиот Океан, но сфаќа дека ниту тоа патување нема да го направи среќен. Затоа, тој намерно скока во океанот, нурнува во длабочината и така умира.[6]
  1. Џек Лондон, Мартин Идн. Издавачко предузеће „Братство-јединство“, Нови Сад, 1954, стр. 7-67.
  2. Џек Лондон, Мартин Идн. Издавачко предузеће „Братство-јединство“, Нови Сад, 1954, стр. 68-119.
  3. Џек Лондон, Мартин Идн. Издавачко предузеће „Братство-јединство“, Нови Сад, 1954, стр. 120-154.
  4. Џек Лондон, Мартин Идн. Издавачко предузеће „Братство-јединство“, Нови Сад, 1954, стр. 155-227.
  5. Џек Лондон, Мартин Идн. Издавачко предузеће „Братство-јединство“, Нови Сад, 1954, стр. 228-282.
  6. Џек Лондон, Мартин Идн. Издавачко предузеће „Братство-јединство“, Нови Сад, 1954, стр. 283-340.