Прејди на содржината

Марта (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Марта

„Марта“роман за деца и младинци од македонскиот писател Горјан Петревски.

Авторот за романот

[уреди | уреди извор]

Самиот автор го опишал создавањето на романот „Марта“ на следниов начин:

Едно од мноштвото писма кои пристигнуваа до „Вљубената страница“ во списанието „Наш свет“, испратено од Ракотинци, крај Скопје, со печат од 19.12.1985 г., а потпишано со шифра „Несреќната Емона“ ми направи силен впечаток и ме инспирира да го создадам романот „Марта“. Името Марта го позајмив од, во тоа време, едно многу мило и симпатично девојче на мои пријатели, ќерката на Иванка и Иван Карадак, познатиот сатиричар, автор и режисер на емисијата „Хихирику“. Е, сега, тоа писмо напишано на три-четири страници со искрена исповед до мене, беше доволно да се развие приказна, која, на мое задоволство, им се допаѓа на младите. И, не само ним, „Марта“ ја читаат и возрасните.

Како ја пишував „Марта“? Најпрво замислата ми беше насловот да биде „Лажниот витез“, и да направам телевизиска серија од десет, а најмалку од шест епизоди. Го направив и сценариото и учествував на анонимниот конкурс во МТВ. Серијата беше добро оценета од жирито, но за жал, до снимање и нејзина реализација не дојде!

Содржина

[уреди | уреди извор]

На почетокот од романот се наоѓа следниов предговор:[1]

На Дафинка Н. за да знае:
она што никогаш нема да дојде,
а кон кое упорно чекориме,
нè прави силни во животот.
А целта? Крај на борбата од која многу сме очекувале,
но малку сме добиле.

Авторот

Романот содржи 32 глави:

  1. Тешко прашање за оној што најмногу се сака - Кога момчињата почнуваат да се загледуваат во девојчињата - Љубовни тајни на дланките - Која е најлесната лекција од „физика“ за сите одделенија
  2. За бегалците од часови - „мртва природа“ за појадок „Кај чичко Стоилко“ - Лекарско оправдување од гинеколог за изгубените часови во училиште - Начин на јадење што може да биде заразен и смртоносен - Акробации во училишниот двор како начин на додворување - Какви суштества се девојките - Кога некој не е фудбалер, туку „друмска убавица“
  3. Продолжување на дијалогот што ја подгрева љубомората - елегантен старец што прогласува „првоборци“ - Некој прикриено ги следи „првоборците“ - Сеќавање на еден жесток „аплауз“ во нечие лице - Неочекуваниот бакнеж го пече образот - Некој прославува поради тоа
  4. Време кога девојките се „ни мали ни големи“ - Големите тајни тешко се доверуваат -Кога таткото не знае дека има ќерка што го носи неговото име - не му е лесно на оној што со раѓањето го оставиле пред нечиј праг - Низ животот што личи на филм храброста може да биде и лудост
  5. Првата средба со татковиот лик во стариот албум со фотографии - Кога таткото личи на момче со мотор што лудо вози низ градот - Љубовта и по многу години не гасне лесно - Никогаш не се знае какво време ќе донесе ветрот
  6. Таа ноќ сонот заминуваше со ветрот - Некој доаѓа во сонот да ја помилува Марта - Кога спомените надоаѓаат, сонот заминува - Колку се лажни соништата
  7. Најтажната ученичка во училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ - „Кардиолошка“ состојба во седмо-седум - Како се додворуваат девојчињата - Сендвич за девојчето што не излегува на одмор - Тајната и некој друг ја дознава - Возењето на мотор не е здрав спорт
  8. Повратник од Швајцарија - Оној што ја сака Марта настојува да и` помогне да си го пронајде татка си - Вујко му на Борко не може да помогне во разрешувањето на загатката - Швајцарија е земја каде што владее ред
  9. Како да се врати изгубената радост - Не насети Марта дека некој ја следи во паркот - Каратист против тројца силеџии - Пријателство со оној што влезе во борба за да ја одбрани - Со цвет во раката поинаку се размислува - Нова страница во дневникот
  10. Краток извештај: операцијата успешна, пациентот жив и здрав - Глумци што можат да играат во секој филм од Хичкок - Јунак од филмовите на француското подземје - Дали е „лесен“ женскиот свет
  11. Адреса од Швајцарија што може нешто да промени и да ја разреши загатката - Нервозен телефонски разговор помеѓу Марта и Борко - За вистинска љубов се потребни двајца, а од љубовта се раѓа љубомората - Добро е да се има силен и бестрашен пријател
  12. Кога се чека да помине Марта за в училиште - Дедо Илија забележал во паркот „дива дружина“ со мотори на чело со некој водач „Билмез“ - Нешто што не мириса на јунаштво - Кавалерско однесување кон сосетката Стефанија
  13. Нова девојка меѓу младите кај фонтаната - Нема да помине Марта таму каде што Борко ја чекаше - Како може да се задоцни в училиште - Причината за задоцнувањето треба да се нацрта во блокот по ликовно воспитување
  14. Зошто Марта тој ден не сакаше да ја придружува Борко - Дрдорливата Емилија го упати Борко кај фонтаната - Кога помислуваш дека и очите те лажат - Час кога ти се причинува дека сè одеднаш си изгубил - Ништо не им можеш на солзите што не можат да запрат
  15. Дали од настинка може да се умре - Била љубов за еден ден, а најдолго за една пролет, зашто една љубов покрива друга - Љубовта најчесто е заблуда - Страшно е чувството што има едно име: љубомора
  16. Секој за својот товар си мисли дека е најтежок - Животот е фурија и не знаеш каде ќе те одвлече - Треба да се одржи главата високо исправена
  17. Писмо до Марта од Швајцарија - Кога претседателот заборава дека е претседател - Непристојно е да се отвораат туѓи писма - Дали Марта навистина го сака Витан - Кога некој има долг јазик од овде до Америка - Фалсификат-печат за слободната карта од Емилија - Зошто Борко стана обична егзотична билка
  18. Писмо што срцето само го пишува - Како ќе поверува некој дека има ќерка што сака да го види, а тој не ја познава - Дали зад сето тоа се крие и друга тајна - Колку се рамнодушни луѓето што работаат на шалтерите
  19. Важни сознанија за витештвото на Витан од сигурни извори - Подмолен начин на освојување девојки - Се групираат само оние што се слаби сами да дејствуваат - Сите податоци зборуваат дека витезот е лажен
  20. Дедо Илија го нема под липите - Борко се распрашува за неговото исчезнување - Кога некои нешта не можат да се објаснат - Како да сфати Марта дека „витезот е лажен“ - Вратите на вистината не можат да останат затворени
  21. Некој се врати од Азурниот брег - Средба во летната бавча на хотелот „Турист“ - Треба јуначки да се страда, а гордоста не се валка - Кога Марта ќе се дотера, блеска како липа - Како се заборава „аплаузот“
  22. Однесувањето на Марта в училиште станува сè понеобично - Кога сонцето е далеку на часот по хемија - Некој Марта ја прогласува за јунак на часот - „Фото-шок“ за Марта по предметот хемија - Вонреден „Бал на вампирите“ за седмо-седум
  23. Кога ноќите се долги - Дали Марта може нешто да ја изненади - Кого го голтна месечината - Каков воспитувач може да биде улицата - Како може да се избега од сонот -Марширање по кујната за вечера
  24. Надежта никогаш не треба да се изгуби - Кога на Витезот в очи му се кажува дека е лажен - Час кога битката се губи од неочекуваниот противник - Крв по лицето на новиот јунак кај фонтаната - Никој не знае дека станал јунак - Мајка ѝ трага да ја пронајде Марта
  25. Мајка му на Витан сака да ја запознае Марта - Влегување во неуреден стан - Марта доцна ја сфаќа измамата - Спасувачко ѕвонење на вратата - Препознавање на силеџиите - Фосили на заедничка фотографија - Скршено огледало
  26. Марта залудно го бара Борко кај фонтаната - Средба што не слути на добро - Дијалог што на мајката не ѝ се допаѓа - Кога е некој очаен не се остава сам - Исечена коса пред огледалото - Мајчиниот крик ја исполнува собата од Марта - Треба најбрзо да се стигне до болницата
  27. Кога квалитетот на бозата бил подобар - Борко искрено си признава дека не му се учи - Сите славни сликари имале некоја несреќна љубов - Портрет на Марта по сеќавање - Некој го бара Борко по телефон - Со цвеќе в рака кон болницата - Секоја глупост мора да се плати - На Борко пак очите му беа влажни
  28. Марта дури сега сфати дека сите ја сакаат - Блиску е сонцето штом доаѓа убавата Ана во посета - Како единицата станува „четири на пет“ - Необично писмо адресирано за Марта - Цутот на липите е граница меѓу пролетта и летото
  29. Треба да се знае да се живее - Некој тагуваше по косата од Марта - Дали е пресудна старата слава за успехот в училиште - Не можеш да го изгубиш она што си го немал - Среќата доаѓа преку бубамарата
  30. Доаѓањето на Марта, празник во станот - Елегантно облечен човек во автомобил со странска регистрација - Кога миксерот паѓа од рацете на изненадената мајка - Писмото од Марта и солзи во мјачините очи - Писмо на кое не може да се напише одговор . . .
  31. Кога се напушта болницата и срцето пее - Подготовка за значајна средба - Говорот на тајниот глас на крвта - Пријателите треба да се поздравуваат - Предлог на госпоѓицата Марта до господинот Мартин Горски за лудување со мотор - Одговорот на писмото е насмеан и убав, со зелени очи - Кога смеењето е здраво

Кога мајка ѝ отишла да ја разбуди Марта, во нејзиниот споменар го прочитала прашањето: „Мамо, кажи ми кој ми е татко?“ Целото утро, Марта размислувала за татко ѝ и за неговото отсуство. Во дворот на нејзиното училиште постојано доаѓало згодното момче Витан, наречено Витез, кое ѝ се додворувало на Марта, изведувајќи акробации со моторот. Кога се враќала од училиштето, Марта се потсетила на еден настан кога момчето Стево ја нарекол „копиле“ и кога дошла дома, повторно ја прашала мајка си за нејзиниот татко. Тогаш, таа дознала дека татко ѝ е жив, дека се вика Мартин Горски, но дека не знае дека има ќерка. Мајка ѝ на Марта и Мартин учеле во истото училиште во Битола, а кога сакале да се венчаат, неговите родители не се согласиле, зашто таа биал сираче. Затоа, таа се преселила во Скопје, каде ја родила Марта, без да знае Мартин. Оттогаш, Марта била многу тажна и копнеела по татко си, кој живеел во Швајцарија. Вујко му на Борко, добар другар на Марта, кој исто така живеел во Швајцарија, му кажал дека постои можност да се најдат информации за секој жител во таа земја.

Еднаш, Марта шетала во паркот и ја нападнале две момчиња, но Витез храбро ја одбранил и така тој станал јунак во нејзините очи. Меѓутоа, дедо Илија ги видел Витез и момчињата како се договараат пред нападот и му кажал на Борко, кој заклучил дека јунаштвото на Витез било лажно. Потоа, Марта сè почесто била во друштво со Витез и неговите другари, а се оддалечила од Борко. Од Швајцарија пристигнала информацијата дека Мартин Горски живеел во Цирих. Истовремено се влошиле нејзиниот успех и однесување во училиштето. Еден ден, Витез ја поканил Марта во својот дом и се обидел да ја натера на сексуален однос, но таа успеала да побегне, а потоа, во својот дом се обидела да изврши самоубиство така што испила многу апчиња. Сепак, неа ја пронашла мајка ѝ, која ја однела на болница и така Марта останала жива. Додека лежела во болницата, неа ја посетиле училишните другари и неколку наставници и така Марта сфатила колку е сакана. Откако Марта била отпуштена од болницата, еден ден се појавил нејзиниот татко, кој останал да живее со неа и со мајка ѝ.[1]

Изданија на книгата

[уреди | уреди извор]

Романот „Марта“ има доживеано повеќе изданија, како:

  1. 1,0 1,1 Горјан Петревски, Марта, Детска радост, Скопје, 2006.
  2. Горјан Петревски, Марта, Скопје: М-Графика, 2001.
  3. Горјан Петревски, Марта, Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2006.